Заев го менува бројот на мобилен
20 јули 2019Премиерот Зоран Заев ќе добие нов апарат и телефонски број, а неколку негови советници и соработници ќе бидат отпуштени по скандалот со руските комичари кои речиси една година комуницирале со него претставувајќи се како украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Владата денеска соопшти дека е во тек унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштита на комуникациите на премиерот.
„Во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.“
„Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка,“ се наведува во соопштението од владата. Отаму засега не сакаат да откријат за колку и кои советници и соработници на премиерот станува збор.
Дополнително, Кабинетот на Заев подготвува „План за одлучна акција против ширење дезинформации“ чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста.