1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри критики од Берлин кон Анкара поради „случајот Јуџел“

БГ
28 февруари 2017

Новинарот Дениз Јуџел веќе 14 дена е во притвор во Турција во очекување на формално обвинение. Германската влада остро реагираше за случајот. Десетици новинари во Турција се во притвор по неуспешниот пуч.

https://p.dw.com/p/2YMZx
Deniz Yücel
Фотографија: picture-alliance/Eventpress

Бурата во Германија по апсењето на германско-турскиот новинар Дениз Јуџел (на насловната фотографија) ја наведе и канцеларката Ангела Меркел јасно да го осуди случајот. Јуџел, известувач на германскиот дневен весник „Ди Велт“ е притворен под сомнение за тероризам.

Меркел ја осуди одлуката за притвор како „горчлива и разочарувачка“.

„Оваа мерка е непропорционално остра, особено што Дениз Јуџел доброволно се пријави пред турскиот судски систем и во прилог на истрагата“, рече Меркел, додавајќи дека „германската влада очекува од турскиот правосуден систем да ја има предвид слободата на печатот, која игра голема улога во секое демократско општество, при одлучувањето за случајот Јуџел“.

Апсењето на 43-годишниот Јучел се случи на 14 февруари и беше последен во серијата апсења на критични гласови во рамките на пресметката на претседателот Реџеп Таип Ердоган со оние кои не се согласуваат со неговата политика.

Претходно, портпарол на Меркел го повика Ердоган да го почитува владеењето на правото и да се однесува со почит кон Јуџел - реакција која во јавноста беше оценета како премногу блага.

Иако сѐ уште нема формално обвинение, случајот на Јуџел е поврзан со хакирањето на имејлот на Берат Албајрак, турскиот министер за енергетика и зет на Ердоган. Јуџел бил испрашуван и за неговото интервју со Чемил Бајик, командант на курдската ПКК, која Турција ја смета за терористичка група. Дополнително, новинарот објави и повеќе критични текстови кон турската влада и нејзиниот третман на Курдите.

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел, исто така, изрази вџашеност во понеделникот, изјавувајќи дека Анкара ги влошува и онака затегнатите односи меѓу Германија и Турција.
„Случајот на Дениз Јуџел фрла остра светлина на различните начини на кои нашите две земји ги применуваат принципите на владеењето на правото и начинот на кој се однесуваме кон слободата на печатот и слободата на мислење“, рече Габриел.

Министерот за правда Хајко Мас се придружи на хорот критики и ја обвини Анкара за опструкција на демократијата. „Критичкото известување е основна компонента на демократското одлучување“. Мас ја обвини Турција дека „затвора новинари кои не и се допаѓаат“ и предупреди дека било какви натамошни преговори за членство во ЕУ ќе бидат невозможни во тие услови.

Во повеќе градови во Германија за денеска се закажани протести под мотото #СлободазаДениз.