Пендаровски нема против мало одложување на пописот
2 февруари 2021„Политичката поларизација ја уназадува државата. Место да ги споиме сите потенцијали, ние ја растураме енергијата, една рака народ останавме во државата. (…) Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, нека биде мај или јуни, но да си подадеме рака“, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ24. Евентуалното одложување, Пендаровски го става исклучиво во игра како можност за политичко помирување во земјата.
Според него, небулозно е тврдењето дека можат да се штелуваат процентите на етничката застапеност на пописот. Ако воопшто е можно, тогаш поголема е шансата тоа да се случи доколку се прави електронски попис, а не од врата на врата како што се планира сега, смета шефот на државата.
„Нашите датотеки ноторно се несигурни и не се пополнети со децении. Ако направиле саглам попис со новите технологии, можеме со мала политичка волја да ги исчистиме дури и за локалните избори гласачките листови“, рече Пендаровски.