Пивската чаша не е само чаша
Во Германија за секој вид пиво има посебно дизајнирана чаша или кригла, за да се сочува и развие специфичниот вкус. Ние тргнавме по трагите на тоа - кое пиво се сервира во какви чаши и зошто.
Избери го своето пиво....
Не е никаква тајна дека во Германија се прави добро пиво. Но, како на вистински начин да се ужива во него? Секоја чаша е направена така што ги истакнува карактеристиките на одредено пиво, на пример пивото „пилс“ односно „пилснер“. Добар познавач на пива за Дојче веле објаснува дека не е неопходно потребна мала чаша за да се сочува свежиот вкус на пивото.
„Келш“ - гордоста на Келн
Некому не личат на вистински пивски чаши. За љубителите на келнското пиво „келш“ овие тесни чаши од 2 децилитри се есенцијални за зачувување на свежата нота на пивото. Велат - вистинскиот „келш“ доаѓа само од пиварниците во и во близината на Келн. Келнерите инаку секогаш автоматски на масата ставаат полна, штом муштеријата ќе ја испие чашата, освен ако ставите подметач на празната чаша.
Главно е пивото да е пресно
Слично како и нивните ривали на Рајна, и Диселдорф има свој пивски специјалитет: темно пиво со името „алтбиер“. И за него се употребуваат чаши од 2 децилитри, но пократки и пошироки од чашите за „келш“. „Ако се тури во вистинска чаша, „алтбиер“ ја развива својата арома и се формира компактен слој пена“, вели пивар кој го произведува ова пиво.
Декоративни чаши
„Чашата во која се сервира ’пилснер’ е потесна при врвот, така што фините ароми на сладот веднаш доаѓаат до носот“, вели за Дојче веле пивар од Есен. „Тоа го развива вистинскиот вкус на пивото“. Некои чаши за „пилснер“ се со цилиндрична форма, додека други се како овие на фотографијава, во облик на лале. Дршката на чашата е само поради декорација и нема влијание на вкусот.
Кригли создадени за „пумпање“ на мускулите
Пивото на Октоберфест или т.н „хелес“, односно светло пиво, се сервира во баварската голема кригла. Оригинал направени од керамика, овие масивни кригли се создадени да преживеат повеќе рунди здравици. Празни, тие тежат над еден килограм, па не е чудо што келнерките на Октобер фест имаат развиени мускули. На здравје! Или, што би рекле Германците: Prost!
Доволно простор за пената
Чашите за пченично пиво се високи и заоблени. Поради голем удел јаглероден диоксид, поради кој се создава пена на врвот, овој вид пиво во чашата мора да се полни полека. Чашата е направена така што во неа, при бавно полнење, собира пиво од шише од половина литар.
Црвено или зелено пиво?
Дури и војниците на Наполеон ги подигале чашите за здравица со овој „шампањ од северот“. Посебниот начин на вриење со помош на млечна киселина предизвикува меурчиња во пивото „Берлинер вајзе“ и единствен вкус, често комбиниран со арома на малина или сируп добиен од билки. Чашата во форма на пехар во која се служи пивото, е измислена за да се создаде доволно место за поголем слој пена.
Пиво на пиедестал
Според тврдењата на една пиварница, која произведува темно пиво, секој детал од неговите карактеристични чаши во облик на пехар го слави уживањето во пивото. Формата, дебелината на чашите, начинот како е изработен работ, сето тоа ја потцртува аромата на пивото. Формата на чашата исто така го чува јаглеродниот диоксид во пивото, а поттикнува тоа да се пие полека.
Од Бон со љубов
Кога љубителите го пијат пивото „бенш“, тогаш в раце држат мало уметничко дело, инспирирано од дизајнерот Луиџи Колани, вели еден сопственик на пиварница во Бон. „Бенш“ е нефилтрирана верзија на „келш“, наречен по Бон, градот во кој се произведува. „Чашата за него е попопуларна од самото пиво“, со насмевка раскажува пиварот, посебно меѓу туристите кои се во потрага по сувенир.