Охрид го очекува најбогатиот човек во светот
30 март 2012
Најбогатиот човек на светот Карлос Слим доаѓа во посети Македонија.
Слим, чие богатство според „Форбс“ изнесува 69 милијарди долари, ќе учествува на ИТ конференција во Охрид, што ќе се одржи од 31 март до 2 април. Според најавите, мексиканскиот бизнисмен ќе преседава со состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој формирана од Меѓународната телекомuникациска заедница и УНЕСКО.
Слим заинтересиран за ширењето на бизнисот
На состанокот во Охрид ќе присуствува и висока владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, кој треба да има обраќање пред учесниците. На работна средба со Слим,премиерот Груевски и владините економски министри ќе претстават неколку проекти и инвестиции во информатичкиот сектор, енергетиката, рударството.
„ Се надеваме дека дел од тие проекти ќе бидат интересни за него и ќе останеме во блиски контакти за да може таа деловна соработка да се развие и со надеж дека ќе инвестира во Македонија“, изјави денеска министерот за информатичко општество и амдинистрација Иво Ивановски, член на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој две години.
Според Ивановски, Слим досега не инвестирал во Европа, но тој и неговите компании се заинтересирани да го прошират својот бизнис.
„Како што најави во последното негово интервју во „Њујорк Тајмс“, жално е сите средства што ги има да ги чува за себе и постојано настојува да има прилика да инвестира. Очекуваме дека дел од проектите кои ќе ги презентираме во секторот што тој го води, енергетиката, рударството, ќе бидат интересни за него, наведе Ивановски.
Самит на високата технологија
Состанокот во Охрид е првпат надвор од вообичаената практика на Комисијата да заседава во канцелариите на ОН во Женева, Париз или Њујорк. Покрај Слим, на него ќе присуствуваат и нејзиниот копреседавач - претседателот на Руанда Пол Кагаме, како и комисиските членови, меѓу кои и извршните директори на најголемите светски компании кои се двигатели на информатичкото општество како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.
Мексиканскиот бизнисмен со либанско потекло Карлос Слим Хелу, инаку претседател на Фондацијата „Карлос Слим“, своето богатство го стекна во секторот на телекомуникациите, а сега работи и во трговијата, финансиите, суровините и енергетиката. Минатата година стана сопственик на акции во синџирот продавници „Сакс“ и издавачката куќа „Њујорк тајмс“.