Поглед кон многуте лица на Европа
„Тука е Европа. Како изгледа? Како шарено исфарбана лудница“, се потсмеваше поетот Курт Тухолски во 1932 година. Што е оттогаш променето? Лицата на Европа покажуваат: борбата за единство се исплати!
Европа: Повеќе од Меркел
Германската канцеларка Ангела Меркел на многу ноќни заседанија во Брисел или други места ги смируваше раскараните влади и ги воведуваше во еден колосек. Или можеби во нејзиниот колосек? Нејзините критичари во ЕУ се жалат на доминација на Меркел, некои велат дека таа е шефица на Европа. Тоа, се разбира, е погрешно - формално погледнато.
Новата Европа: Макрон се бори за реформи
Кога француските војници се постројуваат пред Триумфалната капија, тогаш атмосферата е полна со патос, но и национализам. Европа? Тоа беше идејата за надминување на националистичките тенденции и непријателства. За францускиот претседател Емануел Макрон гордоста на неговата „гранде“ нација и вербата во една нова Европа не се спротивности. Макрон се бори за реформи.
Грета Тунберг не е сама
Девојчето со плетенки (во средина на сликата) во моментов е највозбудливото лице на Европа. 16-годишната Грета Тунберг од Шведска со „Училишниот штрајк за климата“ иницираше глобално движење. Во многу земји учениците во петоците не одат на настава, туку излегуваат на протести од кои ги повикуваат политичарите на акција за заштита на климата.
Жената со име Кончита. Жена?
Австриската пејачка Кончита Вурст е сликана по нејзиниот голем успех - победата на Евросонг 2014 година во Копенхаген. Пејачка? Самонаречената „Dragqueen“ е уметникот Том Нојвирт, кој денес впрочем изгледа сосема поинаку отколку на оваа фотографија. Успехот на Кончита го славеа не само фановите на поп-музиката, туку и многумина кои се залагаат за отворена Европа.
„Не ве сакаме“
И ова се лица на Европа: демонстрации на ултрадесничари во Брисел против странците кои во Европа доаѓаат како бегалци. Повод за безредијата во декември 2018 година беше Миграцискиот пакт, кој европските политичари претходно го склучија во Маракеш.
„We never go out of style“: Мода во Милано
Европа е шик - особено во Милано, за време на Неделата на модата. И, види: Европа е и разнолика. Овде, на пример, на пистата има манекени од различни земји, во класични модели на германската дизајнерка Џил Сандер. Кога дизајнерката од Хамбург креира, Европа се облекува со многу стил!
Волјата на народот. Но која волја?
Поглед одозгора врз пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур: Кога се сите присутни, во клупите седат 751 жени и мажи, избрани за период од 5 години од страна на граѓаните од - сѐ уште - 28 земји членки. Европратениците по изборите треба да ја застапуваат волјата на граѓаните. Но, со оглед на разликите во ЕУ, се поставува прашањето: Која волја?
Виктор Орбан: Поглед на Европа од десно
Кога картата на ЕУ ќе се погледне одозгора, Унгарија се наоѓа десно од Брисел. Прилично подесно. Тоа што таму владее Виктор Орбан, еден националистички настроен политичар, за врвот на ЕУ во Брисел е мачно. Орбан, на свој начин, е успешен десен популист, што не секаде во Европа се прифаќа со радост.
Гордоста на Французите: "Allez les bleus!"
Француската фудбалска репрезентација на тренинг. Во 2018 година „сините“ станаа светски прваци, а насмеаниот Килијан Мбапе (во средина) на последниот натпревар против Хрватска го постигна решавачкиот гол за резултат 4:20. Мбапе е Французин, мајка му е од Алжир, татко му од Камерун. Мултикултурност - за многу луѓе во Франција тоа е нешто што се подразбира само по себе.
Европа старее
До 2025 година речиси 30% од европските граѓани ќе бидат постари од 60 години. Во оваа пешачка зона во Италија тоа веќе може да се препознае. Што значи демографската промена? И дали ЕУ ги нема сите причини за на луѓето од странство да им посака добредојде? Само за пример - во Гана само 4% од населението е постаро од 65 години.
Муслимани во Бугарија
Човек на молитва во Бугарија. Православна Бугарија, која се граничи со Турција и со регион на повеќе исламски земји, има голем број граѓани со исламска вероисповед. Секој седми жител е муслиман. Многумина на тоа гледаат како на закана наместо како на богатство.
Федерика Могерини и погледот кон светот
Како „Висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика“ италијанската политичарка Федерика Могерини е надлежна за меѓународни прашања. Во ЕУ постојано се слуша барање за заедничка надворешна политика. Но досега нема „министер/ка за надворешни работи“ на ЕУ.
Патување опасно по живот
Чамец со бегалци од Сирија и Ирак пред грчкиот остров Лезбос. Сѐ уште многу луѓе го ставаат својот живот на коцка и тргнуваат на опасно патување кон Европа. Криумчарите на луѓе со тоа заработуваат огромни суми пари. Според проценки на хуманитарните организации, во 2018 година во Средоземното Море се удавиле повеќе од 2.000 бегалци.
Добро образование, без работа
И во некои земји членки на ЕУ има млади луѓе кои и покрај доброто образование и квалификации попусто бараат работа. Овде, на пример, млади стојат пред огласната табла на Агенцијата за работа во Ваљадолид, Шпанија. Во оваа јужноевропска земја стапката на невработени млади, според Евростат, изнесува речиси 38%. За споредба: во Германија таа е само 6,6%.