Павлопулос исцрта нови „црвени линии“ во спорот за името
5 март 2018Грчкиот претседател Прокопис Павлополус вели дека предуслов за договор во спорот за името се промена на Уставот во Република Македонија и име без иредентизам. Од новото име на Република Македонија Павлопулос очекува три гаранции: дека нема да имплицира промена на границите, дека нема да имплицира постоење на етнички заедници вон границите на матичната земја, и во иста насока, и промена на името на јазикот.
„Кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област“, изјави Павлопулос.
Грчкиот претседател го критикува и ставот на македонскиот премиер Зоран Заев, кој инсистира договорот со Грција да се заокружи преку меѓународен договор, а не со промена на Уставот.
„Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто?“, ја пренесува изјавата на Павлопулос, агенцијата Миа.