Охридско востание - бунт против Букурешкиот договор
12 септември 2013Охридското востание, според истражувањата на историчарот Никола Жежов, било кренато од револт кон тогашните големи сили и нивното учество во потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција и Бугарија. Тоа било предизвикано од неповолниот развој на настаните и нерешавањето на македонското прашање. Македонската револуционерна организација размислувала за востание, а учеството на албанските револуционерни комитети во бунтот било испровоцирано поради неподносливата положба и на албанското население во западниот дел на Македонија, иако Албанија од 1912 година веќе била автономна држава и имала прв степен на државност.
Формирана е слободна територија
Како и Илинденското востание од 1903 година и Охридското востание започнало еден месец порано од планираното и било крваво задушено. На 17 август 1913 година во Елбасан паднал договорот за заедничка борба на Македонците и Албанците. Претставник на Албанскиот револуционерен комитет бил Сефедин Пустина и тој му дал ополномоштување на охридскиот војвода Петар Чаулев да раководи и со албанските чети. Два дена по почетокот на востанието ослободен е Дебар, а на денешен ден (12 септември ) 1913 година и Охрид. „Охридското востание има ослободителен карактер. Тоа е автохтоно, самостојно организирано востание од Македонците и Албанците. ВМРО и албанските комитети во ослободените населени места со мешано население формирале заедничка привремена управа. Во ослободениот Охрид ВМРО формирала градска управа, составена од најистакнати граѓани и дејци на Организацијата. За самостојниот карактер на востанието зборува и фактот што на зградата на општинската управа во Охрид се веело знамето на Организацијата, нагласува проф. д-р Никола Жежов.
Востанието задушено
„Три дена подоцна војводата Чаулев бил со намера да се упати кон Битола и да ја ослободува, но тогаш грчка војска дошла до Поградец за да им помогне на Србите. Планот бил сменет - наместо кон Битола мешаните чети на 17 септември го ослободиле Кичево. Србите се консолидирале во Битола и со стоилјадна војска и артилерија успеала да ги потисне востаниците од Кичево, а на 20 септември и од Охрид. Така востанието брзо било задушено“, вели Никола Митровиќ, магистер по историја на архивистика.
Во обидот да се расветлат темните петна во македонската историја од поблиското и подалечното минато, со финансиски средства на Владата на РМ паралелно се снимаат повеќе играно-документарни филмови, меѓу кои и документарец за Охридското востание. Според продуцентот и режисер Илија Пиперкоски потрагата по материјали не одела лесно, но и покрај се' 90 проценти од филмот е веќе готов и му останува да ја сними албанската „приказна“ за Охридското востание . „Додека ’копав’ по архивите и се трудев да најдам нешто во Белград и во Софија, наидов на отпор, на негативни одговори. Еден дел од документите се веќе избришани или не се даваат за публикување, бидејќи тие се доказ дека во Македонија имало колонизации, убиства, тортури. За овие работи и по 100 години никој не сака да зборува“, вели Пиперкоски, кој се надева дека документарниот филм ќе биде прикажан наскоро.
Во октомври во Охрид, за Охридското востание на симпозиум ќе дебатираат историчари од Македонија и регионот.