1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огнени стихии пустошат кај Кочани и во Кумановско

ДТЗ
2 август 2021

Загрижувачка е ситуацијата кај Кочани, каде огнот се спушта кон градот, како и над Кокино и кај битолско Новаци.

https://p.dw.com/p/3yRvr
Türkei | Waldbrände | Marmaris
Фотографија: Yasin Akgül/AFP/Getty Images

Дирекцијата за заштита и спасување се мобилизира за гаснење на неколку пожари коишто беснеат во Северна Македонија и се закануваат да се спуштат до населените места. Огнените јазици се приближуваат до градот Кочани, каде веќе неколку дена жителите немаат мир од огнот.

Загрижувачка е ситуацијата и во Кумановско, кај Старо Нагоричане, каде што во текот на денот со асистенција на армиски хеликоптер беше гаснет огнот. Пожарот веќе втор ден беснее над Кокино, каде е зафатена борова, дабова нискостеблеста шума, поголема површина.

„Проблематичен е и пожарот кај Новаци, Битола. Дадена е наредба за мобилизација на сите капацитети на Дирекцијата за спасување и тие во текот на ноќта ќе бидат на терен, во обид да се стават под контрола пожарите коишто се активни на неколку локации“, вели за ДВ првиот човек на Дирекција за заштита и спасување, Беким Максути.

-повеќе на темата: Состојбата со пожарите се влошува: Почна да гори Кочани

Во гаснењето на пожарот ќе се вклучат и припадници на АРМ од Штип, кои веќе се упатени на терен, како и локалното население и противпожарни возила од Скопје, но и од другите градови.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на Фејсбук напиша дека дал наредба за ангажман на Армијата со целосен капацитет, а утре наутро напомош во Кочани ќе заминат воздухопловите кои денеска интервенирале во Старо Нагоричане. 

Исклучително сериозна е ситуацијата со пожарот кај Кочани. Пламените јазици стигнаа до градот. „Градот ќе се запали, има ли некој да помогне“, се вели во апелите на граѓаните кои преку социјалните мрежи споделуваат страотни фотографии и видеа од огнената стихија, која што се заканува да уништи многу домови.

Противпожарни возила како олд-тајмери

Попладнево избувнаа два пожара во ридско-планинското подрачје околу Кочани кои зафатија десетици хектари шума, нискостеблести растенија и лозови насади.Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири во западниот дел над градот.  Максути вели дека станува збор за пожар којшто бил активен пред неколку дена и се проширил од другата страна на градот. 

Поради слабата видливот, во текот на вечерните часови не ќе може да интервенираат армиските хеликоптери за гаснење на пожарот. Авионите на Дирекцијата за спасување сѐ уште се на сервисирање и до крајот на неделата се очекува информација кога би можеле да бидат ставени во функција.