1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под мостовите на Дунав

15 декември 2018

Азилот му овозможи на Груевски да биде слободен човек во Унгарија, но македонската јавност изгледа опседната со тоа што прави тој во Будимпешта. Тој спектакл изгледа поважен од сѐ друго. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3A5gh
Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Иако изгледа логична оваа опседнатост со будимпештанскиот живот на Никола Груевски, таа во основа ги надминува регуларните потреби на македонското општество. И на одреден начин ја труе Македонија однадвор. Јавноста ужива да го гледа како прогонета ѕверка човекот што по шпионски канали побегна од земјата немајќи храброст да се соочи со затворските денови. Тоа е онаа филозофија на ловецот и пленот, во која ловците се унгарски новинари, а овдешната публика се насладува на непријатностите во кои е сместуван Груевски.

Овдешната јавност изгледа дека сѐ уште не може докрај да го разбере фактот оти кога Груевски ги добил сите валидни документи за азил тој е слободен човек, со многу права во неговата нова присвоена татковина. Звучи грубо и неправедно, но тоа е фактичката ситуација. Неговиот азил ја става во непријатна ситуација владата на Виктор Орбан. Но за Орбан азилот на Груевски е едно од помалите гајлиња за коишто треба да реферира во Брисел или Вашингтон. Дента кога колегите од 24.hu го уловија Груевски како руча во еден скап ресторан, Орбан извршуваше уште еден илиберален удар во општеството, кога во парламентот беше усвоен закон со кој се создава паралелен судски систем во земјата и друг закон со кој работниците легално се принудени да работат 400 часови прекувремено во текот на годината, а тоа да не им биде платено (тоа значи отприлика еден ден плус во неделата). Што ќе биде поважно за европските институции – робовското третирање на работниците во Унгарија и речиси комплетното уништување на судскиот систем, или дека унгарскиот премиер „води дипломатската такси служба за осудени криминалци“, како што минатата недела се изрази првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.

Отомански сводови

Неговиот азил ѝ даде неочекувано екстра гориво на поделената, раскарана и слаба унгарска опозиција да може да конципира уште еден фронт на отпорот кон премиерот кој со режимски инжинеринг ја сведе само на демократски декор. Од азилот на Груевски, всушност, најголема корист имаа таа фрагментирана и очајна опозиција, која може случајот да го држи постојано до врвот на политичката агенда. Она што стигнува до овде за Груевски од Будимпешта, всушност е дел од таа опозициска борба за преживување и можно воскреснување.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Неговото бегство во шпионски трилер, во кој потфрлиле еден куп алки во синџирот на безбедноста и разузнавањето, овде настанот полека го претвора во водвиљ. А водвиљот е евтина и едноставна забава. Сега ќе се бара идентитетот на двајцата мажи што седеа со него во скапиот ресторан или ќе се потврдува дали човекот на првата фотографија е еден од осомничените за настаните во општина Центар. Не е тоа нелигитимно, но тоа се странични настани во главната приказна за одговорноста и за јатаците во полициското и разузнавачкото милје. Затоа, најлесно е целата работа да му се префрли на обвинителството кое со своите ограничени ресурси треба да ги најде одговорите, кои можеби и сега се знаат.

Други колумни од авторот:

Научна фантастика

Бегство од слободата

Озлогласените

Фактот дека Груевски е слободен човек во Унгарија, заштитен со тамошните закони, без оглед што овде е осуден криминалец, му возможува во градот на Дунав да „живее безгрижен живот“, како што напишаа нашите унгарски колеги. Оние што биле на повеќе дена во Будимпешта веројатно очекуваат дека Груевски како еднодецениски хедонист никако нема да пропушти да ја посетува фамозната бања Рудаш во Будим, изградена уште од Турците во 16. век на единствените термални извори во градот, која преку викендите работи до 4 часот наутро и под ориенталните отомански сводови да размислува за она што го направил и она што пропуштил да го направи. Унгарците беа доволно умни и во социјализмот, а и во декадите по него, да не ја затворат оваа бања, туку да ја претворат во спектакуларна атракција чија главна цел е да му се помага на здравјето на посетителите и да се урамнотежува состојбата на духот. Можеби Груевски под отоманските сводови и испарувањето на топлата вода ќе сфати дека „античкиот барок“ што го инсталираше во центарот на Скопје ќе беше подобро да го замени со отоманската култура на здравиот живот. А можеби и ќе си размислува во ноќните лежења покрај мермерните базени и под отоманските сводови дека веќе има нов проект по неговото триумфално враќање во Скопје – да му се врати, на пример, на Даут пашин амам неговата поранешна повеќевековна намена. И така како галерија веќе ја загуби својата поранешна атракција. Секакви мисли можат да му дојдат на ум на слободен човек.

Варварската арбитрарност на историјата

„У време доколице“, барајќи аналогии со својата судбина, Никола Груевски можеби веќе ги нарачал преведените книги на македонски или српски, сеедно, од најпознатиот унгарски писател од минатиот век, нобеловецот Имре Кертес. Читајќи го неговиот најпознат роман „Човек без судбина“, во кој Кертес квази-автобиографски ја опишува својата судбина преку ликот на еден 14-годишник кој е депортиран во Аушвиц и таму, сепак, преживува. По овој роман тој може да ја земе книгата која е неговото логично продолжение, „Фијаско“, во која Кертес ја опишува натамошната судбина на својот јунак, на човекот кој се нашол во социјализмот со сите негови сталинистички стравотии. Кертес е толку сугестивен што читателот многу лесно може да се поистовети со јунакот. Зарем постгруевистичкото време не е стравотија за самиот Груевски. Тој во овие година и пол го помина чистилиштето и кога се најде пред вратите на својот пекол реши да ја искористи дипломатската такси служба на странска држава. Затоа ќе има многу разбирање, па дури и поистоветување, кога ќе го прочита и образложението на Нобеловиот комитет за литература - дека Имре Кертес ја добива наградата за „пишувањето што го поддржува кревкото искуство на поединецот против варварската арбитрарност на историјата“.

Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski
Азилот за Груевски ѝ даде гориво на поделената, раскарана и слаба унгарска опозицијаФотографија: Hungarian Democratic Coalition

Многумина би можеле да се кладат дека Груевски токму така се чувствува – дека варварската арбитрарност на историјата го спречила да ги заврши сите почнати дела. Многу деспоти го имаат истото чувство – тие ги проколнуваат настаните кои не можеле да ги спречат, а ја отфрлаат помислата дека нив не можеле да ги видат. Во 2009 година Имре Кертес во интервју за германски „Велт“ изјави дека по децениите живот во Германија се чувствува како „берлинец“ и ја опиша Будимпешта како „комплетно балканизирана“ (што наиде на бес во унгарските медиуми, кои оценија дека тоа е хипокризија). Груевски сега веројатно би нашол дека оваа негова оцена не е сосем неточна. Не поради владеењето на Орбан, туку поради тоа што тој како Балканец од оној најдеспотски сој најде прибежиште и разбирање во Будимпешта.

Но Груевски и не мора ништо од ова да направи – ниту да оди под отоманските сводови во бањата Рудаш, а уште помалку да го чита фасцинатниот Имре Кертес. Може да се задоволи само со примање делегации од Скопје, кои ќе го информираат за состојбата во татковината, за која толку многу се гружи – од дистанца. Тоа е најдобрата грижа за него во ова време. Може да го гледа преку интернет неговиот наследник во партијата како држи неповрзани и конфузни говори пред Владата, во кои ксенофобично нагласува дека на дебатите за уставните амандмани имало и „луѓе со времен престој и со поинаква боја на кожата“, може да ги чита соопштенијата од неговата партија во која таа го повикува премиерот Зоран Заев на уште еден телевизски дуел со Христијан Мицкоски за половина година (и може да се присети дека таквите понуди на тогашната опозиција тој со индигнација ги одбиваше). Може да ги гледа изјавите на Мицкоски за неговото бегство кои се „закукуљени и замумуљени“ за ништо да не се разбере и да си вели – оставив добар човек за наследник. Може да си вели дека хаотичниот закон за амнестија што го иницираше Заев веројатно ќе ги турне в затвор оние што ги исполнувале неговите наредби, може да си вели дека ако еднаш се врати ќе дојде во Република Северна Македонија и дека уште сега не го признава тоа евентуално ново име. Може да си мисли уште многу работи. Но тоа се работите на еден бегалец што му го окупираат времето. Онака како што ја наслови својата книга познатиот бегалец, актерот Жарко Лаушевиќ – „Годината помина, денот никогаш“.

Ungarn Budapest Kettenbrücke
Во градот на Дунав, Груевски може да „живее безгрижен живот“Фотографија: Reuters/L. Balogh

Македонија има други грижи од онаа што ќе руча денес Груевски (како што добро напиша Ерол Ризаов), но на спектаклот со неговото бегство му треба уште време за да избледне. Во некоја рака тоа занимавање со ловот на неговото движење ги покрива маките што обичните луѓе и политичарите ги имаат во овие неколку месеци – како да се прифати амнестијата за работата што не може да се прифати, како да се соочат со новото име на државата, кое денес изгледа како во магла се додека не дојде решавачката одлука, како животот навистина да дојде, како да се намали корупцијата, како да се заборави она што десет години ја толчеше нацијата, како сегашната влада конечно да покаже дека знае вистински да работи... И тогаш ќе дојде една снимка од Будимпешта и забавата може да почне уште еднаш. За жал, и тоа е Македонија.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар