1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Поголема ќе биде“

23 февруари 2019

Чекор по чекор, некогаш побрзо, некогаш побавно, вмровското раководство се радикализира. Проблемот за него, а и за општеството, е дека ќе биде многу комплицирано да се врати назад од границите на крајната десница.

https://p.dw.com/p/3DwSG
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во извесна смисла турканицата во тесниот ходник на Градската болница во „8 Септември“, кога вмровската група на чело со лидерот Христијан Мицкоски се обидуваше да ја пробие полициската блокада и да влезе во собата каде што беше прегледуван Миле Јанакиески, наликуваше на едни сцени од 1970-тите во Скопје. Кога групите жестоки момци од скопските квартови, Маџир Маало и Мичурин, на пример, се обидуваа да ја покажат својата моќ и за безначајни нешта, дури и во случаи кое дете од нивниот комшилук да седне на празно столче на рингишпилот. Жестокоста тогаш многу често завршуваше со општи тепачки. А првите предупредувања обично одеа со предупредувањата дека противниците ризикуваат работата да стане преголема, па нека се работи и за столчето на рингишпилот.

Имаше одблесок на таква  ситуација во ходникот на болницата, кога Мицкоски им се обраќаше на полицајците кои ги спречуваа да поминат со зборовите зачинети со закана: „Поголема ќе биде!“ Се разбира, во целиот настан имаше театар, политички инструментализиран, и тоа е сосем дозволено и во зрели демократии, а не само во недозреани општества како нашето. Разбирливо е и што Мицкоски сака да направи политички капитал од инцидентот во затворот во Шутка, за кој уште не се знаат сите детали (кој кого провоцирал, кој кому му се нафрлил, дали тоа било само туркање или класична тепачка), како и колку навистина е повреден Јанакиески. Најлошото за власта е ако се обиде да скрие дека навистина имало повреди. Факт е дека затворската управа не успеала да ја менаџира ситуацијата, не знаела да предвиди можни инциденти или не била кадарна да ги спречи. Или, пак, свесно допуштила да се случат. Ова е премногу чувствителен политички случај (а не некакво вообичаено затворско кошкање) за да може да се заклучи со бирократски објаснувања и оставка на директорот на затворот.

Миле Јанакиески беше во притвор при крајот на минатата година кога беше испратен во Шутка еден ден по бегството на Никола Груевски. Тогаш никој не се пожали за ништо – очигледно тоа беше сфаќано како неопходна жртва што треба да се поднесе поради гневот на јавноста и паниката на обвинителите. Плус, притворот се однесуваше за помалку тешки дела. Ова што сега го побараа обвинителите, а судот го одобри, има ужасно поголема тежина – Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се осомничени дека биле дел од организаторите на настаните на 27 април. Овие терористички параграфи можат драматично да го променат нивниот живот, па од притворот по можниот судски процес директно да бидат транспортирани на одржување долгододишни казни во „Идризово“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Закани со повеќе значење

Обвинителите велат дека имаат докази за улогата на Јанакиески, Ристовски и Трајко Вељаноски во крвавиот пир. Јавноста допрва треба да биде убедена дека тие докази се вистински, но овој момент има капацитет да ја дефинира иднината на Македонија. Многумина да се соочат со моментот на вистината – и Миле Јанакиески, и Спиро Ристовски, и Трајко Вељаноски, и Никола Груевски, и целата партија ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста веќе напамет ги знае сликите од упадот во Собранието, нејзе не треба посебно да ѝ се докажува дека тоа беше обид за државен удар, Но таа очекува конечно да дознае кој беше планерот на ова злодело и кои беа аѓутантите задолжени за неговото извршување. Без оглед какви ќе бидат емотивните реакции на учесниците во него, какви последици ќе има за многумина од нив, вистината треба да ги добие своите облици. На многу брутален начин тоа му стана јасно и на Груевски, кој завален во некоја будимпештанска соба, сфати дека тој комфор се претвора во кревет со искршена пружина, на која не е удобно да го одмори своето тело. Затоа и пристигна неговата експресна реакција (само половина час по прес-конференцијата на обвинителите пренесувана во живо) барајќи докази. Животот во егзил за него во еден миг стана за неколку нивоа понеподнослив затоа што е на врвот на пирамидата осомничени за настанот кој ја трауматизираше целата нација. Тука веќе не станува збор за пресудата за „мерцедесот“, која тој ја нарекува бесмислена, туку за обид за уривање на системот.

Токму затоа, зборовите-предупредување на Христијан Мицкоски – „Поголема ќе биде!“ – имаат пошироко значење. Од една страна, тоа е директна закана дека вмровската номенклатура со други, подрастични мерки, ќе се обиде да ја радикализира ситуацијата за да може политички да се поентира. Тука нема ништо чудно, речиси секоја партија на Балканот ќе се обиде да го направи тоа, па поразот од обвинителите да го претвори во победа. И осомничените да ги преобрази во жртви за слободата. А јавноста потоа да се мачка со разни филови.

Од друга страна, зборовите на Мицкоски, може да означуваат нешто поголемо за неговата партија, кое ќе ја трансформира во заговорничко друштво кое не знае да се соочи со себеси. Тоа „поголемо“ може да биде ужасен удар за партијата, ако низ судски процес се докаже дека таа насила, со пуч, сакала да ја задржи власта во државата. Чекор по чекор (или како што велеше Никола Кљусев: крачка по крачка), некогаш побрзо, некогаш побавно, вмровското раководство се радикализира. Без оглед какви се рејтинзите во анкетите (каде Македонците имаат инстинктивен отпор кон промената на името и законот за јазиците), таа поддршка за ВМРО-ДПМНЕ не е оригинална, таа е револт кон она што македонскиот националистички дух го смета за голема неправда. А за секој обичен граѓанин е тешко да се соочи со она што го замислува како неправда. Проблемот за вмровската номенклатура е што потоа, кога и да дојде на власт, ќе биде многу комплицирано да се врати назад од радикализираните граници.

Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski
Никола Груевски, завален во некоја будимпештанска соба, сфати дека тој комфор се претвора во кревет со искршена пружинаФотографија: Hungarian Democratic Coalition

Големо прашање е дали во врвот на ВМРО-ДПМНЕ успеваат да го видат тоа, мислејќи дека е најважно да се победи на првите следни избори (претседателските) за потоа да почне триумфалното враќање назад. Кога ќе се заврти замаецот на радикализацијата неговата брзина ја влече партијата според некакви физички закони. Еден пример од колевката на демократијата, Велика Британија, е поучен на свој начин. Оваа недела осуммина пратеници ја напуштија опозициската Лабуристичката партија од револт што нивниот лидер Џереми Корбин нема јасна политика што да се прави во френетичните денови пред конечниот датум за „Брегзит“ и што не го спречува притаениот антисемитизам во нивните редови. По нив, тројца пратеници ја напуштија Конзервативна партија поради слични причини. Објаснувањето на еден од нив е исклучително илустративно што значи кога една голема партија ќе го загуби компасот: „Десното крило, тврдокорните, анти-ЕУ непријатна група, која го уништи секој лидер во последниве 40 години, сега ја води Конзервативната партија од врвот до опашката – тие се сега Конзервативната партија. Битката е завршена. Другата страна победи“.

Други колумни од авторот:

Реинвентирање на Заев

Записи од мртвиот дом... или од подземјето

Гневот и самољубието

Во слична ситуација се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент изгледа дека битката во партијата е завршена. Победува радикалното крило, иако изгледа дека водачите на партијата не се дел од радикалните структури. Тоа не е проблем само на партијата, тоа може да се претвори во проблем на општеството. Погледнете што се случува со единствениот вистински пријател и сојузник на ВМРО-ДПМНЕ, Виктор Орбан. Човекот што му даде прибежиште на Никола Груевски. Во понеделникот тој почна груба кампања против претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, со која преку билборди го оцрнува по улиците на Унгарија. Иако и Орбан и Јункер (а и ВМРО-ДПМНЕ) се дел од истото политичко семејство, Европската народна партија. Тоа има свој контекст во изборите за Европскиот парламент во мај, но тоа е учебнички пример каде се стигнува кога ќе се тргне на патот на крајната десница. Враќањето назад е ужасно тешко. Во овој момент тоа е главниот проблем за ВМРО-ДПМНЕ.

Примерот од средата е особено илустративен. Кандидатот за претседател на конвенцијата минатата сабота, Влатко Ѓорчев, обидувајќи се да ја добие наклоноста на делегатите, ветуваше дека ако биде избран за шеф на државата во првите три месеци ќе отишол во Белата куќа кај Доналд Трамп, добро знаејќи што би значела една таква посета не за него, туку за Македонија. Истиот тој Трамп во средата му испрати писмо на премиерот Зоран Заев да му честита за Преспанскиот договор. „Ова е најисториско достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор и сведочи за вашето храбро лидерство... Преспанскиот договор ја потенцира суштинската вистина дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочната корист наспроти краткорочните ризици, лидерите можат да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на пат кон посветла иднина“.

Mazedonien Gordana Siljanovska-Davkova Uni Professorin
Може да стане потребно да се дистанцира од Мицкоски, за тој и партијата што ја предложи да не ѝ направат преголема штета: Гордана Силјановска-ДавковаФотографија: DW/P. Stojanovski

Вакви оценки не се добиваат секој ден, па ни на секои десет години. Но во огромна дискрепанца со партискиот кандидат за претседател на државата (откако обвинителството издаде налог за приведување на Јанакиески, Ристовски и Вељаноски) Христијан Мицкоски не можеше да го запре својот радикализиран гнев и по неколку часа реши да го истури бесот врз Заев. Донесе одлука – „Овие луѓе не се виновни“ – го обвини дека „апси врз изјави на сомнителни лица, без докази, на рекла-казала муабет, со години по настанот за кој ги обвинуваат“. Потоа, дека дури и нарачувал убиства, за да заврши со предупредување дека тој во некое идно време ќе ја земе правдата во свои раце: „За ова што го правиш еден ден ќе одговараш, и ти и твоите соработници, врхушката и министрите, а и обвинителите и судиите кои ти слугуваат“. Ова се зборови на македонскиот Дутерте, филипинскиот претседател, кој им даде слобода на полициските ескадрони да убиваат по улиците секого што ќе помислат дека е криминалец. Во тоа концентрација на најавена одмазда влегува и заканата Заев да се сетил како завршиле Милошевиќ и Чаушеску. Ние се сеќаваме како завршија. Милошевиќ почина во ќелијата во Хаг, а Чаушеску беше стрелан откако беше осуден од прек суд на процес кој траеше само неколку часови. Потоа беше веднаш однесен во дворот на куќата и тој и неговата сопруга Елена беа егзекутирани од стрелачки вод.

Во една значајна мерка оваа реторика ја комплицира ситуацијата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Професорката се обидува да се претстави како легалист, чија прва задача ќе биде да ги почитува Уставот и законите. Ако е така, како тогаш ќе ги објасни најавата и ветувањето на Мицкоски дека тој гарантира оти и Заев, и министрите, и обвинителите ќе одговараат за кои тој во политичкиот гнев вели дека направиле тешки криминали. Како да се претставува на митинзите како легалист, ако покрај неа зборува и човекот кој асоцира на преки судови, како оној за Чаушеску. Со ваквата реторика Мицкоски е на добар пат да ја дискредитира улогата со која сака да се претставува Силјановска-Давкова – дека ќе ги почитува легалистичките начела. Може да дојде момент кога на одреден начин ќе биде потребно да се дистанцира од него, за тој и партијата што ја предложи да не ѝ направат преголема штета. Така е со гневот и самољубието – не знаат да го видат моментот кога треба да се зауздаат.  

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар