1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободен американски војник од заробеништво кај талибанците

ЖА/миа/дв/дпа/ртре1 јуни 2014

Американскиот војник Боув Бергдал, кого талибанците го држеа заробен од 2009. година, повторно е на слобода. САД во замена за него ослободија петмина талибанци.

https://p.dw.com/p/1CA5n
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Американскиот претседател Барак Обама и родителите на ослободениот Боув Бергдал синоќа со емотивни зборови им се заблагодарија на сите кои помогнаа во ослободувањето на војникот.

„Боув во ниеден момент не беше заборавен. Во име на американскиот народ, ми беше чест што можев да им се јавам на неговите родители и да ја изразам мојата радост за неговото безбедно враќање. Свесен сум за храброста и жртвата што неговите родители ја дадоа за време на оваа агонија, како и за многубројните војници кои беа заробени или се исчезнати во досегашните војни. Враќањето на поручникот Бергдал е сведоштво дека Америка е цврсто посветена да не остави ниту еден маж или жена во униформа зад себе, на бојното поле“, изјави претседателот Обама, кој воедно му се заблагодари на емирот на Катар за неговата помош во враќањето на Бергдал.

САД ослободија пет талибански исламисти, кои ги држеа во воената база Гвантанамо Беј, во замена за војникот Боув Бергдал (28), кој изминатите пет години беше држен како заробеник на талибанците во Авганистан. Размената, која поминала мирно, била извршена вчера.

Талибанците го предале војникот Бергдал на американски специјални војници во зона на границата со Пакистан. За возврат, САД ги предале петте заробени талибанци на безбедносни агенти на државата Катар, каде тие ќе живеат под надзор во текот на следната година. Бергдал по ослободувањето е упатен на лекување во воената база Ландштул во Германија.

Семејството на Бергдал се посвети на потрага по својот син, а таткото Роберт дури научил пашту, на честите патувања во Авганистан. Тој вчера изјави дека телефонски се слушнал со неговиот син по ослободувањето и дека зборувале на пашту јазикот, бидејќи Боув има потешкотии да комуницира на англиски, поради долгото заробеништво.

Војникот бил држен од страна на таканаречената Хакани мрежа, група на талибанското движење која дејствува на границата меѓу Авганистан и Пакистан. Бергдал е разменет за петмина високи команданти на талибанското движење, кои биле заробени додека се бореле против американските сили во Авганистан. За едниот од нив, Каирква, се смета дека имал и директна врска со убиениот терористички водач Осама бин Ладен. Размената и ослободувањето на овие луѓе веднаш наиде на остри критики.

Obama mit Eltern des freigelassenen US-Soldaten Bowe Bergdahl
Барак Обама со родителите на ослободениот војник БергдалФотографија: Reuters

„Очекувам да слушнам какви чекори се преземени за да се обезбедиме дека овие сурови и опасни талибански екстремисти никогаш повеќе нема да учествуваат во борба против САД и нашите сојузници, или пак ќе го поткопаат мирот и безбедноста во Авганистан“, изјави сенаторот Џон Мекејн, и самиот воен заробеник за време на војната во Виетнам.

Конгресмените Хауард Мекеон и Џејмс Инхоф оценија дека размената, односно ослободувањето на петте талибански команданти, со сигурност е спротивна на американските закони, пред се поради барањето Конгресот да биде информиран за секој трансфер на заробеници од базата Гвантанамо најмалку 30 дена однапред. САД се надеваат дека катарските безбедносни служби ќе држат строга контрола врз петте ослободени талибанци, кои во текот на најмалку една година нема да смеат да ја напуштат оваа арапска држава која е американски сојузник.

Бергдал, по потекло од сојузната држава Ајдахо, е војник на 25-ата пешадиска дивизија, кој исчезна од неговото стражарско место во градот Јахја Кел во Авганистан во летото 2009 година. По неговото исчезнување, армијата соопшти дека тој самиот го напуштил стражарското место, под нејасни околности, а набргу потоа талибанците почнаа да објавуваат снимки од заробениот војник и да бараат пари и ослободување на нивни заробеници во замена за Бергдал, за кого велат дека го нашле пијан и изгубен.

Самиот Бергдал, во една од снимките, тврди дека бил заробен откако заостанал зад своите соборци за време на патрола. Во секој случај, тој е единствениот американски војник кој се водеше како заробен од непријателот во Авганистан. Ослободувањето доаѓа набргу откако претседателот Обама најави повлекување на најголем дел од силите од Авганистан и запирање на воените операции во текот на годинава, а целосно повлекување до крајот на 2016 година.