1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Пактот Хитлер-Сталин ја промени Европа

Кристоф Хаселбах
23 август 2019

Адолф Хитлер и Јозеф Сталин идеолошки не беа блиски. Но, тоа не ги спречи пред точно 80 години да склучат договор за ненапаѓање. Последиците од него во источна Европа се чувствуваат до денешен ден.

https://p.dw.com/p/3OMhY
Bildkombo Hitler und Stalin
Фотографија: picture alliance/AP/Heritage Images/Ann Ronan Pictures

Спогодбата беше прилично цинична, но во почетокот за двајцата диктатори беше функционална. За при нападот врз Полска да обезбеди неутралност на Советскиот Сојуз и да избегне отворање два фронта, зашто од друга страна се закануваа Велика Британија и Франција, сојузниците на Полска, Хитлер со Сталин склопи договор за ненапаѓање. Спогодбата која во Москва всушност ја потпишаа министрите за надворешни работи Рибентроп и Молотов, имаше и економски елементи. Тој на нацистичка Германија ѝ обезбедуваше советски суровини. 

Хитлер на тој начин сакаше да спречи повторување на сценариото од Првата светска војна, кога Германија на крајот доживеа крах поради британската поморска блокада. Сталин од друга страна веруваше дека т.н. Трет рајх ќе се исцрпи во војна со западните сили. Долгорочно тој очекувал дека Хитлерова Германија ќе го нападне и Советскиот Сојуз, а времето дотогаш сакал да го искористи за дополнително вооружување.

Најважните делови од спогодбата Хитлер-Сталин се наоѓаат во тајни анекси: поделбата на земјите на зони на влијание. Така Естонија, Летонија и источниот дел од Полска му припаднале на Советскиот Сојуз, а западниот дел од Полска на т.н. Трет рајх.

Поделба на „интересни сфери“

Неколку дена подоцна, на 1 септември 1939 година, Германија ја нападна Полска. Две недели подоцна истото го направи и Советскиот Сојуз, но од источната страна. Така започна поделбата на источна Европа, со блиска соработка на тајните служби на Берлин и Москва.

Polen Deutschland Geschichte Jahrestag Überfall auf Polen Panzer
Неколку дена по потпишувањето на пактот, Германија ја нападна ПолскаФотографија: ullstein bild - SV-Bilderdienst

Полска повторно исчезна од географските карти. Балтичките држави, кои како и Полска, стекнаа независност дури по Првата светска војна, станаа советски републики. Романија и Бесарабија припаднаа на советската република Украина. За населението на запоседнатите подрачја од двете страни почнал период на прогони и истребувања.

Пактот беше во сила две години, до 1941 година, кога Хитлер, погрешно проценувајќи ги сопствените сили, го нападна Советскиот Сојуз. Веќе во зимата 1941/42 година, Вермахтот започна да губи тло под нозете. А повторно најтешките воени дејства се одвиваа на подрачјето на „интересните сфери“. И пак најмногу страдаше локалното население. 

Рехабилитација на Сталин

Пактот меѓу Хитлер и Сталин трајно го промени лицето на Европа. Според историчарот Јерг Ганценмилер, западните сили не можеле својот партнер во победата, Советскиот Сојуз, да го спречат да го задржи „пленот“ кој го добил со договорот со Хитлер. Дури во 1990 година балтичките држави повторно стекнаа независност.

Без оглед на тоа што им кумувал на новите политички реалности во повоена Европа, пактот Сталин-Хитлер долго години беше заборавен. Во Западна Германија таа епизода играше голема улога при соочувањето со последиците од војната.  Дури по падот на Берлинскиот ѕид, темата се врати во јавноста. Во Советскиот Сојуз, од идеолошки причини, не се зборуваше за некаква спогодба меѓу злосторниците Хитлер и Сталин.

Russland Vostok 2018 War Games | Russland Wladimir Putin, Präsident
Рускиот претседател Путин во последно време не гледа толку негативно на пактот Хитлер-СталинФотографија: Reuters/Sputnik/A. Nikolsky/Kremlin

Но, се чини дека таа спогодба од дневно-политички причини сега доживува рехабилитација. Уште пред десет години, при одбележувањето на 70-годишнината од потпишувањето на пактот, рускиот претседател Владимир Путин во своето „Писмо до Полјаците“ договорот меѓу Хитлер и Сталин го опиша како неморален чин. Но, неколку години подоцна, по анексијата на Крим, Путин за истиот тој пакт зборуваше како за нешто што во тој момент била нужност. И потписникот на пактот доживува рехабилитација: во едно актуелно испитување на јавното мислење, 70 проценти од анкетираните Руси позитивно се изјасниле кога е Сталин во прашање.

Ново-стари стравови

Во Полска и во државите на Балтикот затоа повторно расте страв дека можат да станат жртви на политиката која Германија и Русија ја водат, како што тие сметаат, зад нивен грб. Во тоа спаѓа и изградбата на гасоводотСеверен тек 2, кој би требало да транспортира сибирски гас од Русија во Германија, заобиколувајќи ги балтичките земји и Полска. Вашингтон врши постојан притисок врз Германија да се откаже од овој енергетски проект. 

Меѓутоа, „во овој случај не можат да се повлекуваат историски паралели“, смета историчарот Ганцемилер. „Полска и балтичките држави се многу поблиски на Германија од Русија. Сите тие земји се членки на ЕУ и на НАТО.“ Сепак, Ганцемилер на германската надворешна политика ѝ префрла дека нема доволно чувство за историските стравови на источните соседи.