1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Боите на виножитото и заканите оддалеку

18 септември 2017

Кога ќе стивнат фанфарите, меѓутоа, останува грдата реалност дека припадниците на ЛГБТ заедницата дочекаа уште една парада како една од најдискриминираните групи во Србија.

https://p.dw.com/p/2kB8t
Serbien LGBT-Pride-Parade in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Знамиња, шарени беџови, костуми и насмевки. Шестата Парада на гордоста во Белград собра околу илјада луѓе кои во карневалски стил, под знамињата со боја на виножитото прошетаа низ центарот на градот. Под слоганот „За промена“, организаторите порачаа дека од 2001 година многу нешта се смениле, но не и нивната желба да го сменат општеството. „Создаваме општество во кое не е важно што сме родени различни, туку е важно тие разлики да ги негуваме, општество во кое сме еднакви пред законот, во кое се казнува омразата, а љубовта се слави и општество во кое не љубиш некого затоа што мораш, туку затоа што сакаш“, порача Јована Прусина од Иницијативата млади за човекови права.

Парадата на гордоста по четврти пат се одржува без поголеми инциденти, но со присуство на бројни полициски сили. Во околните улици беа поставени барикади, а полициски хеликоптер го надлетуваше Белград. Приведено е едно лице, а група верници организираа контрамитинг кај црквата на Свети Марко.

„Тоа покажува дека кога се има волја да им се застане на пат на хулиганите кои мислат дека насилството е решение, државата тоа и го прави. Мислам дека за промената во однос на претходните години кога имаше нереди е заслужен надворешниот фактор“, вели за ДВ, новинарот на весникот „Данас“, Милош Миљковиќ кој со години ја следи парадата.

Serbien LGBT-Pride-Parade in Belgrad
Српската премиерка Ана Брнабиќ на Парадата во БелградФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Првпат со премиерката

Дека државата има волја тврдат и нејзините претставници кои дојдоа на Парадата. За првпат со учесниците на Парадата прошета и премиерката Ана Брнабиќ, а со неа и неколку министри и градоначалникот на Белград. „Луѓето имаат право да шетаат и ние тоа право ќе им го обезбедиме“, порача Брнабиќ. Но, парадата не ги запре борбите во политичкиот спектар. Само неколку претставници на проевропската опозиција се придружија на прошетката, иако многумина дадоа декларативна поддршка. 

Зад кулисите сиво

Кога ќе стивнат фанфарите, меѓутоа, останува грдата реалност дека припадниците на ЛГБТ заедницата дочекаа уште една парада како една од најдискриминираните групи во Србија, што се потврдува и во меѓународните извештаи за состојбата на човековите права.

Пред државата остануваат речиси идентичните барања како и минатата година - законско регулирање на истополовите бракови и правните последици од промената на полот. Кога по Неделата на гордоста полицијата ќе се повлече од улиците, се враќа стариот страв за сопствената безбедност. Минатата година беа забележани 79 напади, а дека статистиката ни годинава нема да биде подобра покажуваат трите напади во еден месец врз трансполови лица.

Сѐ уште нема разбирање ни за казнување на говорот на омразата, ни злосторствата од омраза, вели Милан Антонијевиќ од Комитетот на правниците за човекови права. „Тука не се говори за висината на казната, туку за извесноста за казнување на оние кои сториле злосторство од омраза. Заедницата денес може да добие позитивна порака од Владата на Србија, но таа порака мора да оди многу подлабоко кон другите гранки на власта, затоа што тој закон не се носи за да се задоволи меѓународната заедница, туку за припадниците на малцинската заедница да можат на еднаков начин да ги остварат своите права“, вели Антонијевиќ.