1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСМ ги смени директорите на РЕК Битола и РЕК Осломеј

ДТЗ
24 ноември 2021

Промените се случуваат во екот на енергетската криза. Од компанијата најавуваат дека се можни и други кадровски промени во скоро време.

https://p.dw.com/p/43PNj
Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

По серијата дефекти и проблеми изминатиот период, смени на раководните позиции на РЕК Битола и на РЕК Осломеј. Управниот одбор на ЕСМ го разреши директорот на битолската електрана Златко Ќурчиевски и на негово место е назначен Пеце Матевски како  в.д. директор, кој е досегашен директор на „Термоелектрана“. 

Во РЕК Осломеј, разрешен е Златко Пиперкоски, а во иднина функцијата ќе ја извршува Стојан Ицкоски како в.д. директор кој е досегашен технички директор во Рудници.  Најавите се дека наредните денови можат да следат и други кадровски промени, за подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза. 

РЕК „Битола“ во изминатиот период се соочи со повеќе предизвици во работењето. Поради дефекти не работеа двата блока, а избувна и пожар во еден од нив.

Смените се носат во екот на енергетската криза. На 9 ноември, Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во треање од 30 дена.Одлуката беше донесена на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија. Таа проценила дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради  недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот на МЕПСО за стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на годинава. Одлуката беше донесена и со цел да се вбризгаат средства во енергетските компании за да се зголеми нивната ликвидност. Станува збор за речиси 65 милиони евра, кои ќе бидат префрлени од државниот буџет. 

Проценките се дека ненајавеното повлекување на електрична енергија од европскиот систем за периодот јули август ќе го чини македонскиот преносен систем (МЕПСО) 18, 5 милиони евра. Само за незаконското повлекување на струја во октомври МЕПСО ќе треба да плати 16,5 милиони евра.