Откриени нови седум планети налик на Земјата
23 февруари 2017Пронајден е систем од седум планети во соѕвездието Водолија (Аквариус) и на некои од нив има услови за постоење живот, објавија синоќа научниците на Американската вселенска агенција (НАСА).
Седумте планети кои се со слични размери како Земјата, се наоѓаат на околу 40 светлосни години одалеченост од нашата планета и орбитираат околу ѕвездата Трапист-1. Ова не е првпат астрономите да откријат планети слични на земјата надвор од Сончевиот систем. Но ова е првпат тие да откријат толку многу такви планети кои орбитираат околу една единствена ѕвезда.
Како што беше соопштено во НАСА, планетите ги открил тимот под раководство на белгискиот научник Микел Жијон од универзитетот во Лиеж.
Споре него, Трапист-1 е џуџеста ѕвезда со големина на Јупитер. Три од планетите кои кружат околу неа се наоѓаат во таканаречената „зона погодна за живот“, каде постои можност за постоење на вода во течна состојба и на живот. Останатите планети се наоѓаат на прагот на „зоната погодна за живот“.
Научниците наведоа дека се потребни дополнителни истражувања на атмосферата за да се утврди дали на овие карпести планети може да опстане некаков облик на живот.
Според НАСА станува збор за највозбудливото вселенско откритие во последните 15 години. Жијон пак оцени дека откритието е само навестување колку планети слични на Земјата се наоѓаат во вселената.
„Има 200 милијарди ѕвезди во нашата галаксија. Помножете го тоа со 10 и ќе го добиете бројот на планети налик на Земјата“, изјави Жијон.