1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По четврт век преговори конечно бродска линија Охрид – Поградец

Милчо Јованоски 17 јуни 2014

Сонот на локалнитe власти и на генерации граѓани од Охрид и од Поградец денеска ( 17 јуни ) се оствари. По низа договарања и откажувања профункционира сезонската линија која ги поврзува двата брега од Охридското Езеро.

https://p.dw.com/p/1CKJa
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Ова е историски ден кој ќе придонесе за развој на двете држави , а осебно за развој на туризмот, се согласија двајцата министри за транспорт и врски на Македонија и на Албанија Миле Јанакиески и Едмонд Хаџинасто при симболичното отворање на бродската – сезонска линија меѓу Охрид и Поградец. Овој настан не враќа во блиското минато. Таа 1989 година решивме конечно да одиме на Запад во соседна Албанија. И не по копно, туку што е најприродно преку езерото, вели Кирил Наумоски тогаш претседател на Извршниот совет на Собранието на Општина Охрид: „Се собравме 20 лица и со претходна комуникација со надлежните државни органи со бродот„Скопје“ сега „Македонија“ тргнавме во посета на нашите колеги во Поградец. На тамошното пристаниште еуфорија имаше околу 2000 луѓе. Многу од нив имаа роднини и пријатели во Охрид. Не пречека тогашниот градоначалник на Поградец Васил Прифти. Средбата беше историска ние бевме првата поголема делегација од Македонија по 1948 која влезе во земјата на бункерите. Имавме срдечен пречек и долги разговори. Тогаш за прв пат се роди идејата покрената од наша страна да се воспостави бродска линија Охрид – Поградец и обратно. Размислувавме за развој на туризмот и атрактивноста на линијата. Идејата беше прифатена, ама одговор од албанска страна до нас никогаш не стигна. Некоја година потоа идејата за бродската линија ја возобнови и претседателот на Собранието на Општина Охрид Благоја Силјаноски кој соработката меѓу двата града ја отпочна и разви и на културен план,ама бродот меѓу двете држави не заплови.“

Tusemiste am Ohrider See in Albanien
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Формалности беа пречка линијата да функционира

Оттогаш до денес помина четврт век. Во двете земји се промени општествениот систем. Доаѓаа и си одеа многу влади, а промени имаше и во локалната политика во двата крајезерски градови.Желбата на локалното население да се поврзе и по воден пат не згасна. Тоа е доказ дека локалните власти побрзо и поедноставно си подаваат рака преку границата. Кога се во прашање блиските Охрид и Струга и од спротива Поградец и малку потаму Корча тоа одамна е така. При секое споменување на бродската врска излегуваше нов проблем.Реконструкција на пристаништата, поставување царинска и пасошка контрола и ред други нешта.Тирана и Скопје до неодамна беа резервирани кон реализацијата на оваа замисла.

Колку долго се чекаше на формалното пуштање на бродската линија сведочи и дописникот од Охрид на МТВ Сашо Нелоски кој бил во првата делегација, а и денес беше на промотивната тура. „Еве поминав нешто повеќе од половина работен век и дочекав линијата да профункционира. Од тогаш до денес кој знае колку пати како новинари сме ја актуелизирале оваа тема. Имав можност повеќе пати да сум во Поградец и да го следам неговиот растеж. Денес речиси не можам да го препознам градот. Како да дојдов во потполно ново место. Ги нема бункерите на секој чекор по брегот, тогаш немаше автомобили , а сега врие од нив. Старите градби ги замениле нови згради и хотели. Посебно нешто што ми остана во сеќавање мене и на мојот снимател Жанко Ванкоски беше срдечниот пречек од домаќините. Не пречекаа со највисоки можни почести и ни рекоа: Најдрагите гости ги честиме со по седум јадења. И така беше“.

Бродот значи надеж и подобра понуда за угостителите

Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Познатиот угостител Љупчо Патче од Охрид е среќен што конечно отпочнува врската меѓу двата града. Ни рече дека слушал уште од баба му дека пред Втората светска војна на истата релација пловел бродот „Корзика“. Така функицонирал пазарот и трговијата,а и роднините и пријателите почесто комуницирале. „Ова е добар сигнал за развојот на турзмот меѓу двата града. Знам дека од другата страна на езерото во Тушемиште постои ресторан со исто име како нашиот „Далга“. Би било убаво кога гостите би ги вкусиле нашите и нивните специјалитети за време на својот одмор,“ вели Патче.

„Со бродската линија ќе се даде нов импулс за развој на туризмот во Поградец и Охрид. Очекуваме многу туристи, кои летуваат во регионот, а сакаат барем на неколку часа или на еден ден да дојдат во нашите градови, да бидат наши гости,“ изјавија градоначалникот на Поградец Артан Шкмби и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Според договорот меѓу министерствата за транспорт и врски на Македонија и на Албанија, бродската линија ќе функционира до 15 септември. Туристичките агенции веќе ја нудат во своите аранжмани и хотелите ги информираат гостите за можноста да се види целото езеро. Според Горан Устијаноски капетан на капетанијата на пристаништата во Македонија линијата секојдневно во исто време ќе ја одржуваат охридски бродови. Поградец го видовме во убаво светло , иако денот не се погоди баш сончев. На враќање од промотивната тура кој друг ако не новинарите ја запеаа старата охридска песна „Охрид, Охрид убав мил, ти за мене рај си бил“.