1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатија и доктрина

25 март 2021

Медицинарот на привремена работа во дипломатијата сѐ уште има време за давање свој белег и печат, доколку сака. Колумна на Арсим Зеколи.    

https://p.dw.com/p/3r5Su
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Среде сите тековни урнебеси на домашната политичка сцена, два лика отскокнуваат по својата ангажираност и смиреност, профилирани како нељубени, но неопходни столбови на внатрешната и надворешната политика. Првиот е Талат Џафери, спикерот на Собранието и дежурен внатрешнополитички громобран за прифаќање на гневните молњи од власта и опозицијата. Вториот лик е министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во последните неколку месеци потсетува на вицот за Ханс Дитрих Геншер во прелет над атлантскиот океан. Денес, Османи е поводот за размисли околу надворешната политика на нашата држава.

Гледано во ретроспектива, Македонија немала толку активен и агилен надворешнополитички актер уште од времето на претседателот Борис Трајковски., чија срдечност, скромност, позитивност и оптимистичност беа широкогорадо прифатени и ценети ширум трансатлантските канцеларии на највисоко ниво. Непротоколарноста на Трајковски и библиската свест за сопствената (не)моќ како „кајче среде океан” беа фактор на симпатии од Белата куќа до Елисејската палата. Но и причина за потсмев кај домашната нарцис-елита, загноена од љубомора кон таквата битност на „недоделканиот”. Седум месеци по неговото именување, Османи би можел да се најде себеси во описот на прерано заминатиот претседател-дипломат.

Безбојноста на Османи како хендикеп и благодет

Што е Османи денес? Широкоградо прифатен надвор, како што може да се заклучи од листингот средби во последните месеци, од Атина до Мадрид, ширум регионот и заокружено со последното учество на средбата во НАТО. Споделено љубоморно омразен дома, од дијаметрално спротивставени причини. Будно следен со завист во сопствената партија и закрвавените кланови на кои им пречи каква било факторизација надвор од клановските пресметки. Уште побудно следен од македонските партии и медиуми, љубоморно збунети од неговата пробивност и  незадоволни што некој таму интегрист ја разбива трпеливо градената надворешнополитичка фатаморгана за неквалификуваноста на албанските политичари. Османи нема премногу сојузници на домашната политичка сцена. Што е и неговиот најголем адут во стекнување доверба и поддршка од меѓународната заедница, која во него ја препознава златната средина на избалансираност и умереност среде ситните пресметки на неговите сеирџии.

Втората причина за популарноста на Османи во дипломатските кругови е повеќе резултат на средината и последица на неговиот имиџ. Во една од претходните колумни укажав дека сивилото, безбојноста, бирократичноста на Османи е неговиот најголем хендикеп на внатрешната политичка сцена, но е воедно благодет за неговиот надворешен дипломатски ангажман. Посебно доколку доаѓа од земја и регион преполн со колоритни, медиумски напумпани, екцесно наклонети, глаголиво превртливи и емотивно набиени политичари и дипломати. Во такви околности, сивилото на претставништвото се цени како смиреност, конструктивност и одговорност во репрезентацијата на усогласените ставови на државното раководство, со минимум простор или желба за солирање. И над сѐ, гаранција дека комуникацијата помеѓу државите ќе биде кредибилно пренесена во двата правци.     

Чинам дека надворешните набљудувачи на нашата политичка сцена ја имаат препознаено таа карактерна нота на Османи уште при неговиот прв надворешнополитички ангажман и дискретно неформална меѓувладина комуникација при неговите посети во Грција во време на кабинетот Груевски. Напорите на неговите опоненти во предизборието да го оцрнат и претстават како „министер задолжен за Москва и Будимпешта” очигледно беа предизвикани од загрозувањето на клановските интереси, но без ефект врз неговиот имиџ пред меѓународната заедница, која во него има препознаено соговорник вреден за доверба.

Конечен суд на крајот

Според сето кажано, Османи заслужува пофалби за неговиот досегашен надворешнополитички ангажман среде непријателски настроена домашна политичка и медиумска сцена. Но конечниот суд за неговиот придонес следи на крај на неговиот мандат и оценката за успешноста во креирање на нова надворешна политика, согласно промените кои се имаат случено во статусот на земјата која ја претставува. За жал, епизодите со номинацијата на Фрчковски, отсуството на претставници во центри на одлучување и стратешки партнери, воено-безбедносната неподобност на нашите претставници во НАТО, несфатливата еластичност во однос на нашите приклучувања кон стратешките сојузници во однос на споделените ривали, се само дел од низа фактори кои потврдуваат дека сме уште далеку од рекалибрација на надворешната политика и градење на стратегија за нејзината имплементација.     

Конкретна илустрација за тој расчекор е правовремената реакција на Османи во однос на приведувањето на руските агенти од страна на Бугарија и искажаната солидарност како земји членки на НАТО. Но еден твит е недоволен за да се игнорира молкот на нашата Влада и посебно на Министерството за одбрана во искажување солидарност со земја сосед и партнерка во Алијансата. Што укажува на сомнежот дека и покрај популарното абење на слоганот „Ние сме НАТО“, во реалноста на нашата политика сѐ уште не е созреана свеста за важноста на Членот 5 на Алијансата, како во однос на нашата безбедност, така и во однос на безбедноста на другите земји членки. Нереагирањето на МО паѓа на сметка на надлежната министерка, но отсуството на домашната политичка свест за овој нов камен-темелник на новата надворешнополитичка стратегија паѓа и на контото на МНР. Упатно е затоа нашиот надворешнополитички апарат поподробно да ги проучи модалитетите на соработка помеѓу балтичките земји и нивните дипломатски постапки во градењето на силна кохезиона оска на дејствување по прашања од заемен интерес, настрана од меѓусебните точки на несогласување.   

Моќта на армијата

Во тој правец, нашето МНР би требало внимателно да ја проучи вчерашната порака на државниот секретар Ентони Блинкен дека „со нашите армии (во НАТО) постигнуваме повеќе отколку што би можеле без нив”. Армиската соработка во рамките на НАТО е нов инструмент на надворешна политика која може да биде од огромна корист и во разрешување на меѓудржавните политички недоразбирања или спорови. Моќните армии ја ценат улогата на дипломатијата, дури и повеќе од самите политичари. Пример за тоа, многу поучен и за нас, се изјавите на тврдиот војник и поранешен секретар за одбрана Џон Матис дека „доколку не обезбедите целосен буџет за Стејт Департментот, тогаш ќе мора да купувам повеќе муниција”, јасно укажувајќи на превентивната важност на дипломатијата во обезбедување мир и стабилност преку дијалог и соработка. За нас, како мала земја со скромни ресурси, користењето на армијата во склоп на надворешната политика може да биде од огромна корист во изнаоѓање и користење на нови, ефективни канали на комуникација и влијание.

Други колумни од авторот:

Камчев е камче

Т’зи дупка, сепак дупка

Падна и Власта

Годишнината од нашето членство во НАТО е прикладно за честитање и славење, но и навремено потсетување дека ние веќе не сме и нема да бидеме третирани како порано. Комотноста на стоење под чадорот на сојузничката одбрана мора да биде надополнета со предизвикот на прашањето: што нудиме ние за возврат? И уште побитно - која е нашата препознатлива карактеристика на земја-контрибутор, нашиот трејд-марк, нашиот квалитетен фактор во рамките на алијансата? Од геополитички аспект, нашите соседи се препознатливи како гарантори или фактори во определен регион – Бугарија во секторот на Црното Море, Грција во Медитеранот, Албанија во Отранскиот Теснец. Балтичките земји во однос на Руската Федерација и Украина, земјите од медитеранскиот појас во однос на Магреб и субсахарска Африка, нордиските земји во однос на Арктикот и.т.н. Нашиот хендикеп на неизлегување на море е недостаток кој може да биде надминат преку низа фактори, не помалку битни од наведените примери. Нашата маргиналност може да биде факторизирана, нашата колоритност може да биде пробивна, нашата скромност може да биде притаена сила, нашите искуства можат да бидат решенија, зависно од домашната надворешнополитичка визија и дипломатската умешност и снаодливост за нивно инкорпорирање во полза на колективната безбедност. Потфат кој подразбира повеќе храброст и луцидност во самопромоција и наметнување преку вклучување на неискористените, отфрлени, потценети ресурси во општеството.

Факторизирање на маргиналноста

Ерата на „пост-студеновоената“ дипломатија на конференции и самити полека замира, враќајќи со кон теренската дипломатија на директна борба за „срцата и мозоците” на луѓето. Нашата нова надворешна политика и стратегија е хендикепирана од наследената статичност на дипломатскиот сервис забарикадиран низ амбасади и конзулати, параноично вкочанет од долгата кариер-асасинска рака на домашната политика, демотивирани за каков било исчекор надвор од „работно време од 8 до 17”. Неопходната реформа подразбира изнаоѓање баланс помеѓу зачувување на протоколарната хиерариска претставителност и дискретното куражење на креативно, меко-моќно делување на пониско ниво, секогаш во рамките на дозволеното и договореното. Недостатокот на физичко присуство низ меридијаните мора да биде надоместено со именување at large, летечки дипломатски претставници со мандат подолг од оној вообичаен за амбасадорите. Нашата маргиналност во светската јавност и стравот од пелтечење мора да биде парирана со воспоставување на редовни неделни брифинзи на МНР. Низ кои секако ќе грешиме, подеднакво колку што и ќе учиме за да бидеме подготвени, подучени и спремни за следните предизвици на (догледното) претседавање со ОБСЕ и (белким) ЕУ. Накусо, нашата надворешна политика подразбира крај на криењето од себе, бегањето од неминивното и избегнување на вршење на дејност како сиот останат свет.

По сила на политичките договори, Османи си обезбеди место во историјата како прв Албанец министер за надворешни и слика врз ѕидот на првите дипломати на независна Македонија. Доколку тоа му била амбицијата, нека му е честито. Успех постигнат на сметка на - барем досега - пропуштената можност да остане запаметен како основоположител на долго очекуваната, насушно потребна нова доктрина на надворешната политика на Македонија. Можеби и именувана и запаметена според неговото име и потпис. Медицинарот на привремена работа во дипломатијата сѐ уште има време за давање свој белег и печат, доколку сака. Во изборот помеѓу средбите на високо ниво и изработката на нови доктрини, вистинските дипломати, без нималку размислување, секогаш би го одбрале второто.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач