1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алчноста за податоци на Фејсбук

Матијас фон Хајн Превод: С. Недевски30 јануари 2015

Корисниците од денеска мора на Фејсбук да му стават на располагање уште повеќе лични податоци. Се’ повеќе станува јасно дека користењето Феjсбук станува „договор со ѓаволот“, смета Матиjас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/1ETS3
Symbolbild Symbolbild facebook erlaubt keine Dislike-Buttons
Фотографија: di.slik.es/dacebook/DW

„Ти не си клиент на интернет концерните, ти си нивен производ.“ Вака состојбата убаво ја опиша пионерот на интернетот Џарон Ланиер. Оваа клучна порака е и на насловната страница на неговата книга „Кому му припаѓа иднината?“. Во оваа книга Ланиер, минатогодишниот добитник на Наградата за мир на германското книжарство, ги анализира актуелните трендови во интернет економијата. Резултатот е: Трендот оди во стилот „Big Data" во насока на целосен надзор и понатамошно комерционално искористување. Фејсбук овој тренд го засилува со своите нови Услови за користење, кои во сила стапуваат денеска (30.01.2015).

Кога сме кај иднината, со очекувањата од иднината се тргува на финансиските пазари. А тие вредноста на Фејсбук ја проценуваат на речиси 200 милијарди долари, 65 проценти повеќе од пред една година. На берзата очигледно цврсто се уверени дека Фејбук ќе владее со голем дел од иднината. Тоа не може да им се забележи, бидејќи Фејсбук минатата година оствари профит од околу 3 милијарди американски долари: благодарејќи на рекламите. Персонализираните реклами. Насочени точно кон одредени клиенти според особините добиени преку алгоритмите на Фејсбук. Тие се тајна. Но, колку всушност може да се заклучи врз основа на тоа што корисниците на Фејсбук ќе кликнат „Ми се допаѓа“, објавија научниците од универзитетите Стенфорд и Кембриџ во средината на јануари.

Ми се допаѓа“ ја открива личноста

Американско-британскиот научен тим разви алгоритам со помош на кој по анализа на 100 до 150 клика „Ми се допаѓа“ се доаѓа до поверодостојни информации за карактерот на некој човек, отколку што ги има нивниот брачен партнер. А Фејсбук не не’ познава само по кликовите „Ми се допаѓа“. Ние на својот профил ставаме информации, фотографии, праќаме пораки, пишуваме за своите интереси и страсти. Речиси 900 милиони корисници секојдневно се грижат за тоа профилите да бидат постојано актуелни, околи милијарда и 400 милиони луѓе најмалку еднаш месечно ја посетува оваа мрежа. Но алчноста на Фејсбук за информации не може да ја задоволи ни ова особено големо количество на лични информации. Кај Фејсбук стапуваат во сила нови Услови за користење. Најважна новина е дека Фејсбук сака да знае што прават корисниците на интернет и кога не се на Фејсбук. И Фејсбук сака да знае каде навистина се наоѓаме ние во реалниот живот. Бидејќи, една четвртина од корисниците одат на Фејсбук со помош на смартфони . А што би имало поголеми изгледи за успех од тоа да не’ преплавуваат со реклами на компании кои се наоѓаат токму во нашата близина?

Deutsche Welle Chinesische Redaktion Matthias von Hein
Матијас фон Хајн, автор на коментаротФотографија: DW

„Јади или умри“

Со новите правила на Фесбук се занимаваше дури и германскиот парламент Бундестагот. Во Комитетот за законодавство пратениците и ополномоштеникот за заштита на личните податоци го критикуваа Фејсбук поради неговиот начин на користење на податоците на своите корисници. Но, Фејсбук и порано покажа дека е дебелокожец кога се работи за таква критика- всушност, ништо не е поинаков од Гугл и останатите. Интернетските џинови навикнаа самите да одредуваат правила за дигиталниот свет. Нив не ги интересира националното право. На корисникот, навистина, секогаш му се обраќаат со другарско „ти“, но за негова согласност не го прашуваат. Единствена алтернатива е: да се престане да се користат овие услуги. Колку подолго некој е на некоја социјална мрежа, колку повеќе фотографии поставува, колку повеќе контакти има таму и ги негува, толку потешко ќе биде да ја напушти мрежата. Како што и зависникот од дрога тешко ќе може да се оттргне од оној кој го снабдува со неа. Но, на што човек мора да мисли кога ќе биде другарски ставен пред одлука во стилот „јади или умри“? На „Големиот брат“.