1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик за убиство преку интернет

Дирк Кауфман / Александар Методијев28 мај 2012

Партијата „Про НРВ“, која поради нејзините екстремно десничарски идеи се смета за противуставна, со години агитира против доселениците и различните религии. Сега се појави видео повик за убиство на членови на „Про НРВ“.

https://p.dw.com/p/150wM
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Про НРВ“ ги изолира странците врз основа на нивното потекло и верата и ги претставува како криминалци – заклучи Врховниот управен суд во Минстер. Во текот на изминатите месеци „Про НРВ“ ги насочи своите агитаторски активности кон салафистите. Во кампањата пред изборите за покраинскиот парламент во Северна Рајна Вестфалија на 13-ти мај, „Про НРВ“ агитираше против муслиманите и носеше плакати на кои Мухамед се прикажува како терорист. Побожните муслимани на тоа гледаат како на голема навреда. Како реакција на тоа, пред неколку дена се појави видео снимка на интернет, на која еден радикален муслиман ги повикува своите браќа да почнат да ги убиваат членовите на партијата „Про НРВ“.

Bonn Pro NRW provoziert
Членови на „Про НРВ“ провоцираат салафистиФотографија: picture-alliance/dpa

Повикот на убиство потекнува од момче израснато во Бон и кое сега се наоѓа во подрачјето меѓу Пакистан и Авганистан. Тој е агитатор на „Исламското движење Узбекистан“, кое не е познато како салафистичка организација. Без оглед на тоа, овој повик на убиство или јавен линч поврзан е со караницата, навредите и судирот на десно-екстремистичката партија „Про НРВ“ со германските салафисти.

Салафистите им направија реклама на екстремните десничари

Експертот за ислам Клаудија Денчке смета дека агресивната реакција на салафистите на провокациите на екстремните десничари всушност е голема поддршка во кампањата за „Про НРВ“. Оваа партија е целосно маргинализирана во Германија и никогаш не би добила публицитет доколку ги нема салафистите и доколку не дојдеше до нивна побуна и конфронтација со полицијата. Всушност, радикалните салафисти направија вистинска изборна пропаганда и реклама за екстремните десничари од партијата „Про НРВ“.

Од друга страна, салафистите исто така профитираат од провокациите на „Про НРВ“, бидејќи на тој начин се претставуваат како вистински бранители на исламот. Салафистите станаа центар на внимание во германската јавност со бесплатното делење на Коранот. Тие бараат формирање на божја држава по исламски правила и воведување на шеријатот – исламскиот закон кој предвидува строги казни и за најмали прекршоци. Се залагаат и за тоа државата и верата да не бидат одвоени. Тие исклучително чувствително реагираат на критики. На тој начин ја попречуваат работата на новинарите и се обидуваат да ги заплашат.

Bonn Demonstrierende Muslime gegen Rechtsradikalismus
Во судирот меѓу салафистите и членовите на „Про НРВ“ настрадаа полицајцитеФотографија: dapd

Судир на култури

Целиот конфликт ескалираше на 1-ви мај, по демонстрациите на екстремистичката „Про НРВ“ во Бон. Тогаш салафистите ја нападнаа полицијата, која се постави меѓу нив и припадниците на „Про НРВ“. Тројца полицајци добија тешки повреди од нож, додека 29 други беа полесно повредени.

Symbolbild Islamophobie in Deutschland
Протести на „Про НРВ“Фотографија: picture-alliance/dpa

АРД потоа во своја телевизиска емисија повика еден салафист како гостин, кој требаше да ги појасни ставовите на салафистите. Иако во дискусијата беа повикани политичари и претставници на релевантните општествени групи, тоа наиде на големи критики. Христијанскиот медиумски сојуз ја обвини АРД дека на салафистите им дава платформа за ширење на своите идеи.

Политикологот Гезине Шван смета дека спорот меѓу салафистите и „Про НРВ“ носи во себе елементи на „судир на култури“. Оваа поранешна кандидатка за претседател на Германија смета дека е претеран стравот во Германија од салафистите и исламот. Но, Службата за заштита на уставниот поредок е алармирана за повикот за убиство на припадниците на „Про НРВ“. Тие оваа закана преку интернет ја сфаќаат сериозно.