1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за македонските мигранти во Германија

Силвера Падори-Кленке21 септември 2014

Во Советот за интеграција на Диселдорф прв потпретседател е Гоце Пероски, кој во разговор за ДВ вели дека ќе се ангажира за поголема застапеност на мигрантите со македонски корени во комуналната управа.

https://p.dw.com/p/1DDpA
Фотографија: Fotolia/DragonImages

Од неодамна, функцијата прв потпретседател на Советот за интеграција на Диселдорф му е доверена на Гоце Пероски, 33-годишен филолог роден во Баден-Виртемберг, и како вели и самиот, со длабоки македонски корени. Пероски е дете на македонски иселеници. Професионално и приватно живее со ангажманот за луѓето кои потекнуваат од Македонија, но и за сите мигранти кои живеат во Германија, независно од која страна на светот доаѓаат. Зашто, мошне добро знае колку е важно во една туѓа средина, да се најде вистинскиот пат, да се добие поддршка и човек да ја сочува самодовербата и желбата да ги реализира своите соништа и амбиции.

Во Советот за интеграција на Диселдорф Гоце беше кандидиран уште на пролетните локални избори преку т.н. „зелена отворена меѓународна листа“ на Партијата Сојуз 90 Зелени. Уште од пролетоска по изборите беше јасно дека Гоце, кој беше прв на листата, ќе биде еден од 19 членови на Советот за интеграција на Диселдорф (9 члена се по функција од Грдаскиот совет и 10 мина се избраници на граѓаните).

Goce Peroski und Katharina Kabata Integrationsrat Düsseldorf
Целосна поддршка за Македонците во Диселдорф. Гоце Пероски со колешката Катарина КабатаФотографија: privat

Креирање на политика!

Во моментов, во Германија функционираат околу 600 вакви совети за интеграција на комунално ниво. Дојче веле го прашува Гоце Пероски: колку со новата позиција ќе може да помогне во интегрирањето на Македонците во Германија?

„Во Диселдорф живеат над 4.900 граѓани со македонско потекло. Со оваа бројка македонската заедница е на десетото место по бројноста и претставува 2,3 проценти од вкупниот број граѓани со мигрантско потекло. Ова е значајна бројка. До сега за македонската заедница се ангажирав преку германско-македонскиот културен форум и Македонската обединета дијаспора во Германија, но од новата позиција, заедно со колегите од Советот, ќе можеме конкретно да ја креираме политиката на интеграција на граѓаните со доселеничко потекло во Диселдорф. На кој начин ова би се овозможило би посочил само еден пример. Ние сме во позиција и би можеле да бараме објаснување зошто во градската администрација има многу мал број вработени луѓе кои имаат странски корени? Процентот е само 1,5 колку што е и ширум Германија. Затоа преку Советот ќе влијаеме да се направи концепт на градот со кој оваа бројка би се зголемила. Сакам во оваа смисла да им помогнам на Македонците, но генерално и на сите доселеници, зашто сите ги делат истите проблеми, иако заедниците различно се снаоѓаат и аранжираат на средината“, објаснува Гоце Пероски.

Нови форми на организирање!

Диселдорф, е без сомнение еден од градовите во кој традиционално пред повеќе децении стасаа првите Македонци. Тоа беа времиња кога луѓето меѓусебно се дружеа, контактираа, кога функционираа клубовите, црковните општини. Едно од здруженијата од првата „генерација“ е секако „Гоце Делчев“. Тоа функционира и сега, но како забележува Пероски повеќе на „фолклорно ниво“. Во овие модерни времиња нема особен развој и не ги опфаќа луѓето од помладата генерација.

Infoveranstaltung Mein Beruf Meine Zukunft
Советот за интеграција ќе се заложи за поголемо прифаќање на мигрантите во градската администрацијаФотографија: Mousa Othman

„Вистина е дека ни се поребни нови форми на здружување. Една идеја би била на пример да се востановат редовни средби на заинтересирани лица со македонско потекло или новодојдени, на т.н. 'штамтиш'. Средби кои повеќе би биле неформални, но редовни, па луѓето би имале прилика меѓусебно да се запознаат, да разменат мислења, а зошто не заеднички да разрешат и некои тековни проблеми, кои од искуство ги има секој новодојден во Германија“, коментира Пероски.

Последниве две години е се' поголем бројот на високообразовани Македонци (лекари, инженери, информатичари) кои доаѓаат во различни делови од Германија. Факт е меѓутоа дека официјално никој не води евиденција, ниту грижа, колку луѓе тука доаѓаат, како се снаоѓаат, каква помош и поддршка им е потребна? Никој нема ниту претстава - дали овие луѓе сакаат воопшто да се дружат со своите сонародници и имаат ли волја и време за тоа?

„Јас професионално и лично сум мотивиран да ги запознам и да им помогнам на оние на кои тоа им е потребно. Имам и одредени контакти кои би можеле да бидат корисни и за секојдневието на новодојдените во Германија. Но, се' зависи од единката и е многу индивидуално. Има и вакви и такви. И луѓе кои сакаат да се дружат со слични како нив, но и други кои не се заинтересирани“, подвлекува Гоце според кого во Диселдорф има и други Македонци кои се подготвени да им помогнат на своите сонародници, наведувајќи ги максимално активните Илјо Скангалов и Игор Данаиловски. Пероски инаку иако е филолог (германист и англист) работи како проект-менаџер во „Цивик - Институт за меѓународна едукација“. Ангажиран е во Германија, но и во проекти на Балканот и Македонија. Подготвен е да помогне и важно е Македонците да го имаат тоа на ум.