Патриономија и Етнофилија
29 ноември 2018Доколку ние не можеме во Европа, тогаш да се потрудиме да Европа ја донесеме дома. Авторството на оваа политичка "ако не сака Мухамед кај брегот ...” мудрост му се припишува на Зоран Заев, иако за воља на вистината тој е само последниот од редицата политичари присилени да измислуваат утешителни интегративни План-Б флоскули. Што е впрочем и работа и природа на политичарите. Како и да е, евидентно е дека замислата на Заев за носење Европа дома веќе почнува да се насетува како силуета на хоризонтот. Но, кои се ефектите на ЕУ-НАТО интеграцијата во Македонија, како суплментарно надополнување на " ... тогаш брегот ќе дојде кај Мухамед”?
Пред да ги образложиме практичните последици, збор-два за теоретските аспекти на ЕУ-тинизирањето на Македонија низ призма на трендовите и последиците. Од аспект на теоријата, Македонија не само што е во синхрон ритам, туку можеби и еден експериментален чекор понаред во соочување со последиците од судирот помеѓу двата движечки концепта на современата политичка битка – елитизмот на пазарната држава и популизмот на нео-национализмот. Авторството на терминот на "пазарна држава” му се припишува на американскиот академик Филип Бобит. Кој пазарната држава ја дефинирана преку "уставни, економски и стратешки адаптации кон светот во кој ... се игнорира моќта на државата да ја контролира сопствената економија, а притоа телекомуникацијскиот развој ги игнорира границите и ги подрива националните јазици, обичаи, култури и режими”.
Замислата за подемот на пазарната држава како субститут на националните држави беше образложено како логична надградба по европските војни помеѓу националните држави и нус-ефект потреба во пост-11 септемврискиот свет и појавата на не-државни глобални актери. Во тој нов свет, според Роџер Скратон "нацијата како идентитетски-формирачка заедница ќе ја изгуби водечката улога во дефинирањето на политичките избори и лојалности”. Драматичноста на таквата промена би подразбирала епилог на "политичката лојалност per se и вовед во царство на персонално-интересни преговори во кои пожртвуваноста ниту се бара ниту пак има потреба за неа.” Тоа беше решението за турбулентниот свет на современието. Или пак, таква беше замислата.
Пост-национална „пазарна државност“
Но во реалноста, деценија подоцна, Бобит ќе признае дека "замислената пазарна држава не требаше да се одвива на начин како што сега се случува. Очекувавме победа на либералната демократија која автоматски ќе создаде правичен, мирољубив и инклузивен свет”. Но наместо победа, светот се соочи со нова реалност во која, според Кисинџер, "државaта (како концепт) е ставена во опасност”. При што заканата, според аналитичарите, доаѓа од "застарени идеи на кои новата технологија им има дадено неприродна виталност. Меѓународниот поредок е под закана на национални, етно-културни групи и ентитети категоризирани не според националност, туку религија”.
Други колумни од Арсим Зеколи:
-Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам
-Amnesty Прочка International Balkan
-Анатомија на пост-медиумска Македонија
Имено, егоцентричноста, персонал-профитерската и елитистичката спрега на бизнисот и политиката е ахиловата пета на пазарната држава која однапред ја ништи нејзината мисионерско просветителна улога на помирување на конфликтуозноста и реформа на атавизмот. Пазарната држава не само што не ја разрешува контроверзата на националната држава како реликт од дваесетиот век, туку создава нов транс-национален конгломерат на исклучивост и неказнливост во име на создавање на нов свет во кој се менуваат само носителите на улогите, но не и самите сценарија. Во тој свет, патриотизмот на 20. век се менува со патриномијата (патриотска економија) на 21. век, со тоа директно придонесувајќи кон ревитализација на односот кон националните прашања. Кои за разлика од агресивниот, надворешно вперен национализам на 20. век се реституираат во дефанзивно карактеризирана етнофилија за заштита на сопствените идентитети. Сума сумарум, во таа нова поделба на улогите доаѓаме до замена на тезите. Глобализираната патриономија зависна од економијата и неказнивоста ја дегенерира слободата и демократијата, додека пак етнофилијата независна од економските параметри ја реставрира смислата на националната борба како клетка и прва линија на одбраната на либералната демократија.
Досегашниот теоретски опис на состојбата на духот и телото на западната пост-националата "пазарна државност” би била тешко сварлива за домашните состојби, доколку истата не се преслика врз домашние прилики. И засиленото форсирање на "пазарната држава” од страна на новата власт како субститут на националната држава, така сликовито илустрирана со приодот кон идентитетските прашања на македонците или јазичните барања на Албанците. Но иако теоретски замислени како благопријатни решенија за етно-културните дилеми на домашните заедници, праксата во третманот и односот кон нив го подвлекува сомнежот дека самата идеа на пазарната држава е уште една од лабораторијски безгрешните идеи кои функционираат во теорија, но се едноставно неспроведливи во пракса. Од проста причина што самиот лек, т.е. пазарната држава, е со сомнителни залечителни ефекти за болеста на национализмот. Во таа поделба на улогите, екстремната поставеност како реликт од минатото ги дефинираат природите на сегашните политички струења - СДСМ, ДУИ, Беса на Африм Гаши се репрезенти на пазарната државност, ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците, Беса на Билал Касами на националните држави, додека пак суб-културните протестни движења се рефлексија на национализмот заснован врз наследно-комунитарни, соц-реалистички митологизми. Она што е карактеристично за сите нив (и парадоксално сплотувачки во дух, и покрај вербалните антагонизми) е зависноста од потребата да се негира спротивното како потврда за сопствената исправност и постоење. Но без искрена, докажана етнофилија базирана врз принципилен интровертен и екстровертен либерализам. На кратко, доминантниот и сеопфатен дискурс на политичката сцена е базиран врз илиберална негација на туѓото, не врз либерална промоција на сопственото.
Прескапа цена
Тврдокорноста на опстојувањето на таквите концепти кај нас (идентично како и во Косово и Босна-Херцеговина) е резултат на наследените искуства од поранешната федерација, но и рефлексија на увезените пост-трансатлантски динамики. Односот кон нашите земји и општества од страна на (главно) ЕУ и САД е пример за тоа како замислената идеја на градење пазарна држава станува заложник на сопствените интереси и лабилноста на економијата. Во тој однос, Македонија е сведена на пазар диктиран од лиценцирани менаџери (премиери, министри), селектирани на конкурс (избори), маркетиншки промовирани (преку фондациски зависни медиуми) и пазарно формирани (низ фондацијски зависни НВО-а). Низ таквата поделба на улогите на домашниот естаблишмент се рефлектира пазараната природа на доминионот и пазарната, берзанска зависност на извршителот. Што неминовно резултира во строго контролирана пазарна демократија со калкулирана доза примечивост за циркусен и предвидлив национализам, но со нулта толеранција за емотивна и спонатана инциденталност како што е етнофилијата. Со мала но битна дистинкција. Додека првите се контролабилно зависни од тесногради, профитерски мотиви на делување, вторите се растоварени од такви обврски и спремни за пожртвуваност. Токму факторот кој ја негира доминацијата и смислата на пазарната држава, според дефиницијата на Бобит.
Судирот помеѓу клиентилистичката патриономија (и национализмот како нејзина посестрима) од една страна и етнофилијата од друга ќе ја дефинира политичката динамика во годините пред нас. Новоста во тој судир е тоа што нема да биде диктирано единствено од домашните прилики, туку и од последиците на "донесувањето на Европа во Македонија”. Што подразбира дека во име на ЕУ интеграциите и вредности ќе бидеме изложени и на се посилните контроверзни (ако не и деструктивни) енергии кои веќе ја разјадуваат Унијата одвнатре. Најавените ангажмани на советници од Париз, Берлин, Виена и променадите на Будимпешта, Атина и Софија низ Македонија се само вовед во подемот на надворешни прекурсори за ферментирање на домашни поделби. Впрочем, ценам дека не е воопшто претерано да се каже дека анимозитетот на германските НВО кон американските колеги - и обратно, ривалствата помеѓу домашните невладини од Франција кон Германија или Обединето Кралство кон Австрија, од Холандија кон Турција и од Турција кон целиот Запад имаат нанесено неспоредливо повеќе штета и последици по домашните демократии на Македонија, Косово и Босна од сите реални и замислени руски вмешателства во последните неколку години. Трвењата и инаетењата во рамките на ЕУ, па и НАТО, веќе доаѓаат со прескапа за плаќање цена од наша страна – колку и да се обвиени во евро-нато знамиња. Она што ги спојува е нивната колективна наклонетост кон про-форма мултилатерална соработка со експонентните на пазарана држава и де-факто билатерална национал-државна колаборација со домашните националистички енергии. Поради нивната двосмислена игра, реставрацијата на етнофилијата секако дека ќе оценета како негативна, но сепак изнудена дефанзивна рефлексија.