1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид ќе добие уредени плажи, но не и платформи во вода

ДТЗ
10 декември 2021

Само дел од плажите ќе се уредуваат, за кои ќе има одобрение од Владата и надлежните министерства. Нема да има концесии, туку ќе се издаваат на краток рок.

https://p.dw.com/p/441t7
Северна Македонија Охрид Платформи Езеро
Нема да има повеќе платформи во Охридското езеро, вели градоначалникот ПецаковФотографија: Daniela Trpcevska/DW

Охрид ќе добие уредени плажи, но со строго почитување на препораките на УНЕСКО. Платформите во вода повеќе нема да се вратат, но дел од крајбрежјето ќе се уреди за потребите на туристите, согласно плановите и препораките на Владата и надлежните министерства, кои во моментов изработуваат Урбанистички план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро. Ова се најавите на новиот охридски градоначалник, Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој вели дека се што ќе се презема во иднина ќе биде со цел да се заштити езерото, како едно од највредните културни наследства. 

Пецаков за Дојче веле ги открива неговите замисли како треба да се развива градот во однос на туристичката понуда, како да се заштити езерото од енормното загадување, но најавува и решавање на долгогодишниот проблем со депонијата во Охрид, која што секојдневно го труе градот. 

Ќе се уредуваат само дел од плажите

По овогодишната акција за расчитување на крајбрежјето, која што ја координираше поранешниот градоначалник на Охрид, Костантин Георгиевски, во која беа урнати платформите во езерото и плажите за коишто не била плаќана концесија, градот ја дочека туристичката сезона со скромна понуда. Некои беа задоволни што плажите беа ослободени од „окупацијата“ на лежалките, чија цена вртоглаво растеше секоја година, други, пак, критикуваат дека со уривање на атрактивните платформи туристичкиот центар стана непримамлив за многумина. 

Пецаков за ДВ најавува уредување на дел од крајбрежјето во пресрет на идната туристичка сезона. Станува збор само за дел од плажите коишто ќе добијат нов лик, откако ќе бидат одобрени со Планот на Владата и надлежните министерства за уредување на крајбрежјето. 

Северна Македонија Охрид
Пецаков за ДВ најавува уредување на дел од крајбрежјето во пресрет на идната туристичка сезона.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

„Оние плажи за кои што ќе биде издадено одобрение, ќе бидат уредени со природни материјали. На половина од просторот ќе бидат дозволени лежалки, додека на останатиот дел тие ќе мора да бидат слободни“, вели градоначалникот на Охрид. 

Место концесии - краткорочни договори

Плажите нема да се даваат под концесии како досега. Се размислува за нив да се склучуваат краткорочни договори, најверојатно од една година за закуп. Но, повторно градење на платформи кои што длабоко задираа во езерото и беа трн во око во сите извештаи на невладините организации и на УНЕСКО, нема да се дозволи. 

Министерството за транспорт и врски и Владата преку Агенцијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро во кој  целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на езерото. 

„Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности“, информираа неодамна од Министерството за транспорт. Тие апелираа до новата локална самоуправа во општина Охрид да ги почитува започнатите постапки и планот за управување кој веќе е на сила и заеднички да работиме на стратешкиот план за рехабилитација на регионот, се со цел да се заштити и природното и културно наследство.

Урбана опрема место објекти

Сличен апел упати и министерката за култура, Ирена Стефоска, која во неколку наврати потсети дека Планот за управување со Охридскиот регион предвидува издавање концесии за некои плажи, но само со урбана опрема, а не како објекти. 

Северна Македонија Скопје I Министерка за култура Ирена Стефоска
Министерката за култура, Ирена СтефоскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа според неа значи дека градбите на брегот и платформите во вода не смеат да му се повторат на Охридското Езеро. „Туризмот воопшто не зависи од постоењето на такви објекти, напротив. Одамна не сме го виделе толку чисто најубавото и најстарото езеро во Европа. Градоначалникот Константин Георгиевски, со огромен ризик и под голем притисок сепак ги урна објектите кои од година во година стануваа сè поголеми. Тие не само што го сардисаа брегот, не само што го загадуваа езерото, туку ја загрозија и егзистенцијата на угостителите кои ги почитуваат правилата“, е ставот на министерката Стефоска, кој беше објавен и на Фејсбук за време на локалните избори во земјата. 

Таа деновиве беше во посета на новата локална самоуправа во Охрид, каде им ги пренесе и лично ваквите ставови. На средбата со Пецаков било потврдено дека е од заеднички интерес зачувувањето на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО.

Поранешни концесионери со тужби

Во меѓувреме општината се соочува со уште еден проблем - а тоа се тужбите на поранешни концесионери на плажи во Охрид, на кои пред почетокот на туристичката сезона им беше исклучена струјата, а објектите им беа затворени, бидејќи неколку години работеле без концесија. Тие бараат општината да ги обештети за претрпените загуби од неработењето. Побаруваат неколку стотина илјади евра. Тие сметаат дека не се виновни што работеле без концесија, затоа што немало разрешница за отпочнатата постапка за нови концесии. 

Nordmazedonien I Abriss illegal errichteter Gebäude in Ohrid
Уривањето на нелегалните платформи во Охридското езеро започна во јуни 2021 годинаФотографија: Daniela Trpcevska/DW

-повеќе на темата: Охрид - лулка на европското земјоделство

Пецаков вели дека станува збор за три објекти коишто ја тужат општината - Куба Либре, Кадмо и Бела Виста, поради тоа што им беше исклучена струјата пред почетокот на туристичката сезона. Доколу добијат на суд, новиот градоначалник најавува дека општината ќе мора да плати за штетата која што им беше нанесена. 

Ќе се спаси ли Охрид од депонијата?

Покрај подготовките за следната туристичка сезона, општината презема мерки и за заштита на езерото од отпадот којшто секојдневно се влева во него. За таа цел на шест сливови, коишто се сметаат за црни точки на загадување, се поставени решетки за крупен пластичен отпад, со што се спречува негово слевање во езерото. Како една од приоритетните цели на новата локална самоуптава, според Пецаков, ќе биде и решавањето на долгогодишниот проблем со депонијата, која што ги мачи охриѓани. 

Ветувањата се дека со формирање на регионална депонија за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, која треба да се изгради во општина Новаци-Битола, ќе се реши овој горлив проблем. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2022 година

„Мора да се формира јавно претпријатие за управување со отпад. Процедурата е почната, очекуваме со грант да се реши проблемот, не само за Охрид, туку и за Струга, Битола, Дебарца, Македонски Брод, Центар Жупа, Дебар, Вевчани, Кичево, Могила, Долнени...“, вели Пецаков. 

Добриот дух на Охрид