Политичкиот подем на „синот на гастaрбајтерот“
17 ноември 2008Џем Ездемир не е некој, кој поради своето турско потекло, бил подобро третиран. Ездемир е скромен човек и едноставно е политичар со мигрантско потекло, како што тоа се вели денес во Германија. Во 1994-та година, кога тој стана прв пратеник во Бундестагот од турско потекло, воодушевеноста од подемот на „синот на гастарбајтерот“ беше голема. Неговиот избор за партиски претседател на Зелените (сабота 15.11.2008), во меѓувреме, речиси и да не е ништо особено.
Ездемир го поседува неопходното искуство
Во говорот со кој ја истакна на кандидатурата за претседател напартијата, Ездемир делуваше борбено и јасно ги разграничи Зелените од партијата на Левицата, Либералите, Социјалдемократите како и Христијанските демократи. Тој ги истакна целите на партијата на Зелените нецела година пред изборите за Бундестагот и два месеци пред вонредното гласање во сојузната покраина Хесен. Дали сите негови визии ќе се исполнат, ќе покаже времето. Имено, Зелените сами не можат да се борат ни за укинувањето на атомската енергија во Германија, ниту за своите цели во политиката за подобра животна средина, а не можат ни сами да се справат со штетните влијанија на финансиската криза врз економијата и општеството.
Ездемир е обоен речиси со сите бои, со кои треба да биде обоен еден успешен политичар пред да може се искачи високо на партиската, покраинската и сојузната политичка сцена. Пред шест години речиси никој не можеше да предвиди толкав политички подем на Ездемир. По објавувањето на неколку афери Ездемир, имено, мораше да се откаже од пратеничкото место во Бундестагот. Но, тој веќе стекна големо искуство како портпарол на пратеничката група на Зелените за внатрешно политички прашања. Во Европскиот парламент тој ангажирано ги застапуваше Германија и германските Зелени. Меѓутоа пред неколку недели, Ездемир, истотака доживеа дека партиската база на Зелените не им постила црвен тепих до Берлин ни на толку еминентни претставници на партијата како што е тој. Имено, Ездемир остана надвор од трката за место на кандидатската листа за изборите за Бундестагот што ја предложи неговата партија од покраината Баден-Виртенберг.
Импулс за политичарите од мигрантско потекло
Значи сега, Џем Ездемир заедно со вториот член на традиционалното двојно претседателство на Зелените, Клаудија Рот ја носи одговорноста за партијата. Тој не може да се потпре на бонусот на извонредна лична харизма, бидејќи не ја поседува. Меѓутоа тој ја има довербата на неговата партија, која сака да биде повеќе од само помалиот партнер за составување на коалициите во покраинските парламенти и во Бундестагот. Пред претседателскиот двоец на Зелените значи стои огромна работа.
Во говорот по изборот, Ездемир кратко им се заблагодари и на родителите. Неговиот татко дошол во Германија во 1963-та година како класичен гастарбајтер и и’ припаѓал на генерацијата која ги засука ракавите и учествуваше во обновата на Германија. Кариерата на Ездемир би можела да биде импулс за подобра застапеност на луѓето со мигрантско потекло во парламентите на покраините во Германија но и во сојузниот парламент Бундестагот и за барањата за нивна поголема партиципација во одлуките- доколку тие исто како и Џем Ездемир се поистоветуваат со вредностите на Германија и на демократијата од европски ков.