1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Повлекувањето американски трупи е подарок за Кремљ“

Инес Пол
30 јули 2020

Поранешниот генерал Бен Хоџис остро го критикува повлекувањето на американски трупи од Германија. Трупите не се за одбрана на Германија, туку се „мостобран“ преку кој се одвиваат бројни американски операции, вели тој.

https://p.dw.com/p/3g98Q
Donald Trump in Ramstein
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Craighead

Генерале Хоџис, што значи планираното повлекување на американски трупи од Германија за безбедноста на САД?

Фредерик Бенџамин Хоџис: Првенствено, тоа е болно, зашто наштетува на односите со нашиот најважен сојузник. Во прашање е повеќе начинот на кој сето тоа се случува отколку конкретните чекори. Во нормален случај, вакво преструктуирање би траело со години, доколку воопшто и би се случило. Но, односите веќе сега трпат штета, за мене тоа е најтажниот дел.

Дали е од воено-стратешки аспект важно во Германија да бидат стационирани толкав број војници?

Хоџис: Воопшто и не се толку многу војници. 35.000 луѓе се отприлика половина од капацитетот на фудбалскиот стадион на кој игра Бајерн Минхен. Најголем дел од луѓето работат во управата, во воздушната одбрана или комуникациите.

Значи, повеќе не се воопшто потребни американски војници во Германија?

Хоџис: Повлекувањето ги стеснува капацитетите во Германија кои им се од помош на САД. Трупите тука не се за да ја бранат Германија, тие им помагаат на САД. Германија е нашиот најважен сојузник во Европа. Тука е нашиот „мостобран", преку кој се одвиваат бројни американски операции во Европа, Африка, Средниот Исток. Ако ги повлечеме овие трупи од таму каде постои добра инфраструктура, ќе биде тешко да се одржи и натаму таквата способност за реагирање. Ако на пример трупите се преместат во Италија, само изградбата на сместувалишта ќе чини десетици милиони долари.

Истакнатиот републикански политичар Мит Ромни вели дека сево ова е подарок за Русија?

Хоџис: Ова е огромен подарок за Кремљ. Триесетпроцентно редуцирање на бројноста на нашите трупи во Германија, нарушување и натамошно наштетување на односите со нашиот најважен сојузник, а Русија притоа не направи ништо за тоа да го заслужи. Тие и натаму го држат Крим под окупација, од недела во недела убиваат луѓе во Украина. Русија не заслужува САД да го редуцира својот ангажман во Европа. 

Generalleutnant Ben Hodges
Фредерик Бен Хоџис, поранешен американски генералФотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Зошто претседателот Трамп го прави ова?

Хоџис: Можам само да шпекулирам. Сметам дека е во прашање едноставносамо политичка одлука, но не и стратешка.

Тој ја образложува одлуката со фактот што Германија не ги уплаќа ветените два проценти од БДП во НАТО.

Хоџис: Мислам дека тоа е неговата мотивација. Секако, секој се согласува дека Германија треба да одделува повеќе пари за одбраната. Секој досегашен претседател тоа го бараше. Одлуката за повлекување на една третина од трупите меѓутоа нема стратешко оправдување, туку е само одраз на неговата фрустрацијашто Германија не постапува онака како што тој сака. Иронијата е што трупите би требало да бидат преместени во Италија и Белгија, земји кои исто така не ја исполнуваат целта од два проценти. Неговите одлуки едноставно не се воопшто конзистентни.

За помалку од 100 дена во САД се одржуваат претседателски избори. Што уште може Трамп да направи дотогаш?

Хоџис: Чувме дека повлекувањето треба да започне за неколку недели. Претпоставувам дека ќе почнеме со мали работи, за да може нешто да се прикаже. Но, ќе поминат месеци додека да можат да се повлечат релевантните работи.

Претседателот Трамп најави испраќање на пензионираниот армиски офицер Даглас Мекгрегор како амбасадор во Берлин. Како ова се вклопува во општата слика?

Хоџис: Тој доаѓа од апсолутно истата средина како и поранешниот амбасадор Ричард Гренел. Очигледно, Белата куќа никогаш не би избрала некого кој не ја застапува истата политика. Едноставно е тажно што ние за претставник кај нашиот најважен сојузник не избираме некого кој има добри врски и е признат, како што направи Германија со амбасадорката Емили Хабер. Ние треба да ги бараме најважните и најдобри дипломати заради зачувување на односите со нашиот најважен сојузник.

Фредерик Бенџамин Хоџис до 2017 година беше командант на американските сили во Европа. За време на активната кариера, генералот со три ѕвезди, Хоџис, служеше во Кореја, Ирак и во Авганистан. По повлекувањето од американската армија, Хоџис работи за американскиот тинк-тенк Центар за европски студии, ЦЕПА.