1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: Пак ли Бајерн?

Штефан Нестлер/превод:БГ14 август 2015

Сѐ укажува на тоа дека надмоќта на Бајерн ќе продолжи и во новата сезона од врвната германска фудбалска лига. Коментаторот на ДВ, Штефан Нестлер не сака Бундеслигата да стане здодевна, па препорачува специјална тактика

https://p.dw.com/p/1GFgn
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Светскиот успех на стрипот за Астерикс и Обеликс почива на едноставен принцип: сите се радуваат кога некој малечок му пркоси на многу посилниот од него. Малку волшебен напиток и жителите на малото село во Галија им држат лекција на надмоќните римски легии.
Тоа е мојата желба и за Бундеслигата. Бајерн планира и по четврти пат во низа да ја освои титулата германски фудбалски шампион, што би бил уште еден рекорд за трофејниот клуб. Објективно погледнато, потребно е вистинско мало чудо, за таа намера на баварскиот клуб да не се исполни. Или на другите им е потребен некој волшебен напиток. Во фудбалот тој напиток обично е мотивацијата.

Лов на Бајерн

Во германскиот куп тоа веќе се случува. Нисколигашките аутсајдери ги исфрлаат фаворизираните прволигаши од натпреварувањето. Токму тој менталитет како да исчезна од дуелите на прволигашите со Бајерн. Некогаш играчите и публиката на германските прволигаши со нетрпение го очекуваа дуелот со Бајерн, губејќи ја понекогаш поради тоа концентрацијата во претходните мечеви со наводно послабите противници. Победата над Бајерн беше омилениот трофеј, вистински воен скалп, за кој вредеше да се бориш до изнемоштеност. Тоа за жал се смени. Минатата сезона многу противници на Бајерн се предаваа речиси без борба, отпишувајќи ги однапред бодовите од таа средба, за да заштедат сила за мечевите со противниците на кои навистина можат да им парираат.

Тренерот на вицепрвакот Волфсбург укажа на интересен статистички податок: доколку се сметаат само дуелите на екипите од врвот на табелата, од прво од шесто место, тогаш шампион би бил Волфсбург, а Бајерн дури на шесто место. Бајерн е шампион затоа што победи во 22 од 24 мечеви со клубовите кои не спаѓаат во тие први шест. Поинаку кажано, добар дел од бундеслигашите не само што ја почитуваат силата на Бајерн, туку „ги полнат гаќите“ уште од првиот судиски свиреж. И така Бајерн ја претвора борбата за титулата во сопствено шоу, во кое не е прашање дали тимот на Пеп Гвардиола ќе ја освои титулата, туку на колку кола пред крајот ќе почне да слави во Минхен.
На таа здодевност мора да и дојде крајот. Најдобрите клубови како Волфсбург, Менхенгладбах, Леверкузен или Дортмунд мораат да го мобилизираат сиот свој потенцијал, а останатите треба да го пречекуваат Бајерн со бестрашниот извик на Астерикс и Обеликс. Понекогаш успехот може да дојде без компликувани тактички планови и калкулации, како резултат на наједноставни методи. Или, што би рекол Обеликс: „Јас сум. А ти мислиш!“