Покерот околу „Опел“ продолжува!
29 мај 2009Концернот „Фиат“ соопшти дека не сака да влегува во никакви ризици. Агенцијата Ројтерс пак пренесува, од владини кругови, дека „Фиат“ и натаму е заинтересиран и учествува во преговорите, зашто тема денеска не е конечен договор со инвеститорите, туку моделот на доверител и преодното финансирање на фирмата „Опел“. Според весникот „Билд“, пак, и австриско-канадскиот лиферант „Магна“ се наоѓа кратко пред откажување на преговорите за преземање на „Опел“.
Продолжение по неуспехот во четвртокот
Новата кризна рунда разговори за судбината на „Опел“ во Берлин се одржува денеска, откако претходната, во четвртокот ноќта, пропадна поради финансиска дупка од 300 милиони евра. Двајцата тогашни преостанати инвеститори, италијанскиот концерн „Фиат“ и австриско-канадскиот лиферант „Магна“, до денеска попладне требаше да ги усогласат преддоговорите со сопственикот на „Опел“, американскиот автоконцерн „Џенерал моторс“. Така гласи ултиматумот на германската влада. Утрово „Фиат“ отстапи, концернот не може да влегува во вонредни ризици поради вонредна состојба, изјави шефот Серџо Маркионе. Но, „Фиат“ останува во основа отворен за натамошни разговори со сите учесници.
„Џенерал моторс“ со изненадувачки барања
Германскиот министер за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг потенцираше дека нема да дозволи да биде ставен под притисок. Оној кој влегува во преговори со САД и тамошни фирми знае дека таму покерот трае до самиот крај, вели министерот.
Првата преговарачка рунда во четвртокот ноќта заврши без резултат, откако сопственикот на „Опел“, „Џенерал моторс“, ненадејно побара дополнителни повеќе од 300 милиони евра. Покрај тоа, германската влада нема сигурност за државно гарантираниот кредит од 1,5 милијарди евра, со кој би се премостил периодот додека да се најде купувач за „Опел“.
Германскиот министер за труд Олаф Шолц во неговата изјава за весникот „Берлинер цајтунг“ на „Магна“ и‘ дава најдобри шанси за преземање на „Опел“.
„’Магна’ разбира понешто од автомобилски бизнис. Освен тоа, можниот инвеститор има јасни финансиско-политички претстави и во секое време е подготвен за договор. Германската влада сега од ’Џенерал моторс’ очекува да придонесе за неговиот дел за успех на преговорите“, објаснува Шолц.
Инсолвентност на „Опел“, што министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг не исклучува, не е никаква опција, смета Шолц. И при спас на „Опел“, би било неодминливо социјално подносливо затворање на работни места, вели Шолц.
Меркел-да се избегне инсолвентност на „Опел“
Против инсолвентност на „Опел“ се изјасни денеска и канцеларката Ангела Меркел, таа тврди дека владата и натаму ќе прави напори тоа да го избегне. Но, директно учество на државата во „Опел“ не доаѓа во прашање. Канцеларката Меркел исто така го критикуваше односот на американската влада и бара подобра соработка со неа. Во едно се единствени сите германски политичари, времето притиска, зашто „Џенерал моторс“ веројатно многу скоро ќе објави и самиот несолвентност. Германската влада сака да го спаси „Опел“ претходно, автопроизводителот вработува околу 25 илјади луѓе.
Автор: ЖА/АТ/дпа/афп/ројтерс/билд
Редактор: Александра Трајковска