Пехар на надеж
3 мај 2013Пехарот од Купот во рацете на пресреќните одбојкари беше слика која потсети на златното време на Вардар. Зоран Докузовски некогаш одличен играч, а сега претседател повеќе од четири децении е постојано присутен во клубот. Речиси и да не се сеќава, кога последен пат Вардар и се радувал на една титула:
„Ако ме служи добро сеќавањето, последен пат со пехар в раце бевме во 1993 година, кога станавме шампиони на Македонија. Имавме одличен состав, но тоа беше турбулентно време. Клубот остана без пари и комплетниот играчки состав се пресели во соседството, кај лутиот ривал Работнички. Сега, после точно 20 години го приграбивме пехарот и многу му се радуваме.“
Враќањето на квалитетот е долг процес
Дали ова може да се толкува како процес на враќање на Вардар на врвот на македонската одбојка?
„Знаете, во моментов што владее во македонската одбојка со малку пари може да се стане шампион! Затоа, ова не го сфаќам како некакво враќање на Вардар на старите шампионски патеки. Но, ова е добра основа за правење екипа со подолгорочни резултати. Под покровителство на скопската општина Карпош, а со сесрдна помош на старите вардарови асови Владимир Богоевски и Трифун Трифуновски особено на стручен план, одиме чекор по чекор. Доведовме играчи од неколку македонски клубови, направивме тим, но ова се сепак краткорочни решенија. Главната амбиција е со играчки кадар од нашата одбојкарска школа да селектираме екипа за високи дострели.“
Вардаровата клупска агонија траеше долго. Докузовски е еден од оние, кој не дозволи да се изгасне пламенот што тлееше и клубот дефинитивно да згасне. Кои беа причините за перманентното клупско тонење?
„Имаше повеќе причини. Една од нив е политиката на Одбојкарската федерација на Македонија, која имаше свои клубови фаворити, а за сметка на Вардар.Така, го загубивме главниот спонзор на клубот, моравме да се повлечеме од натпреварувачката сцена, а се’ потешко беше да се најдат извори на финансирање. Имаше и субјективни причини. На пример, слабата поддршка од старите вардарови членови, кои само декларативно му помагаа на клубот.“
Докузовски како играч беше дел од блескавата генерација на Вардар, која стана своевидна македонска спортска икона со титулите во екс-југословенската одбојка, со учеството на завршниот турнир од Купот на европските шампиони во 1976 година! Што беше тоа што го носеше Вардар во европските височини?
„Тоа беше генерација, која се роди. Играчи талентирани, со мали исклучоци генерациски блиски! Почнавме заедно, траевме долго. Но, пред се’ трениравме напорно, дневно и по пет часа и таквата работа мораше да донесе резултати. Имавме и добри услови. Сала на располагање, финасиска стабилност... имавме впечаток дека на фирмите им беше чест да дадат свој финансиски придонес во успесите. Сега состојбите се сосема поинакви, ако нема некаква корист, никој не вложува во спортот. Ентузијастите во спортот можат да се избројат на прсти.“
Дали Вардар е своевидно огледало за целокупната состојба во македонската одбојка? Докузовски вака гледа на одбојкарскиот момент: „Може да се каже дека сите ја делат нашата судбина. Ќе видите клуб, кој обезбедил средства и брзо играчки и резултатски се крева. Но, тоа трае извесно време, додека е присутен спонзорот на клубот. Штом тој си замине, клубот брзо почнува да исчезнува! Затоа во Вардар сакаме да ја промениме ваквата состојба. Клупската школа, анимацијата младите да играат одбојка, квалитетната тренерска работа... сето тоа да бидат факторите за долго траење.“
Квалитетна регионална лига за подигање на интересот
По примерот на кошарката и ракометот и во одбојката се прават напори за регионално натпреварувачко поврзување. Силна лига со партиципација на екипи од овој дел на Европа. Може ли ова да биде поттик за подобар квалитет?
„Со формирањето на ваква лига сигурни би се зголемил интересот. Одбојката има корени во Македонија, се сака , но лигата е слаба и има мал број на гледачи на трибините. Примерите од ракометот и кошарката се добри. Недостига и поголема иницијативност и од одбојкарските федерации од опкружувањето“, заклучува Зоран Докузовски, претседател на одбојкарскиот клуб Вардар од Скопје.