1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петковски: Глигоров знаеше да се справи со радикалните сили

2 јануари 2012

Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието на РМ и лидер на НСДП, ја истакнува заслугата на починатиот македонски претседател Глигоров во осамостојувањето на земјата без испукан куршум.

https://p.dw.com/p/13cqo
Тито ПетковскиФотографија: DW / Stojanovski

Тито Петковски му оддава признание на Глигоров за мудроста во водењето политика со тогашната ЈНА при распадот на Југославија и справувањето со радикалните политички сили во Македонија:

„Киро Глигоров без сомнение е персонификација на современата македонска држава, бидејќи со него почна процесот на осамостојување на Република Македонија и е човекот преку кој се сублимираше општонационалната волја –Македонија да биде суверена држава или како што милуваше да каже- Македонија да биде своја на своето.

Киро Глигоров беше човек со огромно политичко искуство, кој одлично ги разбираше политичките процеси и можеше да ги насочува во посакуваниот правец, а во тоа време правецот беше Македонија да стане дел од светот.

Најважното за него е што водеше мирољубива политика и иницираше преговори за да ги оствари своите стратешки цели - Македонија да стане самостојна држава без војна и крвопролевање.

Македонија стана самостојна држава, што се вели, без испукан куршум, без разлика што во тоа време радикалните политички сили во Македонија отворено изјавуваа дека нема држава без крв и страдања.

Беше мудар во водењето на политиката, што најдобро можеше да се види преку преговорите со, во тоа време, воинствената ЈНА, раскараните лидери на тогашна Југославија и особено со радикалните политички сили во Република Македонија“.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Ж. Ацеска