1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата и родителите - таму каде што излегуваат малолетницитe

Милчо Јованоски5 август 2012

Македонското МВР стартуваше со проектот „Мешани патроли“. Тимови од родители и полицајци претежно во викнед ќе ги надгледуваат малолетниците по кафетериите и ноќните клубови низ Македонија. Како мина патролата во Охрид?

https://p.dw.com/p/15kBJ
Фотографија: DW

Со ист концепт и цел, во различни термини низ Македонија започнаа да функционираат патролите од родители и полицајци. Охрид - туристичкиот центар, особено во лето со разновидната забава е магнет за младите. Јавноста со одобрување ја прифати идејата за мешаните патроли. Родителите и полицајците, обединети ќе ги обиколуваат местата на кои најчесто излегуваат нивните деца, регистрирајќи ги евентуалните ризици, за малолетниците да не се навлечат на низата девијантни појави. Дрогата, алкохолот и тепачките се нештата од кои родителите најчесто се плашат за сопствените деца.

Сабота е 22 часот. Во Секторот за внатрешни работи во Охрид заедно полицајците од одделението за превенција и претставници од советите на родители од основните и средните училишта дебатираат како да се прекине појавата од доцното ноќно излегување на малолетниците. Патролите пред полноќ во две групи во кои има и новинарски екипи и камери излегуваат на терен.

Владимир Битраков е еден од оние родители кои откако слушнале за патролата сам се пријавил да биде дел од неа: „Мислам дека оваа идеја може да биде превентивно интересна пред се’ за тинејџерите. Како родител на три деца од кои првото – девојчето има 16 години, иако и’ верувам, често сум во ситуација да не знам каде конкретно се наоѓа. Предлагам контролите да бидат зачестени. Така сите ќе се чувствуваме поспокојни. Јас и останатите родители најчесто се плашиме од преголемата агресивност меѓу младите, лажните вредности и идоли“.

Mazedonien Ohrid Nachtleben
Полицијата и родителите разговараат со младитеФотографија: DW

Едни на плоштадот – други по плажите и ноќните клубови

По планот еден од тимовите ги обиколуваше кафетериите и клубовите во срцето на Охрид, а другиот излезе кон бучните и преку цела ноќ преполни летни плажи и дискотеки. Туристите и охриѓани изненадено гледаа на нашето движење низ старата чаршија. Околу нас прегласна музика, алкохол и цигари. Екипите имаа само превентивна задача. На полицијата и се познати критичните места на забава. Сега родителите поддржани од полицијата можеа дирекно да видат каде и како нивните малолетни деца го трошат слободното време. Полицајците и родителите разговараа со сопствениците напоменувајќи им дека малолетници после полноќ е забрането да се во нивните објекти.

Но профитот сигурно им е поважен од кршењето на законите, забраните и прописите. Во многу локали од око можеше да се претпостави дека „врие“ од малолетници. Во некои, малолетници беа келнери. Родителите добро ги знаат локациите, а понекаде и препознаваат врсници на нивните деца. Темното предворје на Света Софија кога нема приредби на Охридско лето е скришното место за ноќните сеанси и пијанки. Неколку групи деца фатени на дело бараат да престане снимањето. Други забележувајќи ја патролата избегаа. Слична слика и на Сараиште, на самиот брег од езерото. Додека мешаната патрола ги проверуваше младите, буквално на десеттина метри од нив, малолетници со лименки пиво во рака коментираа: „Бегајте ќе не евидентираат. Но пострашно е ако ги викнат родителите“.

Децата се огледало на родителите, но не секогаш

„Моите деца се меѓу 16 и 18 години и се целна група на оние кои што ги шират негативните појави меѓу младите. Децата се огледало на родителите. За жал најголем дел од нас и не знаеме што се случува со нив кога излегуваат. Младите треба да се занимаваат со спорт и наука, да ги тргнеме од улицата да не ги воспитува таа, туку ние и општеството“, вели Рајко Домазетоски. Свесни сме дека треба да се поведе и поширока акција, за младите да се натераат да излегуваат многу порано и да се враќаат во едно пристојно време, велат останатите родители.

Radozda am Ohrid See Mazedonien
Плажите - омилено место за седенкиФотографија: Milco Jovanovski

И полициската статистика опоменува. Најголем број од негативните поведенија се регистрирани во терминот од полноќ до пет часот наутро. А тогаш се одвива целиот ноќен живот на младите во Македонија. „Видовме само мал дел од она што значи полициската работа на терен. Родителите се уверија на лице место во каков амбиент се нивните деца. Споредено за шест месеци, од ланските 29, годинава паднавме на само три прекршоци во однос на присуство на малолетници во објекти по полноќ. Тоа е доказ дека напорно сме работеле на планот на превенцијата. Кога се работи за малолетници досега не сме презеле репресивни мерки. Сопствениците на објектите во кои им се точело алкохол на малолетни се пријавени и изречени им се казни“, вели Тони Филипов, виш инспектор во одделението за превенција при СВР Охрид.

Се спојуваме со другата екипа и при ваквата рутинска и лежерна обиколка кај скејт паркот во Охрид. Тие пронашле мала количина џоинт кај малолетници. Веќе е два, а до ритуалот на младите со бурекот во пет, да се чека утрото има време. Опасностите демнат.