1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пензионерите со молба: Дајте ни предност кога чекаме во ред

7 април 2020

Од утре ќе имаме само два часа за движење, па ако се чека ред, би било добро во тој период да добиеме предност од помладите од нас, порачуваат пензионери.

https://p.dw.com/p/3aZax
Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со новите мерки на ограничување на движењето кои стапуваат на сила од утре (среда), лицата над 67-годишна возраст стравуваат дека нема да успеат да ги завршат неопходните обврски во дозволениот термин за движење од 10 до 12 часот. Апелираат до граѓаните кои имаат можност за повеќе часови слободно движење, да им дадат предност на повозрасните при набавка во маркетите, аптеките или на шалтерите во банките, доколку во посочениот период на тие места се создадат редици.

„Немаме ништо против новата мерка на властите. Но, проблемот е што тие два часа за дозволено движење не се ексклузивно наши, туку се совпаѓаат со дел од времето на неограничено движење и на граѓаните кои имаат повеќе од 18 и помалку од 67 години. Во 'нашиот термин' со нив се среќаваме на шалтери, во аптеки, во маркети... Тие имаат време да почекаат ако се создаде редица, но не и ние. Нам времето ни е поограничено“, објаснуваат пензионери.

Повеќе:

Владата се подготвува за „најлошото“, полицискиот час се заострува

Коронавирусот му стави клуч на врата на Заводот за рехабилитација

Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минимална плата

Не се стигнува на две места

Состојбата не била подобра ни кога движењето им беше овозможено од 5 до 11 часот.

„Од 5 до 7 часот реално не може да се заврши никаква работа, бидејќи не се отворени ни продавници, ни аптеки, ни банки. Но, и во периодот од 7 до 11 часот не беше баш едноставно да се завршат неопходните обврски. Јас, на пример, неколку пати се најдов во ситуација да избирам дали ќе чекам ред пред маркет, или пред банка. Ако редот е голем, на двете места не може да се заврши работа. Затоа, упатуваме молба до помладите од нас, ако можат да ни даваат предност доколку пред одредени објекти се чека ред во периодот од 10 до 12 часот“, велат пензионери од Скопје.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Помладите имаат повеќе време, па би било убаво во двата часа определени за нас, да ни отстапат место, молат пензионеритеФотографија: DW/P. Stojanovski

Утрово тие трпеливо чекаа пред банкарска експозитура за да си ги платат сметките, пред да стапат во сила новите мерки.

„Живеам сам. Децата ми се во странство, а во зградата каде што живеам претежно сме пензионери, нема некој помлад да ни помогне. Сам мора да излезам заради набавки или плаќање комуналии. Вчера не стигнав да влезам во банка поради голема редица. Чекав, но дојде 10 и 30 часот, а гледам пред мене има уште пет-шест луѓе. На крајот морав да се откажам, бидејќи, како што гледате, се движам со помош на бастум, бавно, и ми треба речиси половина час за да се вратам дома до 11 часот", објаснува пензионер од Скопје.

Разговорот ни го прекина гласот на банкарскиот службеник.

„Нека влезат едно физичко и едно правно лице“, повика службеникот, откако двајца граѓани веќе излегоа од експозитурата.

„Повелете господине, еве јас Ви го отстапувам редот“, му вели на нашиот соговорник помлада госпоѓа, која ги слушна забелешките на пензионерите.

Со насмевка и „Господ здравје да Ви даде“ упатени до љубезната сограѓанка, пензионерот овојпат успеа навреме да влезе во банката.

Пензии преку пошта

Со исти проблеми се соочуваат многу лица од категоријата „над 67 години“, а превентивата од коронавирусуот налага тие што помалку да излегуваат, бидејќи се најзасегната категорија од Ковид-19. Како да се надмине проблемот - размислуваат и општинските власти. Вчера кризниот штаб во Тетово побара да се изнајде модел пензиите да се добиваат преку пошта, со што повозрасните лица ќе немаат потреба да се собираат пред банките. Истото го побара и кумановскиот Општински штаб за заштита и спасување, не само за пензиите, туку и за социјалната помош.

„Бараме да донесе одлука средствата за социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис директно до граѓаните, за да се надмине постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓаните“, велат од ОШЗС.

Italien - Coronavirus - Neapel
Во Италија карабињерите ќе им ги доставуваат пензиите на граѓаните кои имаат над 75 години Фотографија: picture-alliance/P. Manzo

За да се надминат евентуални редици без соодветна социјална дистанца, Општинскиот штаб ја задолжи Општината Куманово да формира редарска служба од сопствени вработени кои ќе вршат редарска контрола на најпрометните места во градот, а ќе бидат во постојана соработка со СВР Куманово, по потреба и за асистенција. Лицата од редарската контрола треба да бидат видно обележани, а ќе добијат насоки од ОШЗС за начинот како ќе ја извршуваат нивната работа. 

Во Италија, една од најпогодените земји со Ковид-19, отсега карабињерите ќе им ги доставуваат пензиите на граѓаните кои имаат над 75 години сѐ додека на сила строгите мерки за движење, за на тој начин да ја заштитат од зараза оваа најранлива категорија на граѓани. Како што пренесоа италијанските медиуми, „Пошта на Италија“ постигнала договор со карабињерите кои имаат воено-полициски задолженија, да ги доставуваат пензиите за околу 23.000 пензионери на ризична возраст и во најризичниот регион.