Паѓа поддршката за анти-пиратскиот закон во САД
19 јануари 2012Осуммина американски конгресмени ја повлекоа својата поддршка за законот за борба против пиратеријата по 24-часовниот штрајк на интернет енциклопедијата Википедија, и стотици други еминенти интернет-страници. Според проценката на американскиот портал „Политико“, околу 7 илјади интернет-страници му се приклучиле на протестот.
Меѓу оние кои го повлекоа потписот, се и двајца спонзори на законот. Проценките се дека се мали шансите законот да мине во Конгресот.
Неговите критичари велеа дека со законот драстично се намалува слободата на размена на информации и ќе му наштети на интернетот.
Од друга страна, осуда за потегот стигна од Здружението на американската филмска индустрија. Моќната организација која преку своите лобисти во Вашингтон го протурка предлог-законот, оцени дека повлекувањето на поддршката е неодговорност, а протестот на интернет-страници го осуди како „трик“.
Автор: БГ/ АТ/ ап/ ббц
Редактор: Ж. Ацеска