Политика, моќ и борба за превласт околу украинската црква
8 септември 2018Настојувањата на Украина за црковна независност од Русија се во финална фаза. На 31. август годинава рускиот патријарх Кирил лично отпатува во Истанбул да го посети патријархот Вартоломеј, веројатно за да изврши притисок да не го одобри барањето на Киев.
Кирил бара врховен авторитет врз православните верници во Украина. Верниците пак, се поделени меѓу полу-автономна црква лојална на Москва и Кирил, и меѓу црквата предводена од непризнаениот украински патријарх Филарет. Борбата во источна Украина го засили несогласувањето и предизвика пратениците од Киев да се вклучат во спорот. Тие и претседателот Петро Порошенко неодамна побараа од патријархот Вартоломеј да ја признае автокефалноста на Украинската црква.
За нештата да бидат уште покомпликувани, Украина има и трета православна црква која се појавила уште во 20-тите години на минатиот век како реакција на советската репресија.
Кој е задолжен за верниците во Украина?
Украинските власти се надеваат дека патријархот Вартоломеј ќе одобри автокефалност и целосна црковна самостојност на црквата предводена од Киев.
Вартоломеј се смета за „прв меѓу еднаквите" и традиционално ужива авторитет меѓу неговите колеги од другите нации. Тој е носител на титулата екуменски патријарх, што значи дека тој претставува одреден број православни цркви.
Според германскиот експерт Јоханес Елдеман, директор на Екуменскиот институт Јохан Адам Мелер во Падерборн, патријаршијата на Вартоломеј историски одржува добри релации со Киев. Пред многу векови, црквата во Киев била под јурисдикција на константинополската патријаршија.
„Актуелниот спор е за тоа дали украинската црква дефинитивно преминала под московска јурисдикција во 17. век, или сепак Константинопол е надлежен за Киев," вели Елдеман.
Не изненадува тоа што Московската патријаршија смета дека има надлежност над верниците во Украина. Некои од нивните верски водачи предупредиле дека автокефалноста може да предизвика поделба во православниот свет. Сепак, московскиот црковен врв засега не зазема официјален став околу спорот.
Борба за моќ која трае со векови
Одлуката за Украина ќе влијае и на долготрајните тензии меѓу двата центри на религиска моќ, Москва и Истанбул. Рускиот патријарх традиционално има помал авторитет од неговиот колега во Истанбул, но сепак е директно надлежен за 150 милиони православни верници, односно половина од сите православни верници на светот.
Историјата нуди објаснување за ривалството, смета Јоханес Елдеман.
„Со текот на времето, двете патријаршии прераснале во имеперијалистички структури, кои или зависеле од Русите, или од Византиското царство со што не биле надлежни само за Грците или Русите, туку и за други верници кои живееле во таа област на канонско право. Тоа предизвикало тензии кои се присутни до ден денешен, иако тие две империи веќе не постојат во таа форма", вели тој за ДВ.
„Црквите сеуште имаат амбиции да влијаат на нивните територии, а на некои места тие се преклопуваат, при што Украина е најголемата."
Патријаршијата од Константинопол веќе се судри со Москва за православните верници во други поранешни советски републики, како Естонија. На крајот двете патријаршии основаа паралелни црковни хиерархии во државата.
Повеќе:
Кризата на Крим ја подели и црквата
Вартоломеј сака да го премости јазот
Патријархот Бартоломеј, според Елдеман, досега покажал голема заинтересираност за единство на црквата и направил пријателски гестови спрема руската црква. Вартоломеј е посветен на градење мостови и со христијани кои не се православни верници.
„Особено кога станува збор за римокатоличката црква, тој има блиски односи со папата Франциско," вели германскиот експерт.
Сепак, Елдеман смета дека би било проблематично да се постигне компримис во духот на естонскиот договор, бидејќи во Украина има три цркви кои се борат за превласт.
„Прашањето ќе биде, ако се даде автокефалност на една црква, која ќе биде?" истакна тој за ДВ. „Не верувам дека било која од нив вистински го заслужува тоа."
„Москва силно ќе се спротиставува на автокефалност на Киевската патријаршија бидејќи е предводена од патријархот Филарет, а тој е екскомунициран од московската."
Од друга страна, да се основа нова украинска црква и да ѝ се даде независност веројатно ќе доведе до нови поделби, изјави тој.
Одлуката за автокефалноста на украинската црква најрано може да биде донесена во септември 2018. година, според информации на властите во Киев.