1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пеле наполни 70 години

23 октомври 2010

Пеле е најмладиот светски првак во историјата на фудбалот и без сомнение најпознатиот фудбалер во светот. Бразилската најпопуларна личност Едсон Арантес до Насцименто, односно Пеле, денес наполни 70 години.

https://p.dw.com/p/PlR6
Бразилската фудбалска легенда ПелеФотографија: AP

Пеле веќе е мит, легенда која досега и надвор од светот на фудбалот. Во Бразил многумина сакаат да ги следат неговите чекори, модерните фудбалери како Кака, Робињо, кои веќе одамна заработуваат милиони евра во големите стадиони ширум светот, но исто така и оние кои играат фудбал во сиромашните бразилски квартови. Пеле успеа... неговиот извонреден талент го доведе до врвот.

Кралот на фудбалот

Edson Arantes do Nascimento
Многумина го сметаат Пеле за најдобар фудбалер на сите времињаФотографија: AP

Бразилците и денес го нарекуваат Пеле „кралот на фудбалот“. ФИФА го прогласи за фудбалер на столетието. Додека растел во едно мало место помеѓу Сао Паоло и Рио де Жанеиро, Пеле, кој не сакал да го викаат така, играл за ФК Бауру.

Кога имал 13 години еден весник пишувал за него, и оттогаш фудбалот е најзначајното нешто во неговиот живот, раскажува тој. На 15-годишна возраст тој почнува да игра во ФК Сантос, кој по негова заслуга во раните 60-ти години станува еден од најдобрите клубови во светот. Кога имал 16 години Пеле дебитира во бразилската фудбалска репрезентација, веднаш постигнува гол и со своите 17 години станува најмладиот светски првак на сите времиња. На Светското првенство во 1958 година во Шведска блесна ѕвездата Пеле. Особено во финалето против домаќинот, тој воодушеви со неговата фантастична и возбудлива игра.

„Морам да станам, инаку не можам да видам ништо. Пеле ја води топката, му ја додава на Загало, кој дава гол со глава. Достоинствена завршница за едно Светско првенство во фудбал“, коментираше спортскиот новинар Херберт Цимерман.

Национален херој на Бразил

Fußballstar Pelé
Пеле беше и бразилски министер за спортФотографија: dpa

Виртуозниот фудбалер стана познат во целиот свет со вкупно шест постигнати гола во четири натпревари на СП, и започна блескава кариера, три победи од вкупно четири учества на СП, и 1.284 голови во 1.375 официјални натпревари.

На 20-годишна возраст бразилската влада го прогласува за „национален херој“, а кога го постигна неговиот 1000-ти гол во натпреварот против Васко да Гама на 19 ноември 1969 година, низ целата земја биеја камбаните. Неговиот јубилеен гол е овековечен на една бразилска поштенска марка. Исто така и Уве Зелер, почесен капитен на германската фудбалска репрезентација, со воодушевување се сеќава на настапите на Пеле:

„Беше задоволство да се гледа како Пеле игра фудбал. Тој постигнуваше се‘ што еден фудбалер може да постигне.“

Пеле исто така основал компанија, работел како телевизиски коментатор, актер, амбасадор на УНЕСКО, министер за спорт, и како пејач.

СП во фудбал 2014 година ќе се одржи во Бразил, а финалето ќе биде на прочуениот стадион Маракана, каде учесниците ќе ги очекуваат бесмртните стапки на Пеле.

Автор: Оливија Фриц / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска