Богојески: Сакаме опозиција што не е под контрола на Заев
5 септември 2019Петар Богојески, поранешниот заменик- генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, познат и како еден од иницијаторите за реформи во партијата, деновиве објави колумна во која повика на македонски општествен договор, наречен „Македонски концепт“. Станува збор за политичка платформа која инсистира на обединување на опозицијата, но и на нејзино прочистување од старите практики и грешки. Во разговор за Дојче веле тој ги објаснува целите на оваа платформа.
ДВ: Кој стои зад оваа идеја?
Ние сме политички активисти, со различна етничка, национална или политичка определба, но обединети околу идејата за заедничка просперитетна иднина. Секако, една од алатките на дејствување се и капацитетите на ВМРО- ДПМНЕ, но и на сите оние кои ќе се приклучат на оваа платформа.
ДВ: Дали овој турбулентен политички период е соодветен за трасирање на најавениот „Македонски концепт“?
Секоја криза е шанса за нов почеток, нова енергија. Кризата во која се наоѓа Македонија нужно го отвара прашањето – како понатаму без опозиција? Мој став е дека голем дел од моменталните „лидери“ на опозицијата се под контрола на Зоран Заев. Такви луѓе нему му одговараат да бидат опозициски лидери, како на пример лица со повеќе од две кривични пријави, а со тоа ранливи и лесна цел на власта. Од таму и таа опседнатост на „опозицијата“ со СЈО. Демократијата е нефункционална без вистинска опозиција. Потребна е понуда во таа насока. Македонскиот концепт, како платформа или политичка програма е всушност понуда за опозициско обединување и дејствување, наспроти владејачката коалиција. Отворена за поединци, организации, партии... На граѓаните им е потребна реална опозициска понуда, која ќе биде вистинска алтернатива на власта и ќе овозможи политички промени во државата.
ДВ: Ова значи дека понудата на ВМРО- ДПМНЕ не ја сметате за „реално опозициска“?
Господинот Мицкоски одлучи да го зачува курсот на политичко делување зацртан од господинот Груевски. Курс кој меѓународно ја изолира партијата, и во очите на нашите стратегиски партнери таа е една радикална структура која е жесток противник на евроатлантските интеграции. И не само затоа што личните интереси затскриени зад партиските, се ставаат над државните интереси. Сето тоа директно е во полза на господинот Заев. Од тука и потребата од алтернативен концепт, за граѓаните и членовите на ВМРО-ДПМНЕ да направат разлика помеѓу реално и фингирано опозициско дејствување. Треба да е јасно дека „груевизмот“ не е ВМРО или ВМРО ДПМНЕ. Тоа политичко тело беше преземено, окупирано од тој т.н. „груевизам“, а преку него и целата Македонија. Но луѓето, чесните луѓе од ВМРО и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не поддржувале корупција, бандитизам и диктатура. За справување со тоа, мислам дека се потребни општо национални залагања. Кога има земјотрес, сите треба да помогнеме. Ако се делиме помеѓу себе, ќе има жртви.
ДВ: Сте разговарале ли за ова со Мицкоски?
Со Христијан имаме меѓусебно почитување. Ние двајца можеме и часови да зборуваме за политика, но како политички активисти целосно се разликуваме. Јас сум застапник на „Македонскиот концепт“ за иднината на земјава, а тој е застапник на Грашаниновото „Начертание“, кое нема ништо заедничко со историското ВМРО. Дополнително се разликуваме околу визијата за иднината на ВМРО- ДПМНЕ и прашањето за Никола Груевски. Јас имам полно разбирање за него, но не можам да го оправдам за начинот на кој го води ВМРО -ДПМНЕ. Инаку, имаме едно нешто заедничко: и двајцата навиваме за „Вардар“.
ДВ: Кои се клучните вредности на концептот за кој ќе се залагате?
Суштината на тој македонски концепт се државност, благосостојба, слобода и правда. Целите кои сака да ги постигне се просперитетна и бескомпромисно интегрирана граѓанска држава и нација на богати граѓани преку изградба на фер општество во кое ќе има шанса за секого и во кое ќе царуваат правото и безбедноста. Крајната цел е „жива Македонија“, а тоа е држава полна со млади луѓе, на кои во наследство ќе им оставиме три работи – држава, слобода и пари! Прифатлив е само државен патриотизам наспроти етно-националниот, а тоа е возможно само преку започнување и завршување на длабок процес на деидеологизација на македонското општество.
ДВ: Велите дека благосостојбата е возможна преку владеење на правото. Како ќе стигнеме до тој идеал, имајќи ја предвид сегашната состојба?
Има премногу конкретни проекти, но три се од клучно значење. Едниот проект е обештетување на граѓаните поради 30-годишната пљачка спроведена врз нив од сите власти, без разлика на политичка определба. Вториот проект е проверна на потекло на имот за буквално сите избрани и именувани лица во моментов, но и за сите кои во иднина ќе посакаат и ќе се кандидараат за било која позиција. Пред нивен избор или именување, ќе се спроведе постапка за потекло на имотот, и доколку се утврди аномалија, нема тоа да помине само со нивно повлекување на номинацијата, туку ќе се спроведе редовната постапка за оданочување на незаконски стекнатиот имот. Па, повелете да се кандидирате за избор или именување на која било позиција од сите три власти во земјава. Третиот проект е воспоставување на „контролна власт“, односно после избори и формирањето на Владата, опозицијата ќе именува контролна власт – позиции во органи и тела преку кои постојано ќе ја следи и контролира работата на власта. Така ќе се овозможи систем на контрола и баланс во управувањето со државата.
ДВ: Какви други ефекти очекувате да постигнете со оваа платформа, со оглед дека нештата тешко се менуваат. Изминаа 28 години од независноста, а некои детски болести се уште не се прележани.
Оваа понуда очекувам да го симне Зоран Заев од власт, но во исто време да спречи враќање на власта во рацете на Груевски, Мијалков, Протуѓер и Камчев. За тоа Мицковски нема јасна понуда, а ние имаме!
ДВ: Ова значи признание дека битката против „груевизмот“ не е ни започната, штом низ опозицискиот филтер повторно би можеле да се протнат компромитирани кадри. Каде е дефектот?
Меѓународната заедница и антигруевистичкото движење во земјава, направија катастрофална грешка. Целата таа енергија, создадена на база на природниот отпор и револт не само кон лицето Никола Груевски, туку против „груевизмот“ како модел на управување со Републиката и со ВМРО- ДПМНЕ, наместо да ја насочат кон темелна реформа на политичкиот систем на земјата, кој е дефектен и произведува „изми”, тие ја насочија кон СЈО и Катица Јанева. Исклучителна грешка. Започнаа да градат култ на личноста на Катица Јанева, личност која и самата не се познава. Со тоа, отпорот кон „груевизмот“ го направија ранлив, кршлив, лесна цел на груевистите. Доволно беше само да ја скршат Катица Јанева, а со тоа да го скршат цел тој отпор. Цела таа идеја и енергија се „фрлени во Вардар“. Од самиот почеток на очиглед на сите беше дека Катица Јанева не може да се носи со таа тежина, со тој крст. Товарот и одговорноста не соодветствуваат со можностите на личноста на Катица Јанева. И резултатот беше од самиот почеток очекуван, толкав товар лесно ќе ја скрши толку слабата греда.
ДВ: Од каде оптимизим за поширок успех на платформата, кога веќе се уверивте дека тешко се иницираат реформи и во вашата партија?
Процесот за реформи во партијата треба да добие своја завршница. Партијата е целосно под контрола на господин Груевски, кој и по повлекувањето, целосно управува со неа. Со речиси истиот тим. Со истиот концепт. Од друга страна партиското членство покажува огромна доза на страв од промени и од новото, кое нужно ќе дојде. ВМРО- ДПМНЕ со ваков тим на управување, никогаш нема да формира Влада. Но со сила, убавина не бидува. Членовите не се виновни, туку кратковидоста на функционерите. Тој процес за реформи треба да биде издигнат на повисоко ниво, на целосни реформи на политичкиот систем и на изборниот модел во земјата. Тоа е единствен пат да ја зачуваме стабилноста на земјата од перманентните политички кризи. Ако зборуваме за изборен модел, тогаш треба да бидеме визионери. Нашата намера е полна интеграција во ЕУ. Ако е така, тогаш треба европскиот изборен модел да го прифатиме за свој и да го примениме во Македонија. Тоа е една изборна единица, со отворени листи, на кои граѓаните ќе се изјаснуваат за партија и дополнително за еден кандидат од листата кој го преферираат. На тој начин освоените мандати на партиите ќе се распределат на кандидатите кои добиле лична најголема поддршка од граѓаните! Друг значаен бенефит на тој модел е спречување на можноста за „супер мнозинство”, односно за стабилизирање на внатрешната демократија на земјава и значаен баланс на силите во Собранието. Пластично објаснето, ако го земеме резултатот на последните локални избори, во услови на мнозински систем со 120 изборни единици, владејачката коалиција на СДСМ ќе имаше 100 пратеници, што за мене е недозволиво и опасно за демократијата во земјата. Потребен е баланс на силите. Следуваат широки активности со цел „Македонскиот концепт“ и идејата за Обединета Европа да ги направиме поблиски до сите граѓани на Македонија.