Половина година корона-вакцини: европски биланс
29 јуни 2021Каков успех беше тоа кога Европската комисија неколку дена пред Божиќ ја одобри за употреба корона вакцината на Бионтек/Фајзер и на 27 декември повеќето ЕУ земји започнаа со вакцинација. Оттогаш милиони дози од неа се веќе аплицирани низ Европа, а во меѓувреме во Европската унија беа одобрени и вакцините на Астра Зенека, Модерна и Џонсон и Џонсон. Во кои земји кампањата за вакцинација се одвиваше добро, а каде имаше проблеми и процесот беше бавен?
Германија
Едит Квоизала, 101 годишна старица која живее во старечки дом во Саксонија Анхалт, беше првата во Германија која прими вакцина за заштита од Ковид-19. И тоа еден ден пред официјалниот старт на вакцинацијата закажан за 27 декември. Но, вакцинацијата во Германија се одвиваше бавно, бидејќи од различни причини имаше недостаток на вакцини.
Повеќе:
-Вакцинацијата почна, многу прашања сѐ уште без одговор
-Надеж и скепса на почетокот на вакцинирањето во Германија
- Лоша кладба: Германците ја немаат вакцината која ја направија
На почетокот се вакцинираше само во набрзина поставени центри за вакцинација, а потоа тоа почнаа да го прават и матичните лекари. Првите недели и месеци министерот за здравство Јенс Шпан сигурно имаше неколку непроспиени ноќи бидејќи кампањата за вакцинација на почетокот беше близу до фијаско. Многумина кои сакаа да се вакцинираат се жалеа на хаос во закажувањето термини и долги часови чекање на телефонските инфо-линии.
Обвинувањата на сметка на политиката гласеа – за разлика од САД, Европската комисија пропушти навреме да нарача доволно вакцини додека тие беа сè уште во тест фаза. Германската канцеларка Ангела Меркел ја презема кампањата за вакцинација во свои раце и свика неколку “самити за вакцинација“ – додуша без видлив успех. Дури во вториот квартал од годинава вакцинацијата се забрза. Според податоците од Роберт Кох институтот во моментов половина од населението во Германија има примено барем по една доза.
Франција
„Премногу сме бавни, компликувани и бирократски. Мора да бидеме побрзи“, изјави претседателот на втората по големина држава во ЕУ, Емануел Макрон, прилично самокритично на самитот на крајот на март, на кој меѓу другото се разговараше и за распределбата на вакцини во Европската унија. И во Франција вакцинацијата се подобруваше од месец во месец. Исто како и во други земји имаше приоритетни листи на за вакцинација според старост и ризични групи.
Од 1 јуни во Франција може да се вакцинираат сите возрасни, додека од 15 јуни дозволена е вакцинација и на деца над 12 години. Според извештаите интересот е огромен, но процесот е добро организиран. До сега во Франција се аплицирани 50 милиони дози, а една четвртина од населението има примено по две дози. Неуспех за „Големата нација“ е тоа што сè уште не успеа да извади своја вакцина против корона на пазарот. Вакцината на францускиот концерн Санофи е сè уште во тест-фаза.
Италија
Сликите од Бергамо од минатата пролет делуваа предупредувачки и отрезнувачки – редици пред болниците, истоштени лекари и медицински сестри, преполни одделенија за интензивна нега и цели сали со ковчези на починати од корона. Провинцијата во Северна Италија беше меѓу првите жаришта на корона на континентот. По ова следеа строги мерки и карантин – надежта за вакцините беше разбирливо голема. Во меѓувреме 17 од 60 милиони Италијанци се целосно вакцинирани.
Но, се чини подготвеноста за вакцинирање опаѓа јужно од Алпите. Минатата недела премиерот Марио Драги се чувствуваше принуден да апелира. „Најлошо што може да направите е да не се вакцинирате или да примите само една доза,“ рече Драги.
Според експертите причина за опаднатиот интерес е одлуката на владата поради ретки фатални последици вакцината на Астра Зенека да им се препорачува само на постари од 60 години, што кај многумина предизвика недоверба. Многу Италијанци кои беа вакцинирани со Астра Зенека мораа да добијат различна вакцина како втора доза. Дури и премиерот Драги призна дека и во неговиот случај било така.
Малта
Мала, ама за пофалба. Најмалата држава во Европа е првак во однос на вакцинирањето. Веќе кон крајот на мај министерпт за здравство, Крис Фирне, објави дека Малта ја постигнала прелиминарната цел да се вакцинираат 70 проценти од населението како прва земја во Европа. Експерти сметаат дека кога ќе се достигне тој праг се постигнува т.н. имунитет на стадо. Но, како и успеа на Малта тој подвиг? Малта исто така започна со вакцинацијата во декември минатата година и немаше посебни договори со производителите. Но, тамошната влада реагираше брзо за нарачки на количини кои останале неподигнати од други држави. А, во мала земја како Малта со 440 илјади жители и мал екстра контингент прави голема разлика. Покрај тоа во помала земја се пократки патиштата на дистрибуција, а и се друго е полесно да се организира. Успехот и овозможи на Малта да воведе олабавувања за кои други земји може само да сонуваат. Тоа раѓа надежи за туристичкиот сектор на медитеранскиот остров. Малта за претстојната сезона сака да се профилира како безбедна туристичка дестинација.
Велика Британија
Во јануари 2020, нешто пред почетокот на корона кризата, Велика Британија ја напушти ЕУ и затоа за време на пандемијата си тераше своја политика. Веќе на 8 декември, три недели пред ЕУ, Британците започнаа со вакцинацијата, пред се со вакцината на Астра Зенека. Од тогаш Европа без завист мора да признае дека британската кампања за вакцинација е голем успех.
Една од причините е што Велика Британија не е врзана на постапките за одобрение на вакцините и квотите за распределба на Европската комисија. Половина од Британците се вакцинирани со две дози, а околу 80 проценти имаат добиено барем по една доза. Појавата на делта варијантата уште повеќе ја зголеми подготвеноста за вакцинација во земјата. Од 18 јуни може сите лица над 18 години да се пријават за термин, повеќе од еден милион термини се дадени за само два дена по укинувањето на приоретизирањето по возрасни групи. Но, тоа не значи враќање во слобода за Британците. Заради делта варијантата која се шири пред се меѓу млади луѓе за 21 јуни планираното укинување на рестрикциите премиерот Борис Џонсон го помести за четири недели.
Бугарија
Последна во Европа во однос на вакцинирањето е Бугарија. Иако министерот за здравство Костадин Ангелов на 27 декември пред камери се вакцинираше како прв бугарски граѓанин воопшто, но очигледно ни тоа не придонело многу за пораст на довербата меѓу населението. Многу Бугари и натаму се скептични.
Здравствениот систем во Бугарија, една од најсиромашните земји во ЕУ, е релативно слаб. Тоа објаснува зошто надпросечно многу лица заразени со Ковид-19 починаа како последица од болеста. Според Џон Хопкинс универзитетот Бугарија со четири проценти има најголема стапка на смртност во рамки на ЕУ. Експертите забележуваат дека стручните медицински лица ја напуштиле земјата за да работат на запад. Според податоци на "Светот во бројки", дата база на универзитетот Оксфорд, едвај над десет проценти од Бугарите се вакцинирани. Колку сограќани ќе им се приклучат со оглед на скепсата во однос на вакцините, е неизвесно.