Подобро преговори една година, отколку војна макар и еден ден
7 јуни 2013Балканот и натаму останува буре барут, со трагична историја зад себе. Научниците и експертите, учесници на конференцијата за безбедност во Охрид, не негираат дека конфликти во иднина не се можни, но се уверени дека крвавите војни се минато. „Не постојат општества без конфликти. Кога има јаз меѓу богатите и сиромашните, вработени и невработени, ако еден има џамија, а друг црква, конфликтите се можни. Не смееме да дозволиме тие да се претворат во конфликити кои се решаваат со оружје “, вели доктор Јордан Спасески. од Факултетот за безбедност во Скопје.
„Со помош на современите комуникациски технологии научивме да комуницираме со луѓе кои се на различни краеви од светот, а тешко наоѓаме начин како да комуницираме со луѓето кои се до нас, само и само поради нивната различна етничка припадност. Разликите предизвикуваат дискриминација и во голем дел од државите и нештата се вртат во еден апокалиптичен круг“, објаснува доктор Пере Аслимоски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
Ништо не е повредно од човечки живот
Етничките конфликти на Балканот беа и се‘ уште се товар за луѓето од регионот. „За жал бевме сведоци на крвави конфликити во нашата блиска историја. И ние од Балканов сме можеби најдобриот пример како тие можат да се надминат. Дијалозите меѓу институциите и меѓу луѓето се важни. Политиката би требало да подзастане и да го слушне гласот на универзитетските заедници, чии ставови се базираат врз истражувачките проекти на теренот од Македонија до Хрватска. Недоразбирањата мора да се премостуваат преку разговори и меѓусебни отстапки. Подобро е да се преговара една година, отколку да се војува макар еден ден,“ смета доктор Неџат Корајлиќ од Факултетот за криминалистика во Сараево.
Проактивната филозофија и превенцијата - лек за кризите
„Длабоко сум уверен дека сите народи на Балканот се свесни дека крвавите конфликти не водат никаде. По нив нема победник, сите се поразени. Ништо не е повредно од згаснат човечки живот. И поради тоа сметам дека лекцијата е научена“, вели доктор Младен Бајагиќ од Криминалистичко полициската академија во Белград.
Секоја криза е различна. Мораме да развиеме проактивна филозофија како да влијаеме пред кризите, а не да реагираме кога тие ќе ни се случат. Во современите студии се развиваат новите пристапи на безбедност, велат научниците. Доктор Светлана Велјаноска од Правниот факултет во Кичево ја истакнува превентивната мисија на УНПРЕДЕП во Македонија, која во практика беше превентивна дипломатија. „За среќа УНПРЕДЕП во Македонија беше стабилизирачки фактор. И засега е единствена по својата превентивна улога, организирана од Советот за безбедност на ООН. Сите други ги гаснеа и гаснат кризните жаришта во регионот и светот“, вели таа.
ЕУ е гарант за стабилноста на Балканот
Западниот Балкан уште не излегол целосно од постконфликтниот период. Соработка во безбедноста е неопходна и за борбата против тероризмот и организираниот криминал. Ниту една држава не може да ги реши овие проблеми без соработка со другите. „Постојат позитивни политички процеси преку кои се гледа дека луѓето се трудат Балканот да добие ново лице, наспроти тоа што се случуваше во последната деценија од 20 век. Почитувањето на човековите права и слободи, различноста и мултиконфесионалноста во сопствените општества се нештата кои ќе не‘ поведат кон ЕУ“, смета доктор Бајагиќ.
Европската унија државите од Балканот ја доживуваат како гарант за безбедност. Некои од нив веќе се дел од нејзината архитектура, а други се пред нејзините врати, заглавени со недоразбирања кои Европа бара да ги решат пред да влезат во Унијата. „На меѓународната конференција во Охрид има околу 150 учесници од вкупно 15 земји од регионот, САД, Италија, Кина,Полска, Шведска и Холандија. Потпишавме договор за соработка со Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево, со кој ја заокружуваме соработката со сродни институции од регионов“, вели доктор Борис Мургоски, декан на Факултетот за безбедност во Скопје. Оваа високообразовна институција е домаќин на тридневната конференција која се одржува по четврти пат во Македонија.