1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри пораки од ЕУ за Унгарија

Бернд Ригерт
13 април 2017

Европската комисија го предупреди унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ја води земјата во погрешен правец. Но, Орбан продолжува со провокативната анти-ЕУ кампања. Бернд Ригерт известува од Брисел

https://p.dw.com/p/2bA1B
Belgien-EU Vize-Präsident der EU-Kommission Frans Timmerman
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Европскиот комесар Франс Тимерманс (на насловната фотографија) одржа невообичаено страстен и личен говор за последните случувања во Унгарија. Како син на холандски дипломат кој од прва рака ја почувствувал атмосферата на угнетување и страв во Будимпешта на почетокот на 1980-те години, кога државата сѐ уште беше зад Железната завеса. „Токму затоа ќе продолжам да се борам за она што значи слобода, отвореност и европска соработка“, порача Тимерманс.
Тимерманс, како комесар задолжен за владеењето на правото, и останатите комесари изразија загриженост за политичките случувања во Унгарија. Дебатата на Колеџот на комесари во Брисел не беше посветена само на новите унгарски закони со кои се наметнуваат рестрикции за универзитетите и невладините организации, туку и за севкупната политичка клима во земјата.
Тимерманс предупреди дека популизмот и национализмот во некои делови од ЕУ понекогаш „добиваат ветер в грб“, но тоа е погрешен начин за решавање на проблемите. Тој ги поздрави протестите против затворањето на универзитетите во Унгарија, особено за Централно-европскиот универзитет, основан и финансиран од милијардерот Џорџ Сорос.
И Тибор Наврачиш, актуелниот комесар на ЕУ за образование, култура, млади и спорт ги критикуваше измените во унгарскиот закон. Наврачиш е инаку член напартијата на унгарскиот премиер Орбан, но смета дека ЦЕУ е една од најдобрите високо образовни инсттиуции во земјата и треба да продолжи да работи.

Орбан во неколку наврати тврдеше дека националните и колективните интереси треба да имаат предност пред либералните и индивидуалистички идеали за кои се залага Џорџ Сорос. Унгарскиот премиер најави дека 2017 ќе биде година во која Сорос и другите сили кои соработуваат со него мора да бидат исфрлени од земјата. Во пишана изјава, владата на Орбан ги отфрли меѓународните критики на законот како „хистерија“.

Ungarn Tausende demonstrieren in Budapest gegen drohende Schließung von US-Uni
Илјадници луѓе протестираа во Унгарија против затворањето на ЦЕУФотографија: picture alliance/AP Photo/T. Kovacs

Дијалог со Орбан

Тимерманс најави дека Европската комисија планира да отвори формален дијалог со Орбан за да оцени во кој правец оди Унгарија и каков е ставот на премиерот во однос на ЕУ. Овој дијалог, врз основа на Основните европски вредности дефинирани во Членот 2 од Лисабонскиот договор, не претставува формална процедура која се отвора при нарушување на владеењето на правото. Унгарија сѐ уште не стигнала до тој стадиум, затоа што заканата за владеењето на правото во земјата сѐ уште не е „систематска“, велат од Европската комисија.
Брисел планира да истражи бројни законски предлози во Унгарија и да одлучи до крајот на април дали ќе биде отворена постапка. Покрај новиот закон за високо образование, за финансирање на невладините организации, за правата на бремените жени на работното место, ќе биде истражувана и дискриминацијата на Ромите во образовниот систем на државата. И новите закони за процедурите за добивање азил исто така отвораат сериозен сомнеж за нивната компатибилност со законите на ЕУ. Нарушувањата на договорите на ЕУ може да биде казнето од Европската комисија и да биде отворен предмет пред Европскиот суд на правдата.
Одвојувањето и дискриминацијата се погрешниот пат и за Унгарија и за другите европски земји, предупреди Тимерманс. Дополни дека комлексноста на општествата е неповратен процес.
„Доколку не видиме напредок во Унгарија ќе реагираме брзо“, заклучи Тимерманс.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија