1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката ги подели и празниците

Катерина Блажевска23 октомври 2013

Празниците не треба да се партизираат, а меѓупартиските несогласувања треба да се остават настрана, кога треба да им се оддаде почит на генерациите или настаните кои се чествуваат, велат историчарите. Зошто не е така?

https://p.dw.com/p/1A4lI
Фотографија: MIA

Малкумина се оние што денеска точно ќе одговорат на прашањето - што прославува Македонија на 23 октомври? Денот на македонската револуционерна борба, во покуса варијанта е „нострифициран“ како Ден на ВМРО, а во јавноста уверливо и тривијално се доживува како „Ден на ВМРО-ДПМНЕ“. Политичарите од опозицијата велат дека политиката замешала прсти и во чествувањето на историските датуми. Но, на ВМРО-ДПМНЕ и не и‘ е тешко да го „присвои“ празникот, ако други партии сами се откажуваат од повидливо учество во неговото одбележување. СДСМ целосно „инвестира“ во градењето на таа слика. Велат дека ќе им го честитаат празникот на граѓаните, но нема да имаат посебни активности.

„Секој национален празник што треба да значи обединување на граѓаните околу националните интереси и почит на настаните од суштинско значење за историјата на секој народ, во нормална држава се утврдува со политички и национален консензус. Недозволиво е со наметнување партиска волја да се прогласи државен празник“, велат од СДСМ.

Од партијата алудираат на фактот дека овој празник е воведен веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ заради тесен партиски интерес ја присвои и монополизира историјата на ВМРО, што не и‘ припаѓа само на оваа партија. На таков начин го прогласија и 23 oктомври за државен празник. СДСМ нема да поддржува партиски прослави, туку секогаш ќе ги чествува, со должна почит сите историски настани и личности што придонесле за македонската државност“, објаснуваат социјалдемократите.

Проблем - историскиот предзнак

Како еден датум со голема важност за македонскиот народ толку брзо доби еднопартиски предзнак? Социолозите немаат дефиниција за овој македонски феномен, но сметаат дека грешката е направена во периодот на осамостојувањето на Македонија, кога се дозволило партиите во своето име да си додадат историски предзнак, кој во случајов, има огромно значење за цел еден народ. Партиите со предзнак ВМРО, сметаат на политички обрт по таа основа. Но, она што не е истражено е какви и колкави ќе бидат последиците од таквите односи и поделби, вели социологот Илија Ацевски.

„Не се знае колку длабоко и во кои се сфери може да навлезе раздвојувањето на ткивото на македонскиот народ, и преку спомениците и преку празниците, а тоа се прави, пред се‘, од прагматични причини, за книжење поени на партиско конто. За жал, досега не е направена ниту едно истражување на таа тема. Останува впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ како десница ги акцентира или 'присвојува' доминантно настаните од предилинденскиот, илинденскиот и периодот потоа, за разлика од периодот на Народноослободителната војна, која не била борба само на комунистите, туку, народна и антифашистичка“, вели Ацески.

Skopje 2014 Makedonija
Малкумина се оние што денеска точно ќе одговорат на прашањето - што прославува Македонија на 23 октомври?Фотографија: DW

Чин на обединување

Одбележувањето на државните празници е чин кој по дефиниција треба да ги обединува граѓаните и нивните политички елити. Државните празници не треба да се партизираат, а меѓупартиските дискусии и дебати и несогласувања треба да се остават настрана, кога треба да им се оддаде почит на генерациите или настаните кои се чествуваат, порачува историчарот Тодор Чепреганов.

„Меѓутоа, по осамостојувањето на Македонија, како да е малку она другото, па стана практика и државните празници да ги делат политичките елити и граѓаните. Тоа е поделба која во својата основа носи непомирливи идеи и ставови. Наместо празник на сите, сведоци сме дека тие стануваат место на партиски чествувања. Како да не можеме да сфатиме дека единствено со меѓусебно почитување ја покажуваме и нашата почит кон нашата историја и култура. Покажувањето единство пред народот од страна на политичките елити, носи порака дека партиските ривалитети во еден момент треба да се заборават - за да се покаже единството пред споменот на минатото, а како залог за подобра иднина. Искуството на некои западни земји во однос на чествувањата треба само да ни бидат пример за тоа како треба да се заборават партиските интереси, во интерес на државните. Велика Британија е најдобар пример во однос на чествувањето на споменот на Првата светска војна и на други празници, кога сите се заедно и обединети околу заедничкото мементо“, објанува Чепреганов.

Pelister in Skopje
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Неговиот колега, историчарот Зоран Тодоровски, смета дека проблемот е идеолошката призма на партиската левица.

„23 октомври е празник на почетокот на организираното револуционерно движење. Не треба ни да се засенат, ни да се заборават и другите празници со кои се заокружи македонската револуционерна борба, а со која народот стигна до ослободување и сопствена македонска држава. Кај партиите не треба да има отпор од партиско-политички причини кон настани и личности кои се длабоко врежани во историјата на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ им дава еднаков третман на сите празнувања – и на оние подзаборавени, и на оние заборавени или премолчени. Партиите од опозицијата, пак, се‘ уште идеолошки гледаат на настаните и личностите од историјата и ги фаворизираат само левите и комунистичките организации и партии во историјата“, вели Тодоровски.

На прашањето - кои личности се негова прва асоцијација за 23 Октомври, Тодоровски без двоумење одговара: „Христо Татарчев и Даме Груев“.

Татарчев и Груев се дел од шестчлената група која на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, основале конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет, чии активности биле зачеток на организираното револуционерно движење за национално ослободување на македонскиот народ. Денес, 120 години подоцна, тешко ќе се најдат шестмина кои ќе се согласат за едно исто прашање. Па дури и за празнување.