Остри осуди за состојбата во САД од ЕУ и Германија
2 јуни 2020Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел денеска изрази шок и згрозеност од убиството на Џорџ Флојд во САД, оценувајќи дека тоа е резултат на злоупотреба на моќ.
Борел рече дека полицајците не смеат да ги „користат своите овластувања на начин на кој тоа беше сторено во многу несреќната смрт на Џорџ Флојд. Тоа е злоупотреба на моќта и тоа мора да биде осудено“.
Тој потенцираше дека Европејците „го поддржуваат правото на мирен протест, но исто така го осудуваат насилството и расизмот од секој вид, и повикуваме на де-ескалација на тензиите“.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ги оцени протестите во САД по убиството на Флојд како „разбирливи и повеќе од легитимни“.
„Можам само да изразам надеж дека мирните протести нема да продолжат да водат кон насилство, но уште повеќе изразувам надеж дека овие протести ќе имаат ефект врз САД“.
Мас порача и дека на новинарите мора да им се овозможи слободно да ја вршат својата работа, критикувајќи го насилството врз нив, откако пред два дена во Минеаполис полицијата нападна екипа на Дојче веле, пукајќи врз новинарот со гумени куршуми.