Османлии во Германија - тепачката група пред суд
26 март 2018Преку илјада полицајци надоаѓаат речиси бесшумно во темнината. Рано утрината на 13. март тие во три германски сојузни покраини ги опколуваат клупските простории и домовите на членови на еден вид бајкерска група, Османен Германија БК (Osmanen Germania). И околните улици се блокирани, од безбедносни причини. Членовите на групата претежно се од турско потекло и се сметаат за опасни. Од таа причина во акцијата се вклучени специјални единици. Во шест часот раководителот на единицата дава сигнал за почеток. Во истиот момент синхронизирано полицајците во Северна Рајна Вестфалија, во Баден Виртемберг и во Хесен упаѓаат во околу 60 објекти. Нивната цел е обезбедување докази за организиран криминал и за организациската структура на Османите.
Веќе извесно време германските власти ја имаа во визир групата формирана во Хесен во 2015. година, меѓу другото од еден поранешен член на бајкерската група Хелс Ејнџел (Hells-Angel). Османен Германија паднаа во очи поради агресивното проширување на своето поле на влијание. Судирите со други мотоциклистички групи станаа зачестени, а во тие прилики се извршени повреди на ривалите, станува збор дури и за квалификација обид за убиство. Експертите претпоставуваат дека Османен имаат околу 3.000 членови низ цела Германија. Групата пак оперира со бројка од 2.500 членови во Германија, а во светот околу 3.500 - структури се создадени и во Турција, Австрија, Швајцарија и Шведска.
Објава на војна од германските безбедносни органи
Рацијата во трите покраини, во која се запленети компјутери, пишани документи, оружје и дрога, може да се смета за објава на војна од страна на германските безбедносни служби, знак дека нема да се толерира територијалната и експанзијата на моќ на групата. Сега на потег е судството во Баден Виртемберг. Во Штутгарт денеска почнува процесот против раководниот круг на Османен Германија. На обвинителна клупа се осум членови, од кои тројца се во најтесниот раководен врв.
Тие се обвинети меѓу другото за обид за убиство, уцена, присилна проституција и подведување. Но, истрагата има и политичка димензија: покраинската криминалистичка служба на Баден Виртемберг ја истражува заднината на конфликтот меѓу турските и курдските групи. Османен Германија се сметаат за застапници на радикален турски национализам, што ги разликува од останатите мотоциклистички банди во Германија.
Дали Османлиите се диригирани од Турција?
Предмет на истрага е дали Османен Германија се „политички диригирани од странство“, изјави шефот на полицијата на Баден Виртемберг, Клаус Цивај на една прес-конференција: „Поради тоа првпат во истрагата против оваа група вклучивме и помош од органите за заштита на државата.“ Конкретно, во прашање се контакти на Османите со Унијата на европско-турските демократи, која се смета за неофицијална странска филијала на конзервативната турска владејачка партија АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Слични се проценките и на Покраинското министерство за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија. Во негов извештај, до кој дојде Дојче веле, се вели дека Османите се „политички позиционирани“ и на интернет застапуваат „турско-националистички и делумно и десноекстремистички ставови“. Израз на тоа се контактите помеѓу водечки членови на Османен Германија и „претставници на АКП, односно на турското судство.“
Финансиска помош од Турција
Дополнителни детали презентира и шефот на Службата за заштита на уставниот пордок од Северна Рајна Вестфалија, Буркард Фрајер. Во интервју за Втората програма на германскиот јавен сервис ЦДФ, тој рече дека Османен Германија се јавува во улога на „еден вид обезбедување на демонстрации поддржувани од турската влада.“ Голема тежина имаат и обвинувањата изнесени од покраинскиот министер за внатрешни работи, Херберт Ројл. Тој во покраинскиот парламент зборуваше за активности на Османите „насочени против ПКК, левоекстремистички Турци и движењето Ѓулен“, а кои турските власти ги протежираат како „сузбивање на терор“.
Прочитајте уште:
Ердогановата листа за отстрел?
Ваквите изјави се поткрепени и од ЦДФ и весникот Штутгартер нахрихтен, кои известуваат за постоење докази кај германските безбедносни власти за испратена финансиска помош од страна на пратеник на АКП до раководниот кадар на Османен Германија. Турскиот пратеник бил вклучен и во организацијата на ланските протести против усвојувањето на Резолуцијата за осуда на турскиот геноцид во Ерменија во германскиот Бундестаг, во кои учествуваа и Османите.
„Ќе ја преземеме целата земја“
Групата Османен Германија ги негира обвинувањата и покрај силниот доказен материјал. Иако нејзините членови, исто како и оние на Хелс Ејнџел или на групата Бандидос, носат кожни јакни со логото на клубот и се исто така хиерархиски организирани, нанадвор се презентираат како „боксерски клуб, кој се грижи за младината.“ Тоа треба да значи кратенката БК во името на клубот. За експертите и Службата за заштита на уставот, Османен Германија БК напротив е група криминалци со миграциско потекло, која засилено ги истиснува најчесто германските т.н. бајкери.
На интернет Османите се презентираат победоносно и воинствено. Во едно Јутјуб видео во црно облечени боди-билдер типови, широки колку и високи, мавтаат со тупаници, вперуваат пиштоли и пушки во камерата. Во рап-ритам еден длабок баритон вели: „Ќе ја преземеме целата земја“. „До последна капка крв“ ќе се борат „бестрашните борци“, секогаш подготвени, „да примат куршум упатен кон нивните браќа“. На Фејсбук-профилот стои мотото: „Непријателите доаѓаат и заминуваат, но ние сме лојални и остануваме!“ Останува да се види дали оваа декларативна самоувереност ќе остане зачувана и по истрагата на германските безбедносни органи и судскиот процес.