Европската економска зона не е замена за ЕУ
15 јануари 2021Европската економска зона е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија. Европската економска зона нуди економски можности и дава можност за отворање на земјата кон заедничкиот европски пазар, но на С.Македонија не и треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство. Ваквиот став денеска го соопшти претседателот Стево Пендаровски во интервју за државната агенција МИА. По анализата во германски ФАЦ, според кој реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, а старо-новата алтернатива која се нуди е членство во Европската економска зона, Пендаровски порачува: „Ставот е – не ни го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но не или-или, туку и-и“.
Нема алтернатива за членството во ЕУ
Пендаровски минатиот месец, на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ откри дека на земјава ѝ било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, според него, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ. „Некои од нас во регионот, можам да зборувам само за Северна Македонија, добивме понуда од многу високи функционери да станеме членка на Европската економска заедница. Јас веднаш ја одбив оваа понуда затоа што овој тип размислување е катастрофален на долг рок“, изјави тогаш Пендаровски.
На истата тема вчера се огласи и германскиот весник ФАЦ. Во него се пренесува ставот дека реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, а старо-новата алтернатива којашто се нуди е членство во Европската економска зона.
-повеќе на темата: ФАЦ: Мали шанси за полноправно членство во ЕУ на земјите од Западниот Балкан
„Прочитав еден авторски текст во еден влијателен германски весник, кој цитира некои влијателни германски парламентарци од ЦДУ, владејачката партија, кои велат дајте на целиот Западен Балкан ако веќе од икс причини ги кочиме на тој пат и како пример го зема нашето последно блокирање кон Европа, дајте да им дадеме Европска економска зона. Меѓутоа, јас да ја повторам формулацијата, која е прилично прецизна кога зборуваме за таа дихотомија Европска економска зона и ЕУ – само ако биде дополнение и ако биде меѓузона кон нашето полноправно членство“; вели Пендаровски. Во спротивно, според него, е неприфатливо „ако не остават само во заедничкиот европски пазар и да кажат збогувајте се за век и веков со ЕУ и полноправното членство и во политичките институции каде што треба да се слуша нашиот глас“.
-повеќе на темата: Холштајн: Нема план „Б“ за С.Македонија - следи отворање на преговорите со ЕУ
Македонскиот претседател објаснува дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не ѝ била понудена само првата опција како замена за полноправно членство.
Економската интеграција не е доволна
Пендаровски минатиот месец кога информираше дека државата ја одбила понудата за членство во Европската економска заедница, меѓудругото предупреди дека сите алтернативи, регионални или строго економски се опасни за земјите од регионот, бидејќи тие немаат долга демократска традиција и многу лесно може повторно да станат плен за автократски режими. Истовремено тој ѝ порача на Европската Унија дека е незадоволителна сегашната ситуација со земјите од регионот, вклучително и Србија и Црна Гора, кои повеќе од седум години преговараат со ЕУ и не се нималку близу до крајот на процесот. „Економската интеграција не е доволна ако не следува политичка интеграција, клучно е да одат тие паралелно, она што недостига во Брисел е практична заложба на ангажиран пристап со што ќе се докаже дека западниот Балкан е голем стратешки и геополитички приоритет“, изјави шефот на државата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше одлуката да се одбие понудата за членство ЕЕЗ и оцени дека станува збор за антидржавен чин.
-повеќе на темата: Пардју за ДВ: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија
Европската екононска зона е формирана во 1994 година. Во неа членуваат сите држави од ЕУ, трите членки на ЕФТА Исланд, Лихтенштајн и Норвешка како и Велика Британија. Зоната овозможува слободен европски пазар, размена на работна сила, слободен транспорт на стоки, услуги и капитал - водејќи се од европската легислатива која важи подеднакво за сите земји.