По самитот на Трамп и Ким: За доверба е потребно време
12 јуни 2018Кој сметаше дека вакво нешто е можно? Северна Кореја ќе се откаже од својата атомска програма во замена за безбедносни гаранции, двете страни сакаат да гледаат кон иднината и да направат темелен пресврт во односите. Тоа звучи повеќе од ветувачки и со право се шири олеснување. Конечно, пред неколку месеци, кога Трамп се закани дека ќе ја уништи Северна Кореја откако со Ким разменија вербални стрели, како и по целните провокации од страна на Ким, сѐ уште сѐ изгледаше како да ќе ескалира конфликтот кој се заострува до бескрај. Сега, токму овие двајца се ракуваат со увереност и бараат мир.
Поени за Трамп и Ким
Трамп на тој начин, пред сѐ кај своите сонародници, можеше да се презентира како голем дипломат кој во еден навидум нерешлив конфликт конечно носи мир. Во текот на изминатите недели Трамп искрши толку дипломатски порцелан, што има потреба од надворешнополитички успех и за својата база. Некако сѐ наликува на парадокс на историјата, зашто токму многу критикуваниот Трамп со неговото несензибилно однесување донесе придвижување во овој прастар конфликт и сега може да биде американски претседател кој можеби во блиска иднина може да склучи мировен договор со Северна Кореја. Толку многу не постигнаа ниту демократите Клинтон и Обама, ниту пак републиканците Џорџ Буш Сениор и Јуниор. Тоа мора да му се признае на овој непресметлив претседател. Се разбира, секој демократски претседател кој би зазел ваков курс во САД од страна на конзервативците би бил распнат со обвинувања дека е предавник.
Како победник може да се чувствува и Ким Јонг Ун. За Ким-потомокот од третата генерација овој договор е огромен успех. Прво се избоксира на преговарачката маса, каде се сретна со американски претседател навистина на рамноправно ниво. За неговиот режим да не заврши како оние на Садам Хусеин или Гадафи, тој ризично стави сѐ на карта на заплашување. Истовремено, Ким многу вешто си обезбеди поддршка од Кина и Русија. Двете сили заштитнички седеа невидливи на масата во Сингапур - исто како и Јапонија која преку САД се труди да не го загуби своето влијание во регионот.
Првиот важен чекор е направен, но за доверба е потребно време. А, токму во вакви договори ѓаволот е во деталите. Тоа, меѓу другите, се докажа и на договорот за Иран, од кој Трамп крена раце. Доколку Корејскиот Полуостров среднорочно најде мир, сигурно ќе стане погласно и прашањето - како САД сакаат во иднина да се позиционираат во Азија. Во економски поглед САД не можат веќе да ѝ се спротивстават многу на идната суперсила Кина - економските врски и зависности на Кина и нејзините соседи во Азија се претесни. Безбедноснополитички, меѓутоа, САД и натаму се сфаќаат себеси како редар кој мора да ѝ покаже на сѐ посамоуверената Кина каде ѝ е местото.
Знак за почеток на крајот
На самитот во Сингапур Трамп можеше уште еднаш да ја прикаже ваквата централна улога на светската сила САД на голема бина. Кога американските воени бродови патролираат низ сѐ уште отворените поморски рути или се појавуваат во пријателските пристаништа, тогаш пораката е секогаш иста: на ривалите како што е Кина имаме со што да им се спротивставиме и на страната сме на нашите партнери. Но растат сомнежите дали САД навистина би испратиле во борба млади војници да се борат за слобода и демократија на другата страна на светот и можеби и да загинат за тоа. Со својата максима „Америка на прво место“, казнените царини и големиот број откажани договор Трамп не си изгради голема доверба ниту во Азија. Така, историскиот самит во Сингапур, и покрај сета симболика, претставува уште еден знак за тоа почетокот на крајот на САД како светски полицаец и земја-редар од доверба.