1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панама веќе не сака да биде даночна оаза

ЕМФ/дв18 мај 2016

Панама документите пред еден месец обелоденија затајување данок во огромни размери. Сега наводно на тоа треба да му се стави крај. Владата на Панама потпишала договор за размена на финансиски податоци, јави АФП.

https://p.dw.com/p/1IphX
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Bolivar

Панамскиот заменик министер за надворешни работи Луис Мигел Хинкапие го предал договорот за размена на финансиски податоци при посетата на главното седиште на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз, јави агенцијата Франс Прес. Агенцијата притоа се повикува на информации од панамското Министерство за надворешни работи.

Договорот предвидува автоматска размена на финансиски податоци. Со ваквата размена на финансиски податоци меѓу земјите членки на ОЕЦД би требало да се спречат даночно затајување и даночни измами. За Панама членството нема да има практични ефекти пред 2018 година. Панама е даночен рај, затоа што досега ја бојкотира прекуграничната Автоматска размена на информации (АИА). ОЕЦД остро го критикуваше однесувањето на Панама. Владата на оваа централноамериканска земја ги отфрли обвинувањата како „нефер и дискриминирачки“.

214.000 фирми „поштенски сандачиња“

Темата даночно затајување повторно се најде во фокусот на светското внимание со објавувањето на т.н. Панама пејперс, пред еден месец. Меѓународната истражувачка мрежа ИЦИЈ на почетокот на април објави податоци за 214.000 фуирми „поштенски сандачиња“, со кои управувала фирмата Мосак Фонсека на Панама. Нивните сопственици доаѓаат од финансискиот свет, од кругови на политичари ширум светот, како и од криминалното милје.

Политичарите под притисок

Повеќемина политичари кои биле на некој начин поврзани со офшор фирми во Панама дадоа оставки, како исландскиот премиер Сигмундур Гунлаугсон и двајца негови министри. Сите тројца имале удел во офшор фирми, но тоа не ѝ го соопштиле на јавноста. Во врска со офшор фирми на Панама се доведуваат и британскиот премиер и рускиот претседател Владимир Путин. Под притисок на скандалот, панамскиот претседател Хуан Карлос даде налог за основање Експертска комисија која би требало да го покаже патот „кон поголема транспарентност на финансискиот и правниот сектор“.