1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Плацови на Водно“: Имотот сега вреди три милиони евра

ЕМФ | МИА
21 април 2022

Имотот во случајот „Плацови на Водно“ сега има пазарна вредност од три милиони евра, изјави обвинителката Лиле Стефанова по денешното изрекување на пресудите.

https://p.dw.com/p/4AFF2
Nord-Mazedonien Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Лиле Стефанова оцени дека со пресудата во целост се потврдила тезата на Обвинителството дека обвинетите го сториле кривичните делаФотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителката во случајот „Плацови на Водно“, Лиле Стефанова, смета дека дел од казните кои денеска беа изречени од страна на судот се правилно одмерени, а за дел ќе се чека писмено изработената пресуда, па ќе се одлучува дали ќе биде поднесена жалба. „Ова особено го мислам за казните изречени спрема обвинетиот Никола Груевски и обвинетиот Сашо Мијалков“, рече Стефанова, дополнувајќи дека бара поголеми казни.

Таа оцени дека со пресудата донесена на првостепениот суд во целост се потврдила тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ристо Новачевски, го сториле кривичното дело „перење пари“ и други приноси од казниво дело, а обвинетиот Никола Груевски го сторил кривичното дело „противправно стекнување и прикривање имот“:

„Во однос на обвинетиот Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист, а, исто така, во целост се докажа дека во 2012 година преку фирми, оф-шор компании со сложена шема, којашто денес и судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски стекнати парични средства“, рече обвинителката Стефанова.

Таа истакна дека за неа од особена важност е изречената конфискација, и, како што рече, смета дека тоа е од важност и за целото општество:

„Иако од износите кои ги слушавте, а ги читаше судот, имотите беа евидентирани со пониски износи, во моментот, трите стана луксузни во Панорама Резиденс, два стана на улицата во кои живеел Никола Груевски, а сега живее и неговото семејство, градежното неизградено земјиште на Водно во површина од 2.700 метри квадратни, имотот во Крушево, и земјиштето кое беше конфиксувано, а по кое и овој предмет го доби името 'Плацови на Водно', во моментот, според пазарната вредност, вредат околу 3 милиони евра“, рече Стефанова.

- повеќе: „Плацови на Водно“: Седум години затвор за Груевски

Основниот Кривичен суд – Скопје денеска изрече седумгодишна казна затвор за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.

- повеќе: Скопски бизнисмен ја открива шемата како се купувале плацовите на Водно

Неговиот кум Ристо Новачевски е осуден на условна казна во траење од две години, бизнисменот Ненад Јосифовиќ на двегодишна условна казна, а Јордан Камчев е осуден на едногодишна затворска казна. Братучедот на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело” доби казна затвор од една година и три месеци.