1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победник на изборите во Авганистан е - избирачот!

Флоријан Вajганд / Превод: Е.М.Фиданоска5 април 2014

Одзивот на изборите во Авганистан е голем, толку голем што меѓународната заедница ќе мора брзо да вети натамошна развојна помош за да ја поткрепи волјата за демократија на Авганистанците, оценува Флоријан Вajганд.

https://p.dw.com/p/1BcZ4
Фотографија: DW/H.Sirat

Додека бидат избројани сите гласови ќе мине време, но победникот на изборите веќе сега е познат - тоа е авганистанскиот избирач! И покрај сите закани со напади што ги упатија талибанците, Авганистанците во долги редови чекаа пред избирачките места за да го дадат својот глас. На безброј пораки на Фејсбук и Твитер се прикажани мажи и жени од сите етнички групи кои гордо ги презентираат своите фотографии направени пред да гласаат. За да успее секој да гласа, беше донесена дури и одлука за продолжување на времето за гласање за еден час.

Нема сомневање дека ќе има и изборни фалсификати. Во колкав обем, тоа ќе го покажат наредните денови. Сепак, едно мора да се каже - демократијата е можна на Хиндукуш. Важната цел, која меѓународната заедница пред 12 години си ја постави за Авганистан, со тоа, барем во основа, е постигната. Тоа не смее да се потцени во едно општество кое никогаш претходно нема доживеано демократска промена на власт.

Губитниците на изборите се исто така познати. Тоа се талибанците! И покрај сета терористичка реторика и одделни напади во провинциите, ним не им успеа да го спречат гласањето. Без нив и во иднина во Авганистан нема да биде можно решение на конфликтите, но сепак, нивниот имиџ на движење кое може да се потпре на поддршката на многумина Авганистанци, е уништен.

Да се искористи моментот

Западот, кој отрезнувачки, дури и исфрустрирано, го заврте својот поглед од Авганистан, сега треба да погледне кон милионите луѓе кои трпеливо чекаа со часови на студ и дожд за да го дадат својот глас. Тие ја заслужуваат нашата помош и во годините по повлекувањето на силите ИСАФ, предвидено за крајот на 2014-та. Ако Западот навистина има интерес за трајно стабилизирање на земјата, тогаш сега мора да го искористи моментот и еланот на Авганистанците и брзо да излезе со обврзувачки ветувања за развојна помош.

Deutsche Welle REGIONEN Asien Paschtu Dari Florian Weigand
Флоријан Вајганд, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Предизвиците со кои ќе биде соочен наследникот на Карзаи се огромни. Корупција, сиромаштија, безбедност, права на жената и економски развој се само дел од многуте нерешени проблеми. Но позитивни сигнали има. Економистот Ашраф Гани, поранешен член на Светска банка и еден од кандидатите со најголеми изгледи за победа на изборите, се залага за програма за борба против сиромаштијата. Неговиот противкандидат кој исто така има големи шанси за победа, Абдула Абдула, се бори за правна држава. Третиот во врвната тројка, Салмаи Расул, се определи за жена како свој заменик. Гувернерката Хабиба Сараби досега е единствената политичарка со практично искуство во владеењето. Таа е една од причините поради кои толку многу луѓе денеска се појавија на изборните места, меѓу нив и натпросечно многу жени. Така беше дури и во конзервативниот региони на пакистанската граница или во Кандахар на југот на земјата.

Старите тензии остануваат

Отрезнувањето, сепак, би можело да настапи многу бргу. Веројатно ниту еден од кандидатите нема да победи во првиот круг. Ќе биде потребен уште еден круг гласање. Ќе треба да се коваат алијанси. Лордовите на војната, меѓу кои и познати воени злосторници, се и натаму многу силни и ќе поставуваат свои барања. Еден од нив, Рашид Достум, веќе е предвиден како заменик на еден од можните победници, Ашраф Гани.

Кандидатите со најмногу шанси за победа, инаку, веќе најавија дека ќе го потпишат безбедносниот договор со САД, кој беше одложуван од страна на Хамид Карзаи. Тој договор гарантира останување на американските трупи и по повлекувањето на НАТО од земјата. Истовремено, меѓутоа, тие сакаат да водат разговори и со талибанците, кои со години се борат токму против овие војници. Така и новиот претседател ќе се најде среде полето на стари тензии, кои беа закана и за Карзаи - полето меѓу лордовите на војната, САД и талибанците.