1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид со соларни бродови ќе го заштитува езерото

ДТЗ
22 март 2022

Во период кога езерото е под будното око на УНЕСКО, надлежните најавуваат мерки за заштита на кревкиот еко-систем.

https://p.dw.com/p/48phH
Schiffe in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Охрид, Струга и Поградец со соларни бродови ќе го заштитуваат Охридското Езеро. Во период кога езерото е под будното око на УНЕСКО и му се заканува да биде ставено на листата за загрозено светско наследство, надлежните најавуваат дека наскоро по него би можеле да запловат соларни бродови, со што ќе се заштити кревкиот еко-систем. 

Станува збор за два брода коишто би ги поврзале Охрид, Струга и Поградец. Македонското Министерство за локална самоуправа и Министерството за Европа и надворешни работи од Република Албанија, објавија оглас за ангажирање на експерти. Тие треба да подготват физибилити студија за селектирање на тип на компанија која ќе стопанисува со два соларни бродови во Охридското Езеро, како дел од проект во рамките на ИПА прекуграничната програма Република Северна Македонија - Република Албанија. Крајниот рок за доставување на апликациите е 31 мaрт 2022 година.

Идејата за соларни бродови се провлекува со години наназад. Екологистите во повеќе наврати укажуваа дека ова е еден од начините за да се заштити природата.  

Пред неколку години во Охрид беше презентиран катамаран на електричен погон кој веќе се користи во Хрватска и во некои други поморски земји.Чини околу половина милион евра, а со едно полнење на батериите може да плови речиси цел ден. Се напојува преку соларни панели кои се  монтирани на палубата. Катамаранот се движи со брзина од  17 километри на час, а може да помине 200 километри без никакво надополнување, што е повеќе од доволно за целодневна пловидба.

Еден ваков пловен објект би бил особено значен за заштитено подрачје како Охрид, со оглед на тоа што нема никакви штетни последици врз животната средина.

 

Охридско Езеро: Загрозено светско наследство