1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе „зелено“ во тендерот, помалку зелено на УКИМ

Катерина Блажевска13 декември 2015

Освен сеча на дрвјата во УКИМ, тендерски била „пресечена“ и поголема сума буџетски средства за изградба на две факултетски згради. ВМРО-НП има предлог како Владата да заштеди 7 милиони евра

https://p.dw.com/p/1HMZQ
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со пријава до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, студентите ќе одговорат на завчерашната ноќна сеча на 47 дрвја во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), поради изградба на објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ФФК). Сечата беше извршена во 2.30 наутро и на нозе го дигна Студентскиот пленум, кој синоќа на Правниот факултет одржа трибина под наслов „Што ли ќе се гради во нашиот двор?“, на која присуствуваа и претставници од ФИНКИ и ФФК.

„Сегашниот изглед на ФИНКИ и ФФК, односно немањето сопствени, соодветно опремени простории е проблем кој се провлекува со години. Состојбата е запрепастувачка и решението, секако, се наоѓа во изградбата на нови објекти, но не под било какви услови. Зошто не се консултиравте со Сенатот, професорите и студентите? Должноста да изградите објект во кој студентите ќе можат да студираат во нормални услови, не ви го дава и право да ја нарушите нашата автономија. Сосема ни е јасно дека не ги сфаќате термините 'наша' и 'автономија'. Тоа значи дека во ова мало катче, ние, студентите и професорите, одлучуваме и нема да дозволиме да ни го узурпирате домот без притоа да се консултирате со нас“, и порача Студентскиот пленум на власта.

Mazedonien staatliche Fakultät für Informatik und technischen Maschinenbau FINKI
Фотографија: DW

Пријава до Инспекторатот

Во Пленумот наскоро ќе ги договорат следните чекори за одбрана на универзитетската автономија, но она што најпрво го сторат негови претставници, е да поднесат пријава до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, заради прекршени закони.

„Прекршени се Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање објекти и Законот за градење“, вели Константин Битраков од Студентскиот пленум.

Во однос на првиот правилник, донесен врз основа на член 31 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, прекршен е член 23, став 2, алинеја 2, според кој, при оформување на градежни парцели за објекти за високо образование, како минимална површина на градежната парцела се утврдени 30 квадратни метри по студент.

„Според архитектонско-урбанистичкиот проект за комплексот на УКИМ, површината на градежната парцела изнесува 91.779 м2 за сите факултети заедно. Дури и без вклучување на нови факултети и изградба на нови објекти во комплексот, не се испочитувани законските регулативи. Во сегашните услови бројот на студенти е веќе преголем за површината со располага кампусот“, објаснува Битраков.

Во проектната задача за изработка на идејно решение за ФИНКИ, за објектот била предвидена површина од 9.625 м2 за 3.200 студенти, односно 3 м2 по студент, а минимум површина предвидена според член 9 од Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање објекти, изнесува 7 до10 м2. Битраков посочува дека е прекршен и Законот за градење при изведување на градбата, бидејќи согласно со член 82, став 1, пред почетокот на изведувањето на земјаните работи на градежната парцела, инвеститорот е должен да обезбеди обележување на проектираната градба на терен. Не бил испочитувано ниту членот 83, став 3 од истот закон, кој предвидува дека градилиштето мора да биде означено со информативна табла која задолжително треба да содржи назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата која се гради, кој е надлежен за надзор, број и датум на издаденото одобрение за градење и други податоци.

Расфрлање со буџетски средства

Сечата на дрвјата во универзитетскиот кампус се случи само една недела по Денот на дрвото, кога се инвестираат милионски суми за пошумување на земјата со нови садници, и во време кога загадувањето во Скопје бележи рекорди. Опозицискиот СДСМ побара оставка од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, обвинувајќи дека продолжува со масакрот на дрвјата, додека граѓаните се гушат во нечист воздух. Оттаму одговорија дека „градот е должен, во согласност со законот, да издаде решение за сечење дрвја кога инвеститор ќе приложи градежна дозвола за спроведување на детален урбанистички план“. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека „СДСМ и нивните приврзоци се обиделе на најочаен начин да ја девалвираат изградбата на два современи објекти за факултети“.

И додека дел од стручната јавност критички се осврнуваше на барокниот стил предвиден за двете факултетски згради, посочувајќи и други локации, многу попогодни за нивна изградба, ВМРО-Народна партија ја искритикува политиката на Владата во однос на јавните тендери и набавки.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„За жал и покрај бројните критики што оваа Влада ги претрпи, таа ништо не направи од своја страна за поголема транспарентност, но и поголема заштеда на буџетските средства“, соопшти партијата, наведувајќи два примера, од кои едниот се однесува токму за двете факултетски згради.

„Имавме парадоксална ситуација. Фирмите учеснички наместо да ја намалат вредноста на тендерот, се натпреваруваа која повеќе ќе ја покачи вредноста на понудата (...) Пред неколку дена беше потпишан договор за изградба на двата факултети во вредност од 20 милиони евра. ВМРО-Народна партија јавно сака да му соопшти на Министерството за образование, дека ја имаме кај нас понудата од фирма која е подготвена да го потпише истиот договор за сума од 13 милиони евра. Значи, со комплетно истиот договор, Министерството има прилика да заштеди 7 милиони евра од буџетот“, се вели во соопштението на ВМРО-НП. Антикорупциски експерти сметаат дека овие и други предупредувања не смеаат да останат занемарени, но се сомневаат дека надлежните институции ќе преземат каква било постапка. Засега, на сцена е само притисокот од јавноста.