Отворените прашања во Бугарија по изборите
16 ноември 2021Трипати парламентарни избори годинава - тројца различни победници. „Ќе отвориме дијалог за коалициски преговори со сите партии, освен ГЕРБ (на Бојко Борисов, н.з.) и ДПС (партијата на турското малцинство, н.з.)', изјави Кирил Петков вечерта по изборите (14.11). Тој, заедно со својот колега Асен Василев постигна изненадувачка победа на изборите и има најголеми изгледи за премиерската функција.
„Наш природен партнер се Демократска Бугарија, БСП и 'Има еден народ'. Нивните цели и основни принципи се поклопуваат со нашите - да се запре корупцијата и да се смени генералниот обвинител како почеток на функционален правен систем“, рече Петков. Борбата против корупцијата и правосудната реформа беа и тежиштата на кампањата на Петков и Василев и нивната „Продолжуваме со промени“.
„Момчињата од Харвард“, како што се нарекувани двајцата економски менаџери поради местото каде што студирале, беа дел од преодната влада по изборите во април 2021. Летово ги презедоа малите партии „Волт“ и „Европска средна класа“ и ја создадоа предизборната коалиција „Продолжуваме со промени“. За основање и изградба на сопствена партија немаше доволно време до изборите.
„Тие се политички неоптоварени и зрачат со енергија, одлучност и политички кураж“, ја процени силата на новата формација пред изборите Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во Софија. Пред изборите сите прогннози ги гледаа во борба за втората позиција, зад ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој, пак, својот повторен пораз го коментира со зборовите: „Сите веќе го носеа мојот ковчег, но јас сум среќен што сум жив.“
„Продолжуваме со промени“ може да стигне до парламентарно мнозинство само во коалиција од четири партии. Весела Чернева смета дека владата би можела да биде составена до Божик. „Коалицијата ќе биде хетерогена, но во врска со најважните прашања - корупција, правосудство, буџет и менаџирање на корона-кризата - тие не се многу оддалечени. И, додека останатите три партии од изборите излегуваат јасно ослабнати, Петков и Василев веднаш по изборите демонстрираа подготвеност за компромиси, како на пример во делот на распредлба на функциите.“
Фашисоидни тенденции
Но, ниту „Продолжуваме со промени“ ниту „Има еден народ“ не располагаат со стабилни партиски структури. „Мора да изградат структури во целата земја и истовремено да ја спроведуваат реформската програма. Тоа нема да биде лесна задача“, вели Чернева за Дојче веле. „ГЕРБ и ДПС, пак, на регионално ниво и преку врските со стопанството се и натаму силни, тоа е нивен капитал.“
Тоа го покажуваат и останатите изборни резултати годинава. Додека резултатите на т.н. „протестни партии“ на секои избори се менуваа дури до 100 проценти, Социјалистите, ДПС и ГЕРБ останаа константни. Нивните партиски апарати не можеа да мобилизираат мнозинство, но во секој случај имаат потенцијал за блокади.
Повеќе:
По изборите во Бугарија - зрак надеж за почеток на преговорите со ЕУ
Каде е клучот за топење на блокадата на Скопје?
Еуфоријата околу изненадувачкиот победник на изборите не може да ги покрие загрижувачките тенденции. Одзивот од нецели 40% е најнизок во историјата. Парван Симеонов, директор на институтот за истражување на јавното мислење „Галуп Интернешнал Балканс“, во разговор за ДВ пред изборите оцени: „Владее мешавина од замор и рамнодушност, а опасноста од фашисоидни тенденции е реална.“ Колку е реална покажа резултатот на ултранационалистичката и десноекстремна партија 'Преродба', која освои 5,4% од гласовите. „Влегувањето на националистите во парламентот е, се разбира, непријатно, меѓутоа, според европски мерила, поддршката за нив е сѐ уште мала“, вели Весела Чернева за ДВ.
Победата на Радев не е сигурна
На претседателските избори очекувано најмногу гласови освои актуелниот претседател Румен Радев. Тој во вториот круг од изборите ќе се соочи со кандидатот кој има поддршка од ГЕРБ, Анастас Герџиков.
Иако Радев има добри шанси за нов мандат, неговата победа во никој случај не е сигурна, оценува истражувачот на јавно мислење Парван Симеонов. „Таа зависи од поддршката на други партии, како ДПС, БСП, 'Демократска Бугарија' и 'Има еден народ'. Доколку тие повикаат на поддршка за Герџиков, за Радев ќе биде тешко.“