Отворено писмо на Габриел до германските Турци
22 јули 2017„Секогаш се залагавме за добри односи со Турција, затоа што знаеме дека добрите односи на Германија и Турција се важни за вас“, објаснува шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел во писмо објавено на германски и на турски јазик во денешното издание на весникот „Билд“. Габриел во писмото оценува дека пријателството меѓу Германците и Турците е „големо богатство“.
Тој истовремено ги брани критиките кои германската влада ги упати до Анкара поради апсењето на повеќе германски државјани во Турција. На апсењата не може да се гледа немо: „Мора да ги заштитиме нашите државјани“, пишува министерот за надворешни работи. Со оглед на големиот број конфликти со Турција и апсењето на германскиот кативист за човекови права Петер Штојтнер, Габриел во четвртокот најави преструктуирање на политиката кон Турција.
Министерството за надворешни работи среде летна сезона ги заостри предупредувањата за патување во Турција. Освен тоа, треба да се преиспита и економската помош и извозните гаранции за таа земја. Габриел најави и разговори о европските партнери околу натамошното исплаќање европска финансиска помош за Турција, која е кандидат за зачленување во ЕУ.
Германската реакција не е насочена против луѓето во Турција и сограѓаните со турско потекло во Германија.„Сеедно колку се тешки политичките односи на Германија и Турција, за нас е јасно: вие, луѓето со турско потекло во Германија, припаѓате тука, сеедно дали имате или немате германски пасош“, пишува Габриел. Во Германија живеат околу три милиони луѓе со турски корени.